Почнува денов, 21 август, 2021 г. Шести ден од стапување на сила на владините мерки против последниов бран. Мерки кои ги критикував во последниот мој пост на Фејсбук („СТАВ“, 9 август, 2021).
Најмногу „здоболеа“ „мерките“ за несреќната потврда за примена само една доза и четириесет и петте дена за прележаните, како услови за уживање во животот.
И овој пат ќе повторам: Епидемиолошка (и имунолошка) бесмислица! И на сите што умеат логично да размислуваат, јасно им е зошто. Само на колегите во Комисијата за заразни болести и Комитетот за имунизации (како да) не им е… Зошто?
Џабе пишував. Џабе пишуваа и Никола и Нико и Бојан и уште неколкумина други… Кучињата лаат, карванот си врви…
Што се постигна со тие мерки? Ништо особено… Се зголеми донекаде бројот на заинтересирани за вакцинација… за да се втурнат во „живот“ веднаш утредента – со примена прва доза… Ама и оние со примена втора доза, се прашувам, се варделе ли во следните две, односно шест недели, за да им профункционира вакцината!? (Патем, зошто на секој вакциниран граѓанин не му се даде флаер, на лице место, со инструкции како да се однесува по примање на дозите?)
Со тоа само се фаворизираше дневниот број на заразени!
И револтот и гневот! Се испокаравме меѓу себе!
И се исподеливме дополнително… А не моравме.
Излегоа луѓе на улица. А не мораа.
Протестираат угостителите. А не мораа.
Зјаат празни дуќани, молови, кафани… А полни можеа да бидат.
Ретки минувачи по улиците… Спарина тешка…
Еве, (и) јас јавно ги молам колегите од Комисијата за заразни болести и Комитетот за имунизации да одговорат на следниве прашања:
1. Како и колку се заштитени тие што примиле само една доза на вакцина – или дури и вакцинираните со две дози, без да се знае колку им се антителата?
2. Зарем тие се позаштитени од оние што едвај извлекле жива глава, ама „имале несреќа“ да прележат ковид пред, да речеме, 46 дена?
3. Во кои студии е напишано дека имунитетот на прележаните трае токму 45 дена?
4. И зошто упорно се инсистира на две дози кај прележаните, кога последните студии недвосмислено покажуваат дека прележаните имаат посилен и подолготраен имунитет од вакцинираните (1) и дека заштитата на еден прележан ковид пациент, вакциниран само со една доза, е посилна, отколку заштитата со две дози кај непрележан?
5. Понатаму, зошто упорно не се соопштува колкав е бројот на прележани со повторни инфекции?
6. Колкумина прележани има меѓу хоспитализираните и починатите?
7. Колкав е бројот на вакцинирани со една и две дози меѓу нив?
8. Дали се знае после колку време од примената втора доза се имаат заразено инфицираните, хоспитализираните и починатите (барем приближно, нели).
Зашто, ако не се соопштуваат такви податоци, им се даваат „крилја“ на противниците на вакцините (Аха, ете, вакцините не штитат).
9. И уште нешто! Зошто упорно – тие, комисиите – не предложат донесување на протокол за лекување на ковид инфекции и болни? Пак ли ќе се соочуваме со епидемиска форма на ординирање антибиотици за чиста ковид инфекција на сите нивоа на здравствена заштита? Не научивме ли ништо во изминативе година и кусур? Свесни ли сме (сте) дека без протоколи непотребно се зголемува ризикот од неповолни исходи – особено сега, кога Делта освојува сѐ поголем простор? Толку ли е тешко да се преведе протокол барем од некоја од соседните земји?
Зошто во врска со горниве прашања (пред сѐ, за протоколите) не излегуваат со став стручните асоцијации… и не само тие? Каде е Македонското лекарско друштво? Каде е Лекарската комора? Каде ми се колегите епидемиолози (секоја чест на колегата Сашо), инфектолози? Немате ништо да кажете?
Можно ли е нас, медицинската фела, да нѐ зафатила (веќе) општа апатија и индиферентност?
———–
(1) medrxiv.org