Дрога – видови наркотични супстанци и нивното дејство врз организмот

0

Ова е краток опис на најчесто злоупотребуваните наркотични супстанци со осврт на начинот на примена, уличните имиња како и краткотрајните ефекти поради кои луѓето ги консумираат. Штетните ефекти врз организмот и врз социјалната средина се дел од секоја злоупотребувана супстанца. Посакуваните ефекти кои се опишани, служат чисто за информативна цел, а несаканите ефекти се опишани за да Ве предомислат пред да паднете во искушение.

LSD / Аcid (Lysergic acid diethylamide)

LSD е синтетизирана од Алберт Хофман во 1938 од ерготамин кој пак се добива од посебен вид на габички кои опстојуваат на житарици. Била надежен лек во почетокот, но се покажала како “добра” халуциногена супстанца. ЦИА сметала дека конечно може да се контролира мозокот, но залудно. LSD ја нарушува перцепцијата за реалноста и предизвикува халуцинации. Ефектите можат да бидат толку изразени да преминат во паничен напад или напад на параноја. Дилерите ја продаваат како капсули, течност или филм ленти кои се апсорбираат под јазик. Непредвидливите ефекти кои можат да траат и до 12 часа се нарекуваат “trips” и се доста загрижувачки бидејќи лесно преминуваат во делузии. Се покачува температуртата на телото, како и срцевата работа, крвниот притисок, доаѓа до губење на апетит и несоница. Во науката не е документирана смрт од предозирање со LSD, меѓутоа уживателите на оваа наркотична супстанца се ставаат во зголемен ризик да си наштетат себе си и на другите околу нив со нерационалното однесување кое е производ на дејството на дрогата. Урбана легедна за Алберт Хофман кој почина на 102 годишна возраст е дека LSD му го продолжила животот.

“Клаберски” дроги

Во оваа таканаречена група на наркотични средства спаѓаат екстазите (MDMA), метамфетамините, кетаминот, GHB и др. Сите се синтетизирани во лабораторија. Најчесто се консумираат од страна на младите тинејџери или адолесценти за време на концертите, по ноќните барови или едноставно на журка. Познати се по уличните имиња како витамин Е, бонбонче, m&m, или само како Е. Клаберските дроги имаат различни ефекти и секоја си е приказна за себе. Затоа најчесто тие што ја земаат, па и тие што ја продаваат не знаат што им е при рака и за каква дрога се работи. Едноставно ја консумираат бидејќи е ефтина и доста ефикасна. Кетаминот ја нарушува перцепијата и создава чувство на одвоеност од другите, додека GHB има седирачко дејство. Кетаминот во високи дози предизвикува делириум и амнезија, а GHB ако се меша со алкохол може да биде летална. Ефектот на MDMA е субјективен и тоа ја прави оваа дрога доста популарна. Ако прашате пет луѓе кои се на екстаза каков е ефектот, ќе Ви дадат пет различни одговори. Најчести се чувствата на внатрешен мир, зголемена емпатија, топење внатре во себе, изразена желба за искажување љубов, зголемена самодоверба, зголемена контрола, енергија, будност која може да премине и во долготрајна инсомнија. Но, колку и да звучат примамливо овие дроги, имаат голем број на несакани ефекти, како акутни така и хронични. Од акутните ќе ги издвојам брзите покачувања на крвниот притисок, главоболките, вознемиреноста и паранојата, губењето на контролата за рамнотежа и вкочанетост на вилиците или тризмус. Дехидратацијата е посебно загрижувачка бидејќи може да доведе до колабирање, шок, дури и смрт. Хроничните ефекти допрва се согледуваат од страна на научниците бидејќи овие се релативно нови дроги. Скоро 80% од оние кои хронично уживале во MDMA имаат висок степен на депресија, генерализирана анксиозност како и до 30% намалена способност за расудување и меморија со зголемено ниво на самоубиства. Неуротоксични се и предизвикуваат иреверзибилни оштетувања на мозокот.

