Недостаток на трајни заби кај деца

0

Кога нашите деца се сеуште мали и кога ќе изгубат млечен заб, со нетрпение очекуваме да израсне трајниот заб. Но, што доколку поголемо дете или тинејџер изгуби траен заб или воопшто нема зачеток за развој на траен заб.

 

За многу родители ова може да биде навистина стресна и често вознемирувачка ситуација. Бидејќи нашите вилици продолжуваат да се развиваат сè до зрелоста, третманот не е толку едноставен и веднаш да се замени со заб откако ќе се изгуби.
Повеќето луѓе имаат комплетен број од триесет и два трајни заби.

Ако некој од овие заби не успее целосно да се развие, тоа генерално ќе се смета за случај на вроден недостаток на заб или хиподонција. Хиподонција е всушност една од најчестите развојни абнормалности во стоматологијата, заедно со двојните заби и хипердонцијата. Толку е честа што на 20% од сите возрасни им недостасува барем еден заб! Заби кои најчесто недостасуваат се:

Умници (трети катници) – овие заби се оние што се наоѓаат во задниот дел од устата. Хиподонцијата на овие заби е застапена со 5%.

Вторите премолари – ова се забите непосредно пред катниците. Некогаш може да се отстранат во ортодонтски цели, но доколку на Вашето дете му недостасува овој траен заб, големи се шансите тоа да се должи на хиподонцијата.

Горни латерални секачи – ова се двата заби што се наоѓаат до двата предни први заби.

Долни централни секачи – ова се двата предни заби во долната вилица.

Забите кои конгенитално недостасуваат се многу почести, а со тоа и позабележителни кај трајните заби. Помалку од 1% од децата имаат вроден недостаток на млечен заб, па веројатно нема да се развијат ни трајни заби во вилиците. Во повеќето случаи на хиподонција, недостасуваат само еден или два заби.

Што може да биде причината за хиподонција?

Начинот на формирање на забите во нашата уста е сложен процес и преку 200 гени се одговорни за правилното формирање на еден заб. Општо земено, повеќето случаи на хиподонција се резултат на проблеми со забната гредичка. Оваа трака на ткиво под непцата е местото каде што забот почнува да се формира.

Постојат голем број генетски фактори кои можат да резултираат со недостаток на формирање на забната гредичка, при што повеќето истражувања укажуваат на мутација на кој било од трите специфични гени кои имаат голема улога во развојот на забите. Ако се појави мутација и недостасува забната гредичка, веројатно нема да се формира ниту соодветниот заб.

Забната гредичка исто така е исклучително чувствителна на надворешни влијанија, а оштетувањето пред формирањето на забот веројатно може да резултира со хиподонција. Локална траума, инфекција, терапија со зрачење, хемотерапија, лекови, ендокрини абнормалности и сериозни интраутерини нарушувања се поврзани со недостаток на заби.

Конгениталниот недостаток на заби исто така често е поврзан со разни синдроми, како што е Дауновиот синдром, како и поврзаност со расцепи на уста и непце, ектодермална дисплазија, оро-фацијален дигитален синдром.

Типично, децата ќе го изгубат последниот млечен заб на возраст од околу дванаесет години. Во повеќето случаи, губењето на млечен заб е брзо проследено со ерупција на новиот траен заб.

Доколку Вашето дете го изгуби млечниот заб и не се појави замена за разумен временски период, кои чекори треба да ги превземете?

Најдобриот избор за терапија на секој пациент ќе се врши врз основа на состојбата на забите, загризот, збиеноста на забите и други причини.

Ако на вашето дете му недостасува траен заб, најсоодветниот третман за нив може да се утврди со преглед кај квалификуван детски стоматолог. Постојат неколку опции за третман што можат да се следат со цел да се подобри функционалноста на нивниот загриз и да се подобри целокупниот естетски изглед на нивната насмевка.

Некои опции може да не бидат веднаш достапни, сè додека Вашето дете не е во доцните тинејџерски години или не влезе во период на зрелост. Бидејќи има толку многу причини за недостаток на траен заб, најдобар начин за утврдување на причината е посетата на детски стоматолог, изведување на панорамска рентген снимка и темелна анализа.

Типично постојат три опции на терапија кога недостасува траен заб:

– зачувување на млечниот заб
– замена на забот што недостасува со мобилна или фиксна конструкција
– ортодонтско затворање на просторот

Д-р Бојан Ангеловски
Д-р Бојан Ангеловски е роден во Скопје на 27.11.1988 година. Основно образование има завршено во ОУ Васил Главинов во Скопје, а матурира со одличен успех во 2007 година во средното медицинско училиште “Д-р Панче Караѓозов” - Скопје на отсекот забни техничари. Истата година се запишува на Факултетот по Стоматологија “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, а дипломира во јуни 2012 година со просек од 9.3. Од својата прва година на факултет, па до завршување на студиите е добитник на државна стипендија за талентирани студенти од Министерството за образование и наука. За време на студентските денови учествува на меѓународни конгреси со теми од областа на стоматологијата. Моментално е лиценциран доктор по стоматологија и член на Стоматолошката комора на Р.С.Македонија. Во 2019 година се запишува на специјалистички студии по детска и превентивна стоматологија на Стоматолошкиот факултет во Скопје каде успешно ја обавува својата специјализација и пракса. Посетува бројни лиценцирани курсеви и обуки како во областа на стоматологијата, така и во делот за личен развој, во државата и странство. Одлично говори англиски, германски јазик и српско-хрватски. Во слободното време ужива во пријатно дружење со пријателите и семејството, возење велосипед, книга, планинарење итн. Со своите совети во областа на детската и превентивна стоматолгоија ќе допринесе читателите на овој сајт да се ги разрешат сите дилеми кои ги имаат во врска со оралното здравје на своите најмили.