„TRALI“ – компликација од трансфузија

0

Што е „TRALI“ синдром и како да се справиме со истиот?

„Transfusion-Related Acute Lung Injury“ е потенцијално живото-загрозувачка компликација од трансфузија, која се карактеризира со акутен респираторен дистрес. „TRALI“ е водечка причина за смртен исход предизвикан од трансфузија во САД и втора по ред во Велика Британија.

„TRALI“ типично (и најчесто) настанува по примање на свежо смрзната плазма или тромбоцитен концентрат, а не на свежа крв. Иако се познати случаи и по трансфузија со свежа крв поради присуство на остатоци од плазма во истата!

Дефиниција и клиничка презентација

„TRALI“ е тешка акутна реакција на трансфузија при која настанува влошување на респираторната функција, развивање на белодробен едем (кој е од некардиогено потекло!), диспнеа и тахипнеа, често проследени и со хипотензија, цијаноза и треска. Симптомите започнуваат 1-2 часа по трансфузијата и го достигаат својот максимум за време од 6 часа. Бидејќи симптомите не се специфични, дијагностицирањето е тешко, често водејќи ги како ARDS (акутен респираторен дистрес синдром) или едем од кардијално потекло, но доколку на симптомите им претходела трансфузија МОРА секогаш да помислиме на „TRALI“.

Алгоритам за Диференцијална дијагноза:

Карактеристична рентгенографија на бели дробови при „TRALI“ – 35 годишна интубирана пациентка со дифузни алвеоларни инфилтрати билатерално и нормална срцева силуета:

Етиологија и ризик фактори

Иако не сосема разјаснет, механизмот на настанување на „TRALI“ е од имуна природа. Откриени се антитела насочени кон специфичните антигени (HLA и HNA) во организмот на примателот кои се виновни за настанување на реакција и развивање на „TRALI“. Како ризични донори се сметаат жени повеќеротки кои можат да ги развијат тие антитела по контактот со феталната крв и донори кои претходно биле подложени на трансфузија или трансплантација.

Неимун механизам на настанување на „TRALI“ е исто така опишан, но не доволно проучен.

Третман

Третманот на „TRALI“ е супортивен. Полесните форми на „TRALI“ може да дадат одговор на оксигено-терапија. За потешките случаи потребна е механичка вентилација и интензивно лекување. Опишано е лекување и со кортикостероиди, но не е докажан позитивен ефект од истото.

Диуретици не се препорачуваат! Во голем процент пациентите се опоравуваат во тек на 72-96 часа. Некои од пациентите поспоро се опоравуваат и може да останат хипооксични и со перзистентни белодробни инфилтрати до 7 дена. Околу 5-10% од случаевите завршуваат фатално и поктај агресивниот супортивен третман.

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Васко Демјански
Д-р Васко Демјански е роден на 15.07.1985 год. во Штип. Средно образование завршува во средното медицинското училиште “Јане Сандански”- Штип. Дипломира на Медицинскиот факултет при Универзитетот “Св.Кирил и Методиј” – Скопје во 2009 година. Од март 2011 год. е специјализант по Анестезиологија, реанимација и интензивно лекување на Универзитетската Клиника во Скопје. Учесник е на повеќе семинари и конгреси од областа на медицината. Поседува и сертификати за познавање на англискиот јазик и работа со компјутери. “Доктори.мк” е прекрасно реализирана идеа за сајт кој овозможува соработка меѓу колегите од целата држава и поважно - претставува еден извор на статии од кои нови работи учат и обичниот читател и медицинскиот кадар. Нема ништо поважно од здравјето, затоа ”Живеј мудро, Живеј здраво”.