Кокаин

Кокаинот се добива од билката Erythroxylum coca, а консумиран е уште од дамнешни времиња од народите во Јужна Америка. Тој е моќен стимулатор на централниот нервен систем, а се консумира преку шмркање, пушење или инјектирање. Крекот (crack) е кристална форма на кокаин која се консумира преку пушење. Уличните имиња се познати како бело, снег, кока и др. Ефектите при консумирањето чист кокаин траат од 30 мин до 1час. Зголемената еуфорија и енергичност, како и изливот на идеи и зборување ја прават оваа дрога уникатна. Но, покачениот крвен притисок, зголемената срцева работа, стомачните грчеви, како и гадењето се несаканите ефекти. Предозирањето може да биде опасно и да доведе до состојба на застанување на срцевата работа или cardiac arrest. Хроничното консумирање доведува до атрофија на слузокожата од носната празнина, зголемен ризик за мозочни изливи, зголемен ризик за инфаркт, нарушен сон пратен со дневна летаргија, болки во градите, отежнато дишење и хемоптизи (искашлување на крв).

Хероин

Хероинот е опојна дрога која се добива од морфиумот, кој пак се добива од афионот. Тој е бело–жолтеникава прашкаста супстанца која се консумира преку инјектирање, шмркање или пушење. Познат е по уличните имиња хорс, катран, сканк, џанк и др. Хероинот убедливо над сите други наркотични средства предизвикува најголема зависност. Краткотрајното чувство на огромна еуфорија и благосостојба при првото консумирање доведува до брза толеранција и залудно трагање по правото чувство со зголемување на секоја наредна доза, што евентуално води до предозирање и смрт. Хроничните компликации се констипација (запек) и абдоминални грчеви кои се толку изразени што само со нова доза можат да се смират. Зависниците од хероин се во многу незавидна состојба и се оние на кои им е најмногу потребна медицинската нега. Апстиненцијалните кризи се драматични за овие пациенти и секогаш бараат хоспитализација. Треба да се напомене дека ризикот од HIV, хепатит Б и други крвно преносливи инфективни болести е многукратно зголемен кај корисниците на хероин.

Инхаланти

Ова се испарувачки течни супстанци кои се вдишуваат и имаат т.н. заматувачко дејство. Краткотраен ефект на седација и откачување. Ги има насекаде, а што е најтрагично и во домот. Тоа се лепакот, разредувачите, ацетонот и други. На улица познат е снаперот или познатиот поперс. Ефектите се многу брзи и наликуваат на интоксикација со алкохол. Ако се претера, може да се предизвика губење на сензациите и бесвесност, но исто така и неповратни оштетувања на слухот и видот. Други несакани ефекти се мускулните грчеви, оштетувањата на мозочното ткиво како и на коскената срцевина. Високи дози можат да доведат до слична состојба на миокардит како од алкохол или едноставно до угушување. На нашите простори најчести уживатели се децата од 10 – 14 годишна возраст.

Марихуана

Марихуаната и нејзината активна состојка тетрахидроканабинол (THC) е најчесто злоупотребуваната илегална супстанца во светот. Се консумира преку пушење на исушени цветови од билката Cannabis sativa / indica, се пие како чај или се приготвуваат колачиња. Ја има во течна состојба како екстрахиран и прочистен THC. Широко е распространета низ популацијата, а уживателите се од сите возрасти. Позната е по многубројни улични имиња од кои најполуларното е тревка. Ефектите започнуваат неколку минути по консумирањето и траат до неколку часа. Кратка еуфорија, нарушена перцепција, слабост со памтењето, спората реакција во размислувањето и носењето трапави одлуки доведува до субјективно чувство на изразено расположение и изобилство на смеа, без разлика на причината. Нема докажани хронични ефекти врз организмот освен индиректните нарушувања во односите со другите, немање заинтересираност и иницијатива за продуктивност. Ова е и причина што во некои земји станува легална, но не заборавајте – не и кај нас.

