Повторувачки (рекурентни) инфекции на уринарниот тракт

0

Инфекциите на уринарниот тракт можат да го уништат годишниот одмор или медениот месец и резултираат со ургентна посета на доктор. Добрата е вест е: да, тие претставуваат проблем, но нема доказ дека хроничите уринарни инфекции водат кон состојби како покачен крвен притисок или бубрежна болест.

Уринарниот тракт претставува телесен филтер за исфрлање на вишокот течности. Бидејќи жените имаат пократок уринарен тракт, тие се особено подложни на бактерии кои можат да го населат уринарниот тракт и да се размножат – резултирајќи во инфекција на уринарните патишта.

Повеќето инфекции не се сериозни

Иако повеќето уроинфекции не се сериозни, тие можат да претставуваат здодевна болна непријатност. Просечно, 50% од сите жени во текот на животот ќе добијат барем еднаш епизода на уроинфекција, а многу жени ќе искусат неколку такви инфекции. За среќа, овие инфекции лесно се третираат со антибиотици. Некои жени се повеќе склони кон повторувачки уроинфекции во однос на другите, а за нив ова искуство може да биде фрустрирачка битка.

Повеќето рекурентни уринарни инфекции се мисли дека претставуваат повеќе реинфекција отколку релапс на болеста, иако тоа не е секогаш така.

Рекурентните уринарни инфекции се чести меѓу младите здрави жени со анатомски и физиолошки нормален уринарен тракт. Во една студија на студентки кои за првпат имале уринарна инфекција, 27% доживеале најмалку една повторувачка инфекција во наредните 6 месеци, а 2.7% имале и второ повторување за време на истиот период. Кога првата инфекција е предизвикана од Escherichia coli, жените се повеќе склони кон развивање на втора уринарна инфекција во наредните 6 месеци отколку оние кај кои првата инфекција била предизвикана од друг микроорганизам.

Што ја предизвикува уринарната инфекција?

Најчестиот причинител се бактерии од дебелото црево, кои живеат на кожата во близина на ректумот или во вагината, и кои што може да се прошират и да влезат во уринарниот тракт преку уретрата. Интересен е фактот дека промените во нормалната вагинална флора, особено губењето на лактобацили, може да ја зголеми склоноста кон колонизација со Е.coli и развивање на уринарна инфекција. Ова е причината зошто се препорачува да не се употребуваат парфимирани сапуни или долготрајни бањи со купка. Секако ова е уште една можност да пробате пробиотици (со Lactobacilli).

Сексуалните односи се честа причина за уроинфекции бидејќи женската анатомија може да ги направи жените да бидат посклони кон инфекции. За време на сексуалната активност, бактериите од вагиналната област понекогаш се пренесуваат во уретрата.

Жените кои ги менуваат сексуалните партнери или кои што имаат почести сексуални односи можат да искусат инфекции на мочниот меур (циститиси) или инфекции на уринарниот тракт почесто од жените кои се во целибат или практикуваат моногамни односи. Иако ретко, некои жени добиваат уроинфекција секој пат кога имаат сексуален однос.

 

Друга причина за циститиси или други уроинфекции е долгото чекање за уринирање. Мочниот меур е мускул кој се истегнува за да ја собере урината и се контрахира кога се ослободува урина. Предолгото чекање од времето кога за прв пат се почувствува нагонот за мокрење може да доведе мочниот меур да се истегне над неговите способности. Со тек на време, ова може да ја ослаби мускулатурата на мочниот меур. Кога мускулатурата на м.меур е ослабена, тој може да не се испразни целосно и може да остане одредено количество на урина. Ова може да го зголеми ризикот од инфекции на мочниот меур или воопшто на уринарниот тракт.

Сумирани ризик фактори:

1. Биолошки или генетски фактори

Жените со рекурентни инфекции на УТ имаат зголемена склоност кон вагинална колонизација со бактерии во споредба со жените без претходна историја за рекурентни инфекции. Оваа разлика делумно се објаснува со генетски одредената способност на бактериите да се прикачат за уроепителните клетки кај одредени жени.

2. Бихејвиорални ризик фактори

Сексуалните односи, употребата на дијафрагма, претходната историја на рекурентни инфекции на УТ се силни ризик фактори за уринарна инфекција. Дури и употребата на спермицидно обложен кондом резултира во зголемен ризик за инфекција. Неодамнешната употреба на антибиотици, кои негативно влијаат врз вагиналната флора, исто така силно се поврзува со зголемен ризик за уринарна инфекција. Најсилниот ризик фактор е честотата на сексуалните односи. Други ризик фактори се: нов сексуален партнер во текот на претходната година, прва инфекција на уринарниот тракт пред или на 15 годишна возраст и позитивна фамилијарна анамнеза за мајка која имала инфекции на уринарниот тракт.

3. Пелвична анатомија

Во некои студии е покажано дека растојанието помеѓу уретрата и анусот е значително пократко кај пациентките со рекурентни инфекции на уринарниот тракт.

4. Постменопаузални жени

Кај оваа популација на жени, факторите кои влијаат врз празнењето на мочниот меур придонесуваат за хроничните/рекурентни уринарни инфекции, а главните ризик фактори се присутни кај жени со уринарна инконтиненција и присуството на цистоцела (пролапс на мочниот меур).

Реинфекција наспроти релапс

За повеќето доктори често пати е невозможно да се направи разлика помеѓу релапс и реинфекција. Рекурентната (повторената) инфекција се класифицира како реинфекција ако повторувањето е предизвикано од микроорганизам кој е различен од микроорганизмот кој ја предизвикал претходната инфекција. Епизодите се обично на растојание од 4-8 недели, а пациентот нема симптоми по завршувањето на секој третман со антибиотици.

Повторна инфекција на уринарниот тракт со исти микроорганизми како и при инцијалната инфекција се класифицира како релапс. Најчесто релапсите се јавуваат во тек на 2-4 недели по комплетно спроведената краткотрајна терапија со антибиотици.

Долгогодишни студии покажаа дека видовите на Е.coli се способни да предизвикуваат рекурентни инфекции на уринарниот тракт и по 1-3 години, и покрај соодветниот третман и исчезнување на микроорганизмот во контролните уринокултури непосредно пред развивањето на наредната инфекција. Како и да е, повеќето повторени инфекции се случуваат во првите три месеци по првичната инфекција.

Кои се симптомите на уринарна инфекција?

Симптомите на уринарна инфекција или на циститис лесно се препознаваат и вклучуваат силна ургентност за мокрење која не може да се одложи, остра болка или чувство на печење во уретрата кога се мокри. Најчесто се ослободува мало количество урина, која понекогаш може да има примеси на крв. Ургентноста за мокрење се повторува многу често и може да постои болна осетливост во долниот дел на стомакот, грбот или слабините.

Овој циклус може да се повторува често во текот на денот или ноќта – повеќето жени мократ повеќе од 6 пати на ден, а доколку потребата за мокрење е уште поголема треба да се помисли на цистититис.

Кога бактериите навлегуваат во уретерите и се шират кон бубрезите, може да настанат симптоми како грбна болка, настинка, страв, гадење и повраќање, покрај претходните симптоми на инфекција на долниот уринарен тракт.

Точната дијагноза е особено значајна бидејќи ваквите симптоми можат да бидат резултат и на други проблеми како инфекции на вагината или вулвата. Само Вашиот доктор може да направи разлика и да ја постави точната дијагноза.

Како се поставува дијагнозата за уринарна инфекција?

Бројот на бактерии и леукоцити во примерокот од урината е основа за поставување на дијагнозата за уринарна инфекција. Урината се прегледува под микроскоп и се засадува во култура која го поттикнува растот на бактериите. Може да биде потребно да се направи и преглед на карлицата.

Забелешка: Доколку имате повторувачки уринарни инфекции или циститиси, може да Ве интересира да купите тест за откривање на уринарна инфекција во домашни услови, кој е достапен без рецепт. Тестот се состои од дипстик кој ја менува бојата ако имате уринарна инфекција. Тестот го детектира присуството на нитрити. Бактериите ги менуваат нормалните нитрати од урината во нитрити. Овој тест, кој најдобро би било да се изведува врз првата утринска урина, е до 90% веродостоен.

Кој е третманот на уринарна инфекција?

Антибиотиците се вообичаениот третман за циститиси и други уринарни инфеции. Најчесто потребни се 7-10 дена третман, иако некои инфекции бараат само единечна доза на антибиотици.

Важно е сите антибиотици да се земаат како што е препишано. Антибиотиците не треба да се прекинуваат доколку не е комплетиран препорачаниот целосен третман. Симптомите може да исчезнат набрзо по започнувањето на антибиотскиот третман. Како и да е, доколку антибиотиците се прекинат порано од препорачаното, инфекцијата може се уште да е присутна или да се повтори.

