Болката е нашиот најголем пријател

0

Болката е всушност сигнал кој не предупредува, аларм кој не би требало да го занемариме, не поттикнува да го насочиме нашето внимание кон себе си и нашето здравје.

Болката е непријатно чувство кое што ни укажува дека телото, нашиот организам е повреден или му се заканува повреда. Болката е всушност сигнал кој не предупредува, аларм кој не би требало да го занемариме, не поттикнува да го насочиме нашето внимание кон себе си и нашето здравје. Затоа би ја нарекла – наш најголем пријател!

Механизам на пренесување на сигналите за болка

Како се одвива тој комплексен механизам, како нашето тело алармира кога е во опасност? Почнува од посебните рецептори за болка, кои се наоѓаат по целото тело. Овие рецептори ги пренесуваат пораките, кои всушност се електрични импулси, по должина на невроните до ‘рбетниот мозок, а потоа нагоре кон големиот (черепен) мозок.

Понекогаш кога сигналот ке стигне до ‘рбетниот мозок, ќе побуди рефлексен одговор. Кога ова се случува, веднаш се праќа повратен сигнал назад до моторните неврони што резултира со стегање, контрахирање на мускулите. Пример за рефлексен одговор е итно повлекување на раката по ненамерен допир на нешто многу жешко. Кога сигналот ќе се пренесе до големиот мозок, стануваме свесни за тоа.

Рецепторите и нивните нервни патишта се разликуваат во различни делови на телото. Затоа, чувството за болка варира во зависност од видот и локализацијата на повредата, на пример: рецепторите во кожата се бројни и можат да пренесат точни информации како што се – каде се наоѓа повредата и дали причината е од остар, како нож предмет или тап како притисок, топлина или студ. Спротивно на тоа, болката од внатрешноста на абдоменот, пример од цревата е неограничена и непрецизна.

Цревото може да биде вклештено, воспалено, а да не се создаде сигнал за болка, а растегнување или притисок од било која причина да предизвикаат силна болка, дури и од нешто релативно безопасно како воздушни меурчиња. Мозокот не може да го идентификува точниот извор на болка во стомакот, со други зборови, болката е тешко да се локализира и често се чувствува како еден широк простор.

Болката што се чувствува во некои делови од телото не мора да ни посочи каде се случува проблемот, бидејќи таа може да биде пренесена на друг дел од телото. Пренос на болката настанува бидејќи сигналите од некои делови, кои се пренесуваат до ‘рбетниот мозок или големиот мозок имаат исти патишта (пример – болката при инфаркт на срце може да се почувствува во вратот, вилицата, рацете или стомакот, или пак болката при напад од воспаление на жолчен меур може да се почувствува во рамениците).

Чувството на болка е индивидуално

Луѓето се разликуваат во се, па и во нивната способност да издржат болка. За некои болка предизвикува една мала сечна рана, додека други ќе можат да толерираат и поголема повреда, големо крварење. Носечкиот капацитет за болка варира во однос на расположението, личноста, карактерот и условите. Болката се менува и со возраста. Како луѓето стареат, толку помалку ќе се жалат на болка, можеби поради бројните промени во организмот се намалува и осетот за болка.

Проценка на болка

Болката може да биде остра или тапа, постојана или повремена, пулсирачка на едно место или да се шири на различни делови. Некогаш е тешко да се опише со зборови. По интензитет може да варира од слаба до неподнослива болка. Често се користи скала од 0 (без болка) до 10 (тешка болка) за да се опише болката.

Лекарите се уште се обидуваат да ги разликуваат физичките и психичките причини за болка. Може да е предизвикана од страна на долготрајни, хронични (како што се ракот, артритисот, или српеста анемија) и акутни болести (како на пример рани, изгореници, расцеп на мускулите, скршени коски, воспаление на слепо црево – апендицитис, камен во бубрег или срцев удар). Сепак, менталните болести (како што се депресија и анксиозност) може да предизвикаат болка, која е наречена психогена болка. Психолошките фактори исто така може да ја интезивираат болката предизвикана од физичка повреда или пак да ја намалат.

Според времетраењето, болката се дели на акутна и хронична. Акутната болка започнува одеднаш и обично не трае долго. Може да предизвика брзо отчукување на срцето, забрзано дишење, висок крвен притисок, потење и проширени зеници. Хроничната болка трае со недели или месеци, при долготрајни болести како што се малигните. Хроничната болка обично не влијае на срцето, дишењето и крвниот притисок, но може да влијае на сонот, на апетитот, да предизвика запек (опстипација), губење на тежината, губење на интерес за сексуални активности и депресија.

