Грижете се за забите

0

Соодветна орална хигиена вклучува редовно чистење на забите и редовни стоматолошки прегледи. Лошата храна и лошите навики го загрозуваат здравјето на вашите заби. Ова се само некои намирници и навики од кои треба да се откажете. Ако не можете тоа да го сторите засекогаш – барем да ги намалите.

Газирани пијалоци

Овие пијалоци содржат многу фосфорна киселина. Само да ви дадам еден пример. Ако оваа киселина ја користат автомеханичарите за чистење на ‘рѓа, тогаш можете само да замислите што овие пијалоци можат да им направат на забите, непцата и вилицата. Наместо газирани пијалаци, пијте повеќе вода, природни сокови и чаеви. Ако мора да пиете газиран сок, тогаш нека тоа биде на цевка и веднаш потоа исплакнете ја устата со вода.

Кафе и алкохол

Кафето, исто така, содржи штетни материи од земјата од која потекнува. Со кафето задолжително пијте обична вода и користете мастика за џвакање без шеќер. Ако одлучите да престанете со пиење кафе, идеална замена се црните и билните чаеви. Алкохолот ја уништува забната глеѓ и неговата структура. Ако веќе пиете алкохол, исплакнете ја устата со вода и, кога ќе стигнете дома, задолжително измијте ги забите со паста и четка за заби.

 

Грицкање на одредена храна

Грицкањето на одредена храна може да предизвика штетни ефекти на вашите заби. Избегнете да гризете мраз кој не се стопил целосно во пијалокот затоа што кршливата структура на мразот на ниски температури може да предизвика кршење на забите или појава на микроскопски пукнатини на површината на забот. Немојте да чувате во устата коски од кајсии, праски или сливи. Ако веќе сакате да грицкате храна, правете го тоа со свеж морков .

Забите како алат

Повеќето од нас ги користат своите заби како алатки за отворање на разни амбалажи. Избегнувајте да отворате ќеса чипс, да отстранувате етикети или да го местите времето на рачниот часовник со заби. Сето тоа навистина им штети на забите и може да доведе до пукање на веќе ослабениот заб. Никако немојте да отворате шишиња со газирани пијалоци на овој начин затоа што така директно можете да ги уништите вашите заби. Користете отворачи, клешти или ножици за да го отворите пакувањето поефикасно и, истовремено, да ги зачувате вашите заби.

Чкрипење со забите

Тоа е навика која ја одразува нервозата на лицето кое го прави тоа. Ако го имате овој проблем, одете на стоматолог за да ви даде заштитна маска која ќе ги зачува вашите заби. Исто така, обидете се да најдете друг начин да се опуштите и со тоа го ослободите вишокот на енергија .

Повеќе за д-р Елена Мојсовска >>>

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Елена Јевтиќ е родена во 1988г во Битола. Средното образование го завршува во гимназијата „Јосип Броз - Тито" - Битола, природно-математичка насока во 2007г. Дипломира на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот Нови Сад, Панчево во Јули 2013г. -Доктори.мк претставува место каде што можете да дознаете многу повеќе за Вашето здравје, неговата првенцијата и тераписките модалитети од стручен тим на соработници. Особено задоволство е да бидете дел од еден таков тим на успешни и докажани здравствени лица.