Агорафобија е пореметување на однесувањето кое се карактеризира со страв од отворен простор, јавни места каде има многу луѓе, панаѓури, трговски центри и слично, со што претставува особено тежок проблем врз квалитетот на социјалниот живот на единката.
Фобија (phobus) означува страв од определени објекти, предмети, ситуации, животни, додека кај агорафобијата (agora = плоштад) преовладува стравот од отворениот простор каде личноста се чувствува вознемирено и беспомошно и сфаќа дека не може да побегне. Кај луѓето, од фобиите, најпозната и најчеста е клаустрофобијата (страв од затворен простор), меѓутоа карактеристика на сите нив е тоа што тие претставуваат проблем за извршување на секојдневните обврски.
Механизам на настанување и симптоми
Механизмот на настанување на оваа фобија е сложен и се уште предмет на многу истражувања, меѓутоа обично некоја психичка траума е тригер фактор за една личност да ги почувствува првите симптоми. Избегнувањето на излегување во јавност се должи на паничниот напад кој тие луѓе го доживуваат и кој е доста непријатен. Се манифестира со низа на ментални и физички симптоми на права анксиозност: останување без здив, глад за воздух, чувство да гушење со болка во градите, палпитации или брзо лупање на срцето, чувство на наизменично топлина и ладно со повремено потење, со мачнина и осет на губење на контролата врз мочниот меур и цревата.
Секој пациент е посебен, па така и интензитетот на овие симптоми е различен. Кај некои пациенти паничниот напад е толку интензивен што тие имаат чувство дека имаат комплетен ментален распад кој води до лудило и имаат страв од блиска смрт. Кај некои, пак, се ограничува само на страв со помал интензитет, меѓутоа и во тие случаи тие се ограничуваат со престој само во својот дом со луѓе во кои имаат комплетна доверба и неретко сакаат да седат во мрачни простории и секојдневните обврски ги обавуваат во својот дом. Ограничени се во излегувањето за обавување на секојдневните обврски, како пазарење во продавница, плаќање во банка, одење на родителски состаноци, а најсериозно е што тие луѓе имаат проблем на постојаното работно место или пронаоѓање на соодветна работа кај која нема да има потреба од напуштање на домот. Тие се несигурни, несамостојни личности, но и без разлика што се свесни дека нивниот страв е ирационален, сепак не можат да делуваат на своето однесување.
Третман
Горенаведените симптоми доаѓаат во прилог на тоа дека една личност се соочува со проблем и треба да се алармантни со цел да и се помогне на истата. Треба да се разговара со стручно лице, кое најпрво треба да го дијагностицира пореметувањето, а потоа да се спроведе една психотерапија. Таа би сочинувала бихејвиорална терапија (со што личноста постепено се соочува со проблемот и се навикнува на надворешната околина) и когнитивна терапија (објаснување дека не постои никаква причина за паничното однесување и дека нашата психа е единствената пречка за нормално живеење). Доколку се утврди дека личноста има потреба, психијатарот ординира и таблетарна терапија (бензодијазепини или антидепресиви), се со цел да се делува моментално врз паничните напади.
-aвторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитувањ