Сексуално преносливи болести – Прв дел
Колпитите се најчестите гинеколошки болести. Секоја втора пациентка која бара гинеколошка помош е со колпит. Колпитите се среќаваат од детската возраст (јувенилен колпит) до длабоката старост (сенилен колпит). Најчест е кај помладите, сексуално активни жени (девојки), каде најчести причинители се сексуално преносливите инфекции.
Етиологија: Најчесто колпитите се предизвикани од инфективни агенси. Многу поретко првичната причина е од физички (врело вагинално промивање, рентген зрачење и др.) или хемиски агенти.
Најчести инфективни причинители на колпит се:
- габи (Candida albicans);
- Trichomonas vaginalis;
- бактерии – Gardnerella vaginalis во асоцијација со цревна аеробна и анаеробна флора;
- вируси HSV-2 и HPV.
Colpitis candidomycotica
Епидемиологија: Денес вагиналната кандидомикотична инфекција е водечка причина за колпит. Тоа најчесто се должи на широката употреба на антибиотици, перорални хормонални контрацептиви, кортикостероиди и поретко имуносупресори.
Етиологија: Причинителите се фитопаразити – габи, најчесто од родот Candida (C.albicans, C.tropicals, C.krusei и др.).
Патогенеза: Навлегувањето на габите во вагината настанува по два пата – автоген и егзоген. Автогениот пат настанува поради соседството со анусот (т.н. ректо-вагинална контаминација). При егзогениот пат, габите се внесуваат од инфектирани сексуални партнери – сексуално пренослив пат. Габите во вагината можат да бидат елиминирани од заштитниот механизам на вагината и воопшто да не настане заболување. Но, при определени услови габите засилено се размножуваат и контаминацијата преминува во инфекција.
Такви услови создаваат:
- високото ниво на гликоген во влагалиштето по време на бременост, дијабет, перорална хормонална контрацепција;
- потисната ацидофилна вагинална флора при употреба на антибиотици;
- намален општ или локален имунитет – употреба на кортикостероиди, имуносупресори, СИДА.
Клинички симптоми: Според времетраењето и начинот на изразеност на клиничните симптоми, се разликуваат акутни и хронични микотични колпити.
Акутен колпит (Colpitis mycotica acuta. Soor vaginae)
Освен вагината, засегнати се и вулвата и перинеумот. Субјективните симптоми најчесто се:
- вагинално чешање;
- вулварна дизурија (отежнато мокрење);
- засилена вагинална секреција со мирис на скиснато.
Објективно малите усни се зацрвенети и отечени. Вагината е огненоцрвена со беличасти налепи.
Хроничен колпит (Colpitis mycotica chronica)
Субјективните симптоми се: засилена вагинална секреција (флуор) и интермитентно вагинално чешање. Објективно вагиналната секреција е гнојна. Вагината е дифузно црвена. Симптомите се засилуваат најчесто околу менструалниот период или после сексуален однос. При внимателна анамнеза на половите партнери на пациентките се доаѓа до заклучок дека и тие страдаат од т.н. контактни баланити (чешање, црвенило на glans penis и на препуциум) после полов контакт.
Терапија: Денес располагаме со широка палета на локални и општи антимикотици, кои треба да се употребуваат индивидуално. При акутната форма се употребуваат локални антимикотици (Canesten, Zalain, Nizoral, Daktacort, Lomexin, Nystatin, Pevaryl и др.) под формата на вагиналети и крем. За да се избегне сексуална реинфекција се препорачува и двата сексуални партнери да се лекуваат едновремено. При хронична инфекција освен локални, се употребуваат и општи антимикотици (Nizoral-Ketoconazole, Diflucan, Orungal, Mikomax, Fungolon и др.).
Колпит предизвикан од Trichomonas vaginalis – Colpitis trichomonalis
Етиологија: Оваа вагинална инфекција се предизвкува од зоопаразит Trichomonas vaginalis.
Патогенеза: Во зависност од патогеноста и од имунобиолошката реактивност на човечкиот организам, инфекцијата може да протече како безсимптоматско заразоносителство и акутна инфекција. Мажите најчесто се безсимптоматски заразоносители, многу поретко може да предизвика уретрит, епидидимит или простатит.
Клинички симптоми: Инкубациониот период е од 4 дена до 3 недели. При остар трихомонален колпит субјективните симптоми се: обилен воденест секрет со непријатна мирис, дизурија, тежина и непријатно чувство во карлицата, т.н. пелвичен дискомфорт. Објективно вагиналниот секрет е обилен, со жолтозелена боја и многубројни ситни воздушни меурчиња (т.н. газиран вагинален секрет). Вагиналните ѕидови се петнесто црвени – colpitis macularis. При хроничен колпит субјективните симптоми се послабо изразени, а макуларниот колпит може да се дијагностицира само со колпоскопија.
Терапија: Лекувањето е со перорални таблети и вагиналети. Најчесто се употребуваат Flagyl, Fasigyn, Trichomonacidе, Metronidazolе. Кај женските сексуални партнери се препорачува заедно со пероралните таблети да се употребуваат и вагиналети. За да се избегне сексуална реинфекција се препорачува и двата сексуални партнери да се лекуваат едновремено.
Колпити предизвикани од Haemophyllus (Gardnerella) vaginalis
Клинички симптоми: Субјективен симптом воглавно е вагинален флуор со многу непријатен мирис. Објективно – вагиналните ѕидови се зацрвенети, вагиналниот секрет е сивкав и како течен филм ги покрива вагиналните ѕидови. Многу ретко можат да се видат и единечни меурчиња. Под микроскоп се забележува т.н. Clue cells – многу кокобацили кои се залепени за епителните клетки. Аминотестот се прави на тој начин што на предметното стакло се стават вагинален секрет и 10% калиум хидроксид (КОН). После 30 секунди настанува непријатен мирис како расипана риба, тоа е како резултат на метаболизмот на анаеробните бактерии.
Colpitis senilis – Колпитис кај повозрасни жени
Етиологија: Сенилниот колпит се среќава по менопаузата или кај оперирани жени. Тука инфекцијата е ендогена, а не егзогена. Недостатокот на хормони води до намалување и исчезнување на нормалната вагинална флора, вагината останува без биолошка заштита. Па така секоја бактерија која ќе навлезе (најчесто ректо-вагинална контаминација) се размножува многу брзо и предизвикува воспаление.
Клинички симптоми: Пациентките најчесто се жалат на гноен вагинален секрет. Вагиналните ѕидови се петнесто зацрвенети (тип географска карта). Rugae vaginalis се изчезнати. Вагиналните ѕидови и егзоцервиксот се атрофични. При преглед со спекулум се образуваат мали субепителни крвоизливи.
Терапија: Најчесто се употребуваат епителотонични хормонални препарати кои содржат естриол. Естрадиоловите препарати се избегнуваат бидејќи можат да предизвикаат хиперплазија на ендометриумот и крварење од матката.
-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-