Причините според кои јајцето се поврзува со Велигден, се смета дека се биолошки и културолошки. На зима, кокошките несат помалку јајца, заради природниот процес на несење јајца. Околу Велигден, кога започнува пролетта, кокошките повторно почнуваат да несат повеќе јајца. Обичајот на вапсување на јајцата е обичај стар и популарен уште во најстарите цивилизации.
Физиологија на јајцето
Кокошкиното јајце се состои од три дела: лушпа (која е составена од калциум и магнезиум карбонат и калциум и магнезиум фосфат), белка (претежно вода и протеини) и жолчка (нутритивно најважен дел од јајцето кој е богат со протеини, железо, фосфор како и масти, витамини и минерали)
Нутритивна вредност на јајцето
Во едно јајце има околу 4.5 – 6 г протеини од кои половината се наоѓаат во белката. Затоа, белката се смета за идеален извор на протеини бидејќи ги содржи сите есенцијални аминокиселини. Од мастите застапени се незаситените масни киселини. Јајцата се добар извор на колин, лутеин, железо, рибофлавин (Витамин Б2), фолна киселина, биотин, Витамин Б12, Витамин Д и Витамин Е. Едно јајце содржи 185 – 215 мг холестерол, па според тоа не се препорачува оние кои имаат проблем со холестеролот да консумираат многу јајца.
Придобивки по здравјето од консумирањето јајца
Колинот е нутритиент кој е потребен за одржување на добро здравје. Тој е клучна компонента на многу структури во клеточните мембрани. Според тоа има и голема важност во одржувањето на функцијата и здравјето на мозокот. Колинот е составен дел од ацетилколинот, неуротрансмитерот кој пренесува импулси од една до друга нервна клетка.
Според некои истражувања, каротеноидите лутеин и зеаксантин можат превентивно да делуваат на развојот на макуларната дегенерација и катарактата кои често се јавуваат како последица на стареењето. Јајцата се добар извор на биотин, витаминот кој учествува во метаболизмот на мастите и јагленитехидрати па според тоа консумирањето на јајцата може да предизвика создавање повеќе енергија.Маските за коса кои содржат јајца на косата и даваат бујност, сјај и здравје. Жолчката релативно рано може да се воведе во исхраната на децата, а белката не се препорачува да се даде пред навршена година бидејќи може да даде алергиска реакција.
Останати карактеристики
Тежината на кокошкиното јајце варира од 45 до 75 грама, а бојата на лушпата зависи од сортата на кокошката, а независи од нутритивниот состав на самото јајце. Бојата на жолчката варира од светло жолта до темно портокалова зависно од присуството на растителните пигменти (каротеноиди) во исхраната на кокошката. Вкусот и мирисот се карактеристични. Поради порозноста на лушпата јајцето лесно поприма мириси. Свежите јајца може да се чуваат во фрижидер до 30дена.
-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-