Во последниве 50 години исхраната со кравјо млеко се повеќе се преферира во развиените и неразвиените земји. Преку овој факт може да се каже дека во суштина исхраната на децата уште на самиот почеток е тргната во погрешен правец. Хуманото мајчино млеко е единственото природно прилагодено млеко наменето за специфичните нутритивни потреби на децата. Како негова алтернатива се препорачува исхрана со адаптирана формула. Зошто не кравјото млеко? Затоа што тоа млеко содржи друг тип на проетини кои тешко ги прифаќа дигестивниот тракт на детето, а со тоа и тешко ги вари.
Најважните причини зошто детето треба да биде хрането со мајчино млеко и тоа доволно долго, се следниве:
- Неговиот биохемиски состав е прилагоден според потребите на новороденчето;
- Овозможува оптимална дигестија;
- Го штити детето од инфекции;
- Спречува појава на алергии;
- Влијае врз емотивната врска мајка-дете;
- Е најефтино;
Карактеристики на мајчиното млеко
Биохемиски состав на мајчиното млеко
Хуманото млеко претставува секрет од млечните жлезди кој се состои од вода и во неа растворени хранливи материи – протеини, масти, јагленихидрати, витамини, минерали и олигоелементи. Покрај нив тоа содржи и имуно активни состојки, односно ензими, хормони и голем број други состојки за кои и ден денес не се знае доволно.
Промени на мајчиното млеко во периодот на лактација
Уште од првиот ден по раѓањето на детето, па се до истекот на првиот месец од доењето, се менува и состаовот и количината на мајчиното млеко. Практично кажано мајчиното млеко минува низ 3 фази за еден месец. Со други зборови …
- Од 1-3 ден мајчиното млеко претставува мали количини на колострум;
- Од 4-14 ден претставува преодно млеко чија количина постепено се зголемува;
- Од 3-4 недела, мајчиното млеко преминува во зрело млеко кое ги задоволува сите потреби на детето за период од 6 месеци;
Колострум: Tоа е првото млеко, односно млекото што се создава во првите денови на доењето. Содржински има повеќе протеини, а помалку масти и јаглени хидрати. Има липосолубилни витамини како што се витамин А и Е , потоа има каротен, соли, имуноглобулини, посебно ИгА и антитела против разни вирусни и бактериски агенси. Колострумот има жолтеникава боја бидејки содржи каротен во високи концетрации. Најважно е дека колострумот е тоа млеко што има заштитна улога затоа што на новороденчето му дава антитела кои го штитат од инфекции, а покрај тоа го помага и празнењето на цревата.
Преодно млеко: Tоа е оноа млеко кое настанува после колострумот, а пред зрелото млеко. Кај ова млеко има постојана варијација во количината и составот секојдневно, па така доаѓа до постепено намалување на протеините, имуноглобулините и липосолубилните витамини, а до зголемување на мастите, лактозата, хидросолубилните витамини и вкупната содржина на енергија.
Зрело млеко: Tоа е оноа млеко кое се јавува на крајот од првиот месец на доењето. Макроскопски е слично на кравјото млеко, но за разлика од него, мајчиното зрело млеко има посладок вкус. Во однос на енергетската вредност тие се идентични, односно таа изнесува и кај зрелото мајчино млеко и кај кравјото млеко околу 68kcal/100ml (285kJ/100ml).
Треба да се потенцира дека за време на доењето, детето треба да ја испразни дојката до крај, затоа што самото мајчино млеко има различен состав на почетокот и на крајот од доењето. Имено, во почетокот т.н. прво млеко содржи повеќе вода, а помалку масти, додека при крајот се создава т.н. скриено млеко кое е богато со масти, односно има поголема енергетска густина. Периодичното прекинување на доењето на една дојка е неправилно, затоа што на тој начин големи се шансите детето да го цица само т.н. прво млеко, а со тоа да не ги добие состојките на скриеното млеко што последователно ќе го намали неговото напредување. Важноста на скриеното млеко е и во фактот дека тоа автоматски го намалува апетитот на детето, а со тоа и детето престанува да цица. Тоа би можело да биде и механизмот преку кој не доаѓа до претерана обезност кај децата што се хранат на дојка.
Имуни и антиалергиски особини на мајчиното млеко
Децата што се хранат со мајчино млеко помалку заболуваат од оние што се хранети со кравјо млеко. Тоа е така благодарение на следните одбранбените фактори присутни во мајчиното млеко:
- Имунокомпетентни клетки (макрофаги, гранулоцити, Т/Б лимфоцити);
- Лактоферин;
- Лизозим;
Доказ дека мајчиното млеко делува антиалергиски е самиот податок за намалената појава на атописки дерматит кај децата хранети со мајчино млеко. Спротивно пак оние деца кои биле хранети со кравјо млеко релативно често добивале атописки дерматит.
Микробиолошки особини на мајчиното млеко
Важноста на мајчиното млеко е докажана и микробиолошки. Мајчиното млеко содржи т.н. bifidus фактор кој го нема во кравјото млеко. Овој фактор го помага развојот на Lactobacilus bifidus кој што е грам позитивен неподвижен анаеробен бацил. Според тоа децата хранети со мајчино млеко изобилуваат со лактобацили во својата цревна флора или подобро кажано овие бацили се главни претставници на цревната флора на новороденчето хрането со мајчино млеко. Нивна главна задача е да спречат колонизација на патогени бактерии во цревата на новороденчето. За разлика од тие деца, оние хранети со кравјо млеко изобилуваат со E.Coli и аеробактер. Треба да се нагласи дека млекото добиено преку доење е практично стерилно, додека кравјото млеко помалку или повеќе е контаминирано. Резимирано, мајчиното млеко, а посебно колострумот ги штити доенчињата од:
- Цревни инфекции;
- Нектротизирачки ентероколитис;
- Сепса;
- Инфекции предизвикани од респираторниот синцициелен вирус (РСВ);
-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-