Синдромот на иритабилно црево (IBS), или уште наречен “спастичен колон”, претставува вообичаено нарушување. Иако повеќето луѓе понекогаш искусуваат дигестивни тегоби, тоа што го разликува IBS од нив е постојаното повторување на стомачната болка и дијареата или констипацијата. Се претпоставува дека 10-15% од населението боледува од IBS. Овој синдром е меѓу 10-те најчести причини за посета на докторите од примарната здравствена заштита.
Причини за IBS
Точната етиологија на IBS се уште е непозната. Една теорија е дека сигналите помеѓу мозокот и цревата се нарушени на некој начин. Ова недоразбирање во комуникацијата може да предизвика абнормални контракции на цревната мускулатура, кои доведуваат до грчеви, болки и флуктуации во брзината на дигестија на храната. Пациентите немаат никаков знак за воспалено или оштетено ткиво или структурни абнормалности на дигестивниот тракт.
Кој поседува ризик за IBS?
Секој може да добие IBS, но состојбата е двапати почеста кај жените во споредба со мажите. Тоа може да се должи на тоа што жените повеќе се жалат на симптоми поврзани со стомачна болка, гасови и подуеност, или пак, на хормонските разлики меѓу мажите и жените. Исто така, IBS повеќе се јавува кај лица со позитивна фамилијарна анамнеза за IBS. Симптомите вообичаено се јавуваат во 20-тите години, и многу е невообичаено луѓето над 50-тата година да развијат IBS по прв пат. Понекогаш IBS коегзистира со состојбите на анксиозност и депресија.
Симптоми на IBS
Главните симптоми на IBS се стомачна болка и промени во навиките на празнење на цревата, било да е тоа дијареа, констипација, или пак двете наизменично. Гасовите и видливо подуениот стомак (метеоризам) не го оштетуваат дигестивниот систем, меѓутоа постојаната болка и честите посети на тоалетот можат да имаат значително влијание на квалитетот на животот.
Дијагностицирање на IBS
Не постои стандарден тест за дијагноза на IBS. Дијагнозата вообичаено се поставува врз основа на анамнезата и симптомите на пациентот. Поради тоа, непоходно е прецизно и точно да се наведат сите симптоми.
Влијание врз секојдневниот живот
IBS можеби не го става вашиот живот на ризик, но секако дека има значително влијание врз квалитетот на животот. За време на епизодите на чести и ургентни дијареи, секако дека е тешко да работите или да патувате некаде. Во најтешките случаи, пациентите имаат проблеми при социјализацијата, излегувањето со друштво, одењето во кино…
IBS и стресот
Било да имате IBS или не, сигурно сте запознаени со чувството на “пеперутки во стомакот” кое Ве следи при јавните настапи, говори, натпреварувања или високо-стресни настани. Стресот може да го предизвика или да го влоши IBS. Симптомите на IBS можат да предизвикаат стрес, а стресот може да ги влоши симптомите; сето тоа води кон магичен круг (circulus vitiosus).
Тригери за IBS
Првиот чекор при контролирањето на IBS е да дознаете кои фактори придонесуваат кон влошување на состојбата. Освен стресот, вообичаени тригери се оброците, хормонските промени и одредени лекови. Важно е да знаете дека не постои одредена храна која специфично е поврзана со симптомите на IBS. Но, водењето на дневник за Вашата исхрана може да Ви помогне да одредите кој вид на храна е проблематична за Вас, и секако истата да ја одбегнувате.
Третман на IBS
Хигиенско-диететски режим
Вашиот третман ќе зависи од специфичните симптоми и фактори кои ја тригерираат состојбата, но повеќето луѓе започнуваат со промени во навиките за јадење. Можеби ќе Ви биде корисно да одбегнувате кофеин, алкохол и мрсна храна. Консумирањето повеќе вода и растителни влакна исто така може да ги подобри симптомите. Потребно е да се обидете, па дури и да погрешите на почетокот, за да согледате кои промени во исхраната ќе доведат до најголемо подобрување.
Пробиотици
Пробиотиците се “пријателски бактерии” кои што помагаат да се намали растот на штетните микроорганизми во дигествниот тракт, меѓу кои најзначајни се Lactobacillus и Bifidobacterium infantis. Има различни видови на пробиотици, но најдобро познат е пробиотикот кој се наоѓа во јогуртот (на етикетите барајте да пишува “активни култури”). Некои студии известуваат дека пробиотиците можат да ја намалат инциденцата на дијареа, но потребни се уште истражувања за да се дознае дали ова се однесува и на симптомите кои ги предизвикува IBS.
Лекови против дијареа
Ако хигиенско-диететскиот режим не доведе до доволни подобрувања, се препорачува земање на лекови кои ги таргетираат специфичните симптоми. За третман на дијареата, се употребуваат вообичаените антидијареални лекови како атропинските деривати и лоперамидот, кои го забавуваат мотилитетот на цревата. Овој тип на лекови може да доведе и до констипација, затоа потребно е набљудување на третманот од страна на докторот.
Лекови против констипација
Достапни се различни форми на лаксативи за констипаторната компонента на IBS. Тука се вклучени стимулантните лаксативи (сена, бисакодил) и осмотските лаксативи (полиетилен гликол, лактулоза, сорбитол). Стимулантните лаксативи може да предизвикаат трајно оштетување на миентеричниот нервен плексус, но сепак студиите се поделени. Во секој случај, тие не ги влошуваат симптомите на абдоминални грчеви и подуеност кога хронично се употребуваат.
Антидепресиви и антиспазмодични агенси
Ако докторот Ви препише антидепресив за третман на IBS, тоа не значи дека Вашите симптоми се резултат на психичко нарушување или пак дека страдате од депресија. Трицикличните антидепресиви како амитриптилинот и нортриптилинот влијаат на хемиските гласници во дигестивниот тракт и можат да ги отстранат болката и грчевите. Анстиспазмодичните агенси ја релаксираат мазната мускулатура на дигестивниот тракт и можат да бидат корисни ако абдоминалните грчеви се Вашиот главен симптом. Несаканите ефекти на овие две групи на лекови вклучуваат: суви очи, сува уста и замор.
Други пристапи:
- пеперминт масло;
- психотерапија: стрес менаџмент, когнитивна-бихејвиорална терапија која помага негативните мисли да се заменат со попозитивни и пореални;
- хипноза;
- биофидбек: помага да се препознае и да се промени одговорот на организмот кон стресот; по неколку сесии пациентите успеваат да ја намалат фреквенцијата на пулсот и да влезат во порелаксирана состојба;
- релаксациона терапија: медитација, техники за длабоко дишење;
- физичка активност: може да помогне при варењето на храната, да го намали стресот и да предизвика чувство на добросостојба.
IBS: Долгорочна прогноза
IBS е хронична состојба, а пациентите може да доживеат помирни периоди проследени со ненадејно влошување на симптомите. Водењето на личен дневник за исхраната, чувствата и симптомите може да помогне да се откријат скриените тригери за IBS. Со тек на времето, симптомите на IBS не се влошуваат. IBS не претставува живото-загрозувачка состојба и не доведува до посериозни состојби како инфламаторна цревна болест (улцерозен колит или М.Crohn) или рак на дебелото црево.