Хијалуронската киселина (или општо позната како хијалурон) е нормален составен дел на екстрацелуларниот матрикс на сврзните ткива, синовијалната течност, екстрацелуларниот матрикс на окото, хијалините рскавици итн. Она што од естетски аспект е најинтересно и најпопуларно е тоа што хијалуронската киселина е составен дел на основната супстанца на дермисот (составен дел на кожата и главен нутритивен и формативен елемент на истата).
Хијалуронската киселина има повеќе функции:
-формативна
-нутритивна (претставува главен медиум на размена на материи во тој дел)
-заштитна
Во основа хијалуронската киселина е природен линеарен полисахарид кој уникатно е распространет кај сите видови. Овие полимерни хијалуронски синџири се исти кај сите животински видови. Од друга страна не постои специфичен антиген на хијалуронската киселина кај различните организми или ткива, што ја прави нискоалергено соединение, лесно прифатливо за имуниот систем, така што од различни видови се произведува идентична хијалуронска киселина.
Хијалуронски филери
Хијалуронските филери се користат како средства за привремена (6-9-12 месеци) естетска реставрација.
Бидејќи хијалуронската киселина има многу краток полуживот кога се инјектира во човечки ткива, со цел да се стабилизира се прави вкрстено поврзување (крос-линк) на полисахаридните синџири. Постојат различни методи и различни степени на крос-линк.
Начинот и степенот на вкрстено поврзување има значително влијание на физичките карактеристики на молекулите. Како агенси за крос-линкување се користат BDDE (1,4 – бутанедиол диглицидил етер) DVS (дивинил сулфон) и BCDI (бискарбодимид). Од процентуалната застапеност на крос-линк агенсот зависи густината и вискозитетот на хијалуронскиот филер, а со тоа и стабилноста и долготрајноста на самата супстанца кога ќе се аплицира кај пациентот.
Исто така, постојат разлики во индикациите за апликација на хијалуронските филери во зависност од нивниот вискозитет, т.е процентот на крослинк агенс.
Каде?
Хијалуронските филери наменети за естетска реставрација во лицева регија се користат за пополнување на брчки и зголемување усници. Исто така се користат и за поголеми естетски реставрации при оштетувања на физиономијата како резултат на поголеми трауми.
Во основа, хијалуронските филери се аплицираат во дермисот (средишниот слој на кожата). Во зависност од возраста на пациентот и вискозитетот на филерот истите се аплицираат во папиларниот, односно ретикуларниот слој на дермисот.
Во однос на анатомските регии на лицето каде може да се аплицира хијалуронски филер, важи едно непишано правило кое препорачува од носот надолу да се аплицира хијалуронски филер, а од носот нагоре ботокс. Мегутоа за разлика од ботокс кој се аплицира мускулно, хијалуронот кој се аплицира дермално нема никакво дејство на мускулното ткиво. Може да се аплицира во повеќе лицеви регии:
- Назолабијални бразди
- Периорбитални брчки (crow feet)
- Челни (фронтални) бразди
- Глабеларни брчки
- Образи и јаболчници
- Граница на вермилион
- Пополнување на усни
- Периорални брчки
- Бразди на насмевка
- Зголемување на брада
- Ментални брчки
За секој од овие третмани постои посебен начин на планирање, техника на апликација и избор на хијалуронски филер.
Кога?
Хијалуронските филери за пополнување на брчки се препорачува да се користат над 23 годишна возраст заради промените на ниво на дермис. За пополнување на усни може да се користат уште од 18 годишна возраст. Порано од таа возраст може да се аплицираат само со дозвола на родител.
Контраиндицирана е апликацијата кај пациенти со локално воспаление на местото на апликација, лупус, крвни дискразии, алергични пациенти, пациенти со коскени, мускулни и рскавични графтови, бременост и лактација.
Менопаузата и изложувањето на сонце не се апсолутни контраиндикации, меѓутоа можат доста да влијаат на забрзување на разградувањето и ресорпцијата на хијалуронот.
Хијалуронските дермални филери се нов, модерен, пристапен, минимално инвазивен и релативно безбеден начин на естетска реставрација. Ефикасноста и резултатите на самиот третман покрај тоа што зависат од филерот, во голема мера зависат и од стручноста, умешноста и условите во кои работи терапевтот. Затоа пред донесување на конечна одлука за апликација на хијалуронски филер потребна е консултација со стручно лице, темелна анамнеза, разговор за очекувањата на пациентот и реалните можности кои ги нуди овој третман, па на крај донесување на заедничка одлука на терапевтот и пациентот за текот и начинот на третманот.
-авторски текст , не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-