Видови болка

Можеби знаете дека постојат повеќе видови болка и секоја од нив е предизвикана од различна причина, а различен е и нивниот третман. Некои од главните видови се: невропатска болка, болка по операција, болка при канцер, болка во врска со психички нарушувања и хронична болка, предизвикана од голем број болести како што е артритисот, српестата анемија, воспалителната болест на цревата и СИДА-та.

  • Невропатска болка

Невропатската болка е предизвикана од абнормалност било каде на нервниот пат. Со тоа се прекинува вообичаениот пренос на нервните сигнали до мозокот. Невропатската абнормалност може да се манифестира како длабока болка, печење, сензации или хиперсензитивност на допир. Инфекции, како на пример херпес зостер инфекцијата, можат да ги зафатат нервите и да предизвикаат постхерпетична невралгија – хронична, невропатска болка која се чувствува како жарење и печење, а која се шири кон местото каде невронот е инфициран од вирусот.

Рефлексната симпатична дистрофија е еден вид на невропатска болка, каде постои и оток, потење, промени во локалната циркулација и ткивни промени како што се атрофија и остеопороза. Сличен на симпатичната рефлексна дистрофија е синдромот наречен каузалгија, кој настанува по повреда или болест на поголем значаен нерв. Дијагнозата на рефлексната симпатична дистрофија или каузалгијата е важна, бидејќи ќе се помогне во лекувањето, со т.н. симпатичен нервен блок. Овој третман за други болести обично не е опција.

  • Фантомска болка во екстремитетите

Еден добар пример за фантомска невропатска болка во екстремитетот е кога пациентите, кај кои е направена ампутација на екстремитет, чувствуваат болка која потекнува токму од него. Причина за ваквата болка е погрешното толкување на нервните сигнали во мозокот.

  • Постоперативна болка (по хируршки зафат)

Скоро секој има болка по операција. Болката е постојана или повремена, која се интезивира при движење, кашлање, смеење или длабоко дишење или при повторна преврска на хируршката рана. Како третман се даваат опиоидни (наркотични) аналгетици. Тие се најефикасни доколку се земаат неколку часа пред почетокот на болката, односно по операцијата, додека трае анестезијата. Често прекумерното давање на опиоиди може да доведе до толеранција кон одредената доза, па затоа се зголемува дозата, се со цел да се намали болката, а долготрајното давање на опиоиди може да предизвика зависност.

  • Болка кај малигни заболувања – канцер

Болката при канцер настанува од неколку причини. Прво – растењето на туморот може да врши компресија на нервите, да ги зафати коските и другите органи, предизвикувајќи од блага непријатност до силна, долготрајна болка. Некои видови на канцерски третмани, како што се хирургијата и радиотерапијата, може да предизвикаат болка. Болката може да исчезне кога туморот ќе биде отстранет со операција или да се намали со зрачење (радиотерапија). Често се даваат неопиоидни лекови, како што се ацетаминофен или нестероидни анти-инфламаторни (анти-воспалителни) лекови. Ако не делуваат, лекарот може да препише опијатен аналгетик. Тогаш се даваат опиоиди со продолжено дејство, бидејќи им обезбедуваат мирен сон во текот на ноќта. Во необични ситуации, се применува директно аплицирање на аналгетикот во ‘рбетниот (спиналниот) канал преку пумпа која овозможува високи концентрации на лекот. Со тек на време, бидејќи малигниот тумор расте поголем или настанува толерантност кон одредената доза, за да се спречи болката опиоидните дози треба да се зголемат. Но, тоа не треба да не загрижува, важно е да се елиминира истата.

  • Психичка болка (болка при душевни растројства)

Некои луѓе имаат постојана болка во отсуство на болест, други чувствуваат многу посилна болка и имаат поизразен инвалидитет во споредба со повеќето луѓе со слична повреда или болест. Сето ова се должи на бројните ментални процеси, различни кај секој од нас. Потеклото на болката може да е доминантно од ментално растројство или од соматска болест, а да се зголемува поради психички стрес во интензитет или времетраење. Психогената болка се манифестира како главоболка, болка во долниот дел на грбот, на лицето, болка во абдоменот или карлицата. Фактот дека болката (делумно или целосно) е резултат од психички причини, не значи дека таа не е реална. Докторот треба да го примени соодветниот третман според потребите на пациентот, како што се рехабилитација, психолошка поддршка и фармаколошка терапија. Ако лекарите не најдат докази за било која соматска или психичка болест, болката се нарекува идиопатска, што значи дека нејзината причина е непозната.

Заклучок

Болката е аларм кој ни укажува дека треба да се грижиме за нашето тело и здравје! Земањето аналгетици не секогаш е правиот избор, особено не без препорака од доктор. Понекогаш може со намалување на болката да ја прикриеме вистинската причина поради која настанала и со тоа да изгубиме драгоцено време, кое е најважно за превенирање, дијагностицирање и третман на болестите.

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-