Метамфетамин

Метамфетаминот е многу адиктивна супстанца која е слична на амфетамините. Таа е токсична за рецепторите на допамин во ЦНС. Има бела боја и е во прашкаста или таблетарна форма. Се консумира преку шмркање, како пилула, со инјектирање или пушење. Позната е по уличното име speed или crystal meth. Дејството им е слично како на кокаинот, но се разликува по тоа што има монгу полоши штетни ефекти од кои најлошиот е народно кажаното спржување на мозокот. Токсичноста врз нервните завршетоци е неповратна и со тек на времето води до трајни нарушувања на расположенијата, насилно однесување кое е рефрактерно на терапија, конфузни состојби и состојби на анксиозност и депресија. Но, ова не е се. Токсичноста предизвикува и т.н. амфетаминска психоза која наликува на шизофренија, како и зголемен ризик за Паркинсонова болест, срцеви заболувања и зголемено ниво на самоубиства. Метамфетаминска уста е состојба на усната празнина која настанува поради продолжената дехидратација и слабата орална хигиена пропратена со бруксизам (триење на забите) која води до расипување на скоро сите заби и е проблем за стоматолозите.

PCP / Фенциклидин

PCP е синтетичка супстанца која е развиена во педесетите години како надежен анестетик, но никогаш не била пуштена во употреба поради несаканите психолошки ефекти. Може да се консумира преку шмркање, џвакање или пушење, а се наоѓа во прашкаста или таблетарна форма. На улица ќе се најде под името ангелска прашина, озон или ракетно гориво. Ефектите се од дисоцијативен тип, што значи дека индивидуа со нормално функционирање на личноста кога ќе прими PCP насилно станува шизофренична. За тоа се одговорни чувството на откаченост, делузии, халуцинации, како и неорганизираното мислење пропратено со параноја и екстремна вознемиреност и загриженост. Интересно е што предозираните изгледаат карактеристично со поцрвенета и сува кожа, проширени зеници, делузии, возбуденост и нистагмус (повторувачко движење на очите наизменично во еден правец).

Лекови на рецепта

Звучи чудно, но и во оваа група на лекови има одредени типови кои се злоупотребуваат. Нормално треба да бидат препишани од лекар и како такви да бидат примени само од пациентите на кои им биле препишани. Во реалноста е поинаку, дали поради достапноста или манипулирањето со рецептите и аптеките се поголем е бројот на уживатели кои можат да ги најдат овие лекови по уличните дилери. Тука спаѓаат најчесто оние кои се јаки аналгетици (против болка) а тоа се опиоидите како оксикодон, хидрокодон, трамадол, хидроморфон, меперидин и други. Опиоидите се најчесто злоупотребувани од зависниците на хероин при апстиненцијалните кризи или кога не се во можност да се снабдат со хероин. Друга група се смирувачите на нервниот систем. Знаете дека во секоја куќна “аптека” има пакетче со диазепам или лексилиум, но тоа е многу загрижувачки бидејќи овие смирувачи имаат тенденција на се поголемо користење кај помладите, а посебно страшно е што ги земаат на своја рака без воопшто да се консултираат со лекар за лошите ефекти на толеранција и зависност. Како што има смирувачи има и стимулатори на нервниот систем, а тоа се амфетамините кои се препишуваат при строго контролирани состојби во психијатријата, но бидејќи дејството им е на прв поглед стимулативно тие се мета на злоупотреба. Треба да се пазите од нив.

aвторски текст , не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување

д-р Арангелов е роден на 03.07.1984 во Кавадарци. Средно училиште завршува во гимназијата "Добри Даскалов" во Кавадарци. Дипломира на медицинскиот факултет во Скопје во 2009г. Професионално искуство и сертификати: 09.2009 - 4.2010 Фарматрејд Скопје; Abbott Intl medical representative; поседува ECFMG certificatе; моментално специјализант по радиодијагностика. Порталот е прекрасно дизајниран и статиите се многу разбирливи и достапни за секого. Нешто што многу одамна требаше да биде направено, но никогаш не е доцна. Се надевам на долготрајна соработка при олеснувањето на проблемите со кои се затекнуваат пациентите, било идни или сегашни.