Зголемена слезина – Спленомегалија

0

Спленомегалијата или со други зборови зголемената слезина претсавува важен објективен знак на кој лекарот мора да помисли доколку при физикален преглед  на абдоминална палпација почуствува туморозно променети граници на орган во пределот на левиот ребрен лак. Во таков случај лекарот е тој кој што треба да помисли зошто и од каде настанала ваквата промена во организмот. Но пред се тој мора да се увери дали зголемената слезена е последица на некоја претходна болест како на пример маларија или субакутен бактериски ендокардитис.

Спленомегалијата е состојба која најчесто настанува како резултат на друга болест. Значи најчесто е последица или компликација на нешто што е првобитно односно е најчесто секундарна состојба и затоа уште на самиот почеток при решавање на загатката не треба да се помисли одма на тоа дека е таа првобитно зголемена, односно дека е примарна состојба, зашто како таква е многу ретка. Во долунаведениот текст се опишани практични примери за нејзино дијагностицирање.
Во случај на акутна фебрилна состојба пратена со спленомегалија, лекарот би требало да помисли на присуство на абдоминален тифус, паратифус или инфективна мононуклеоза, а доколку физикалниот преглед не е доволно добар како резултат на неискуство или деконцентрација лекарот автоматски би помислил на пневмонија или грип, затоа што тие болести исто така одат со силно покачена температура. Но спленомегалијата може да настане и како последица на срцева грешка, односно може да биде последица на субакутен бактериски ендокардитис.
При ваква состојба секогаш треба да се направи комплетна крвна слика затоа што со тоа би дознале дали е таа последица на некоја хематолошка болест. Покрај комплетна крвна слика потребно е да се испита и функцијата на црниот дроб (одредување на билирубин, серумски протеини, тимол, трансаминази итн), затоа што спленомегалијата често оди со истовремено зголемување и на црниот дроб односно хепатомегалија(портална хипертензија). Поради тоа е многу важно во таква состојба добро да се одредат границите и на црниот дроб и на слезената.
Големината на слезената игра многу важна улога во толкувањето на тоа што би можело да предизвика таква состојба. Многу голема слезина може да се сретне во случаи на милеоидна леукемија, миелосклероза, кала-азар, хронична маларија, конгестивна спленомегалија, лимфосарком и кај тезауризмозите пример Гошеровата болест. Исто така слезената може да биде зголемена и при лимфогрануломатозните болсти, полицитемија рубра вера и ендокардитис лента. Во случај на акутни инфективни состојби слезената никогаш нема големи размери и најчесто по оздравувањето не се палпира.

Доколку зголемувањето на слезената остане дилема, потребно е да се направат одредени дијагностички постапки како што се:

  • Пункција на лимфен јазол (наод на Leishmania donovani / кала-азар; наод на Reed-Sternberg-ови клетки / Хочкинов лимфом).
  • Стернална пункција (наод на Leishmania donovani; наод на Гошерови клетки; клетки на мултипен миелом – плазмоцитом).
  • Пункција на самата слезена (наод на Leishmania donovani; наод на Гошерови клетки; клетки на лимфосарком или ретикулосарком; наод на Reed-Sternberg-ови клетки;

Понекогаш и после толку изведени дијагностички постапки, причината за спленомегалија останува неоткриена. Некои пациенти така живеат со години и при тоа можат да бидат здрави без никакви субјективни симптоми. Иако таквите пациенти се контролираат, најверојатно зголемената слезина им е последица на претходна инфекција.

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Александар Милосављевиќ е роден на 09.10.1989 во Скопје. 1996-2004 ОУ “Љубен Лапе” – Скопје. 2004-2008 ДСУ “Марија Кири Склодовска” – Скопје. 2008-2014 Медицински Факултет – Скопје. 2011 Волонтер во Хируршката Клиника “Св.Наум Охридски” во Скопје на одделот за Урологија. 2012 Волонтер на КАРИЛ во клинички центар “Мајка Тереза” – Скопје. 2014 Волонтер на Институтот по Клиничка Фармакологија и Токсикологија во Скопје. 2013-2014 Стажирање во клинички центар “Мајка Тереза” и Хируршката клиника “Св.Наум Охридски” – Скопје. 2009 Учество на симпозиумот “Новости во Педијатрија” во Скопје. 2012 Учество на 36-от Интернационален медицински научен конгрес на студенти по медицина и млади лекари во Охрид. 2011-12 Добива државна стипендија. 2012-14 Добива приватна стипендија од фондацијата “Трајче Мукаетов” – Алкалоид. ЈАЗИЦИ Српско-хрватски, англиски и моментално изучување на германски. СТРУЧНИ ИНТЕРЕСИ Кардиологија, Неврологија, Неврохирургија, Психијатрија и Клиничка Фармакологија. Александар за Доктори: Мило ми е што ја имам честа да бидам дел од Доктори.мк, еден прекрасен портал кој овозможува да се едуцираме, доучуваме и осознаваме различни видови информации од областа на медицината, стоматологијата, фармакологијата и психологијата. Порталот го има тој потенцијал да ја подигне свеста кај народот за осознавање и спречување на разни видови болести, а со тоа да има подобрување на здравјето и унапредување на животот. Се надевам дека и моите статии ќе придонесат во остварувањето на тој потенцијал.