Цицањето прсти или цицањето на палецот е една од најчестите лоши навики за време на детството. Некои деца ги цицаат палците уште пред раѓањето, затоа што тоа им дава сигурност. Додека бебето цица (кога мајката го дои или кога пие од шише) за да се нахрани, тоа има одредени сензации на пријатно искуство, поврзани со чувство на ситост и нежност.
Причина за оваа лоша навика
За мал број деца цицањето прсти може да биде само начин да се ослободат од чувството на глад. Околу 70-90% од доенчињата цицаат прсти (најчесто палецот), но многу од нив постепено самите од себе се откажуваат од оваа навика на возраст помеѓу 3-6 години. Обидувајќи се да ги објаснат причините за цицањето прсти кај децата, психолозите укажуваат на тоа дека децата бараат начин и понатаму да го продолжат смирувачкото и добро искуство кое им го овозможува доењето, со тоа што ја формираат навиката за цицање прсти или палец. Цицањето прсти за некои деца станува замена за задоволство и сигурност. Во останатите случаи тоа не е ништо друго освен навика, понекогаш дури формирана и пред раѓањето без некоја особена причина. Доколку приметите дека навиката станува поинтензивна секогаш кога детето чувствува дека неговата сигурност е загрозена, тогаш е сигурно дека цицањето прсти е од емоционална природа.
Кога цицањето прсти станува проблем?
Иако цицањето прсти е нормална навика, тоа може да предизвика сериозни проблеми на забите доколку трае подолго односно до никнувањето на трајната дентиција. Поблемот станува сериозен доколку се пролонгира и после возраст од 4-5 години.
Резултати од цицањето прсти
Цицањето прсти може да предизвика тескоба (премногу збиени заби), заби изникнати вон забниот низ и проблеми со загризот. Детето исто така може да има проблеми со говорот или со голтањето. Разделени и изникнати нанапред се најчеста положба на предните заби предизвикана од оваа лоша навика. Тоа може да влијае и на изгледот и да предизвика емоционални проблеми кај детето. Во некои случаи цицањето на прстите може да се замени со други опасни навики на гризење предмети или грицкање на усните.
Доколку детето покажува силна тенденција за цицањето прсти, пожелно е да се замени оваа навика со помош на цуцла, затоа што полесно може да се одвикне детето од цицањето цуцла отколку од цицањето прсти.
Како да се спречи оваа лоша навика?
Родителите премногу рано почнуваат да се загрижуваат како да го одвикнат своето дете од