Совети за превенција од уринарни инфекции:

  • Најважниот совет за превенција од инфекции на уринарниот тракт, циститиси или инфекции на бубрези, е да се практикува добра лична хигиена. Секогаш бришете се од напред кон назад после мокрењето, и секојдневно миете ја кожата околу и помеѓу ректумот и вагината. Миење пред и после сексуалниот однос исто така може да го намали ризикот од уринарна инфекција кај жената;

 

  • Пиењето многу течности (вода) секој ден, може да помогне да се исфрлат бактериите од уринарниот тракт;
  • Честото испразнување на мочниот меур, слично како при самата ургентност за мокрење, може да го намали ризикот од циститис или уринарна инфекција;
  • Мокрењето пред и по сексуалниот однос може да ги исфрли бактериите кои можат да навлезат во уретрата за време на сексуалниот однос;
  • Земањето на витамин Ц ја прави урината кисела и помага во намалувањето на потенцијално штетните бактерии во уринарниот тракт;
  • Се мисли дека сокот од брусница ја намалува фреквенцијата на циститиси иако не треба да се смета како вистински третман. Многу студии покажале дека сокот од брусница ја спречува адхеренцијата на бактериите за уроепителните клетки. Во некои клинични испитувања покажано е дека консумирањето на 300 ml сок од брусница ја намалува можноста за добивање на уринарна инфеција. Во други пак, покажано е дека пиењето на 50 мл сок од брусница во текот на 5 дена ја намалува честотата на уринарни инфекции во период од 6 недели. Постојат и разни други додатоци на база на брусница. Сепак, неопходно е докторот да постави дијагноза иако хербалните препарати можат да ги намалат симптомите и болката;
  • Земање на антибиотска профилакса е корисно за спречување на рекурентните уринарни инфекции. Антибиотската профилаксата е оправдана кај жените кои искусуваат 2 или повеќе симптоматски уринарни инфекции во период од 6 месеци или 3 или повеќе во тек на 12 месеци. Со Вашиот доктор треба да направите индивидуални одлуки дали да употребувате континуирано антибиотици или само по сексуален однос – и двата начина се ефективни за превенција.

Важно да се запомне:

Иако уринарните инфекции се чести и очигледно болни, тие вообичаено траат неколку дена и се лесни за лекување кога точно ќе се постави дијагнозата. Кога истите се лекуваат навремено и правилно, ретко кога прераснуваат во сериозен проблем.

Д-р Памела Илиоска е родена на 13.11.1985 год. Основното и средното образование го завршува во Македонски Брод. Дипломира на Медицинскиот Факултет во Скопје во 2010 година со среден просек 9.97. За време на средното образование учествува во бројни проекти, дебатни кампови и натпреварувања во организација на Младинскиот Образовен форум, School Connectivity Project и E-School Project. Меѓу нив посебно се издвојуваат: учеството на Интернационалниот конгрес на Southeast Europe School Connectivity Project во организација на Catholic Relief Services и едномесечниот престој на Towson University, Балтимор, Мериленд (јули, 2003), како дел од SEEYLI (The South East Europe Youth Leadership Institute)/ програма на американскиот Стејт департмент во соработка со Институтот Отворено Општество и IDEA. За време на студиите учествува на неколку семинари и конгреси, меѓу кои е и освоеното 3-то место на 31-от Интернационален Медицински Научен Конгрес за усна презентација на темата " The onset and prognosis of the hepatorenal syndrome". Во јули-август 2009 година остварува едномесечен престој на одделот за кардиологија на Првиот Карлов Универзитет во Прага, Р.Чешка. Во јануари 2011 год., во Белград, учествува на тренинг модулот за " Scientific writing and publishing" во рамките на проектот Focus-Balkans. -Овој интернет портал е пријатно освежување за интернет страниците потпишани од македонски креатори, кој несомнено изгледа како светските сајтови за e-health или е-medicine. Убаво е чувството кога гледате млади колеги кои се залагаат за промоција на здравствената култура во Македонија, зашто една од основните работи во животот е да се биде добро и навремено информиран. Уметноста на живеењето е во секој од нас, a секојдневна потреба е да се има образование со широки погледи. Затоа, читајте доктори.мк и не заборавајте да примените некој од многуте корисни совети ! :)