Историја на четките за заби

Дали знаевте дека и пред пет милениуми нашите предци размислувале за оралното здравје и миењето на забите? Дознајте какви биле нивните сфаќања и за тоа време генијални решенија. За крај на патувањето низ историјата на четките за заби се враќаме во 21виот век со осврт на  модерните решенија и стандарди.

Патување низ милениумите

Најстарата позната четка за заби постоела уште пред илјади години. Била позната под името “стапче за џвакање”. На неа се гризеле или џвакале малите гранчиња или корени на дрвото додека растителните влакна не биле доволно раздвоени со што би формирале груба четка. Дури и денес некои домородци во Австралија и Африка своите заби ги чистат со такви “стапчиња за џвакање”.

Старите Кинези, Римјани и Грци со ентузијазам се посветувале на добрата хигиена на устата.

Пред пет илјади години Кинезите сметале дека крварењето на забите е предизвикано од белите забни црви со црни глави кои се гледале кога ќе се извадел забот. Во тоа време лечењето на забоболката се правело со пургатив, миење на забите, масажа и пилули. Обично пилулите биле направени од солен камен и други состојки и се ставале во увото спротивно од страната на која била забоболката.

Старите Римјани имале свои сопствени начини како да се грижат за забите. Плиније Младиот (61 – 113) издал проглас дека користењето на пердувите од мртвите птици како чепкалки за заби може да предизвика лош здив.

Грците биле помодерни. Во третиот век Аристотел го советувал Александар Македонски, своите заби секое утро да ги трие со “тенок пешкир од лен кој е помалку груб”.

Користењето ленени ткаенини за чистење на забите забележано е дури во 1602г. кога Вилијам Воган во “Петнаесет правила за чување на здравјето” напишал: “За да ги зачуваме забите бели и здрави треба да ја миеме устата после секое јадење, да спиеме со полуотворена уста, а наутро да земеме ленена крпа со која добро ќе ги истријаме забите од внатрешната страна на устата”.

Во Европа, во 15 век филозофите почнале да издаваат упатства за добро однесување. Род рекол: ”Немојте да ги чистите забите со својот нож, подобро употребувајте стапче или некоја чиста крпа, со што нема да ги навредите другите ”.

Англија во 1780г. конечно ја понудила првата модерна четка за заби. Рачката и била направена од коска, а влакната кои биле свински влакна биле внесени во дупчиња направени на коската.

Забната четка се проширила во САД, па во 1880г. рачно изрежана и полирана говедска бутна коска била Сметана за најдобра рачка за забна четка, а долгите свински влакна се вметнувале рачно една по една во дупчињата на коската.

Во 20-от век, скромната забна четка засветила во нов сјај. Д-р Роберт Хатсон, стоматолог од Калифорнија, ја измислил првата забна четка со меки округли завршетоци од најлонски влакна. Својот производ го нарекол Орал – Б. Во 1991 година Орал – Б ја воведуваат својата прва четка за заби наречена Орал – Б Индицатор со плави влакненца со индикатор кои избледнуваат во текот на употребата на истата и на тој начин ни кажуваат кога треба да се замени четката.

Четка за заби во 21ви век

Изборот на четки за заби е голем и поради тоа тешко е да се знае на што треба да се внимава. За почеток добро е да се побара совет од стоматолог.

За чиста усна празнина најважна е добрата четка за заби. Добрата четка за заби не е скапа во споредба со цената на стоматолошките интервенции. Во продажба можат да се најдат голем број четки за заби со најразличен облик, изработени од различен квалитет на матерјалот. Изборот на најдобрата четка за заби започнува со изборот на правилните влакна на четката. Тие се најважни бидејќи забот доаѓа во контакт со нив. Треба да се обрне внимание на типот, обликот и распоредот на влакната пред да се одбере четката.

 

Типот на влакната

Денес влакната се изработуваат од најлон или полиестер. И тврдите и средните и меките влакна го отстрануваат плакот, но тврдите и средно тврдите можат трајно да ја оштетат гингивата, јазикот и образите. Можат да предизвикаат болести на пародонтот, а можат да ги оштетат некои од композитните пломби. Истражувањата покажале дека меките четки подеднакво ефикасно го отстрануваат плакот како и средните и тврдите. Поради наведеното, секогаш побарајте четка со меки влакна.

Облик на влакната

Обликот на влакната е исто така важен. Четките со оштри врвови се деструктивни за ткивата во устата отколку со заоблените врвови. Тоа е доста тешко да се види бидејќи врвовите се многу мали. Истрошената четка губи на својот квалитет и ефикасност. Влакната се најбитниот дел од четката, а не нејзиниот облик и важно е тие да бидат квалитетни. Џвакањето на четката ги уништува и четката и забите. Новата четка е до 35% поефикасна од истрошената и затоа својата четка за заби треба да ја менувате на 2-3 месеци.

Распоред на влакната

Обично четките имаат по 6 реда по должина на главата од четката и 3 реда со снопчиња влакна попречно поставени. Четките со поголем број влакна имаат по 13 реда по должина и по 4 попречно. Кај таквите четки, влакната стојат блиску една до друга, па полесно е чистењето на гингивата. Четката која ќе ја одберете би требало да има многу снопчиња меки и заоблени влакна!

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Др. Кристина И. Стојаноска Алоска е родена во Охрид, 1984 година. Средно образование завршува во родниот крај, во гимназијата „Св. Климент Охридски“, природно- математичка насока, во 2003година. Дипломира на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во 2008 година. Со работна лиценца за доктор по стоматологија се стекнува по положување на државниот испит во 2009 година. Во соработка со ОО Црвен крст - Охрид издава две брошури поврзани со оралното здравје. По повод Неделата на забоздравствена заштита, во 2014 ја издава Брошурата „ГРИЖА ЗА ЗАБИТЕ“ наменета за најмладите во која се опишани правилата за здрави заби што треба секое дете да ги знае. Следната, 2015 година, за истата цел ја издава брошурата „НАСМЕВКА БЕЗ КАРИЕС“, на малку повисоко ниво, наменета за сите родители и деца, во која се опишани сите нешта поврзани со кариесот и тоа како да се спречи. Во 2017 година издавачката куќа ЕДУКА МАК ја издава нејзината книга со 10 раскази на тема орално здравје, напишани како поезија во проза, со наслов „НАСМЕВКА ЗА ПЕТКА“. Работна пракса како доктор на стоматологија извршува во Стоматолошката ординација "ЕТАДЕНТ" во Охрид, чиј сопственик е од 2019 година. Доктори.мк е портал кој на популацијата и овозможува да согледа многу проблематики од областа на здравството и да научи многу совети и факти за животот , исхраната и здравјето. Мапата претставува одличен и најбрз начин преку кој може да се лоцира доктор или некоја медицинска установа. Особена чест и огромно задоволство ми претставува што сум дел од тимот на Доктори.мк и искрено се надевам дека преку моите статии читателите на Доктори.мк ќе научат многу проблеми од областа на стоматологијата. Доктори.мк според мене е par excellence портал од областа на здравството во Македонија. Големо БРАВО за основачите!!!