Што е катаракта?
Катарактата всушност претставува заматеност на очната леќа. Причините за настанување можат да бидат различни. Болеста може да се развие на било која возраст, но процентуално најмногу се развива кај лица над 50 години. Заматеноста на очната леќа се развива полека се до потполно губење на видот, доколку не се лекува.
Причинители за настанување на катаракта
Како што веќе беше спомнато, катарактата може да има многу причинители, може да се јави и кај децата и тоа најчесто како аномалија која се развива во текот на растењето. Исто така, и текот на бременоста кај мајката може да допринесе за развивање на катаракта кај детето, и тоа најчесто како последица на некоја интраутерина инфекција.
Рубеола
Рубеолата се смета како главен фактор за развој на катаракта кај неродените бебиња. Рубеолата е вирус, а доколку жената не е вакцинирана пред бременоста таа може да предизвика аномалии на срцето и катаракта на очната леќа кај нероденото бебе.
Други причинители кои би можеле да предизвикаат појава на катаракта се: повреда на очната леќа, стареењето, долгата употреба на кортикостероиди и слични лекови. Многу е важно да се нагласи дека луѓето кои имаат шеќерна болест долги години се особено ризична група за развој на катаракта. Сепак, основниот причинител за развој на оваа болест останува непознат.
Симптоми
Почетните симптоми на катарактата обично се проследени со мало оштетување и губење на острината на видот. Како што болеста се развива, состојбата ќе се влошува се до потполно губење на видот доколку не се лекува. Останатите симптоми вклучуваат: матење на видот, гледање како преку жолта фолија и удвојување на предметите кои ги гледа пациентот. Ризикот од заболувањето може да се намали со балансирање на исхраната.
Лекување
Ако болеста се открие во ран стадиум на развој, состојбата може да се подобри најчесто со промена на диоптријата и давање на капки за проширување на зениците. Но, доколку ова не помогне или се открие во подоцнежен стадиум, најчесто како лекување се користи оперативен зафат. Оперативниот зафат денеска е современ и многу успешен третман за болните од катаракта.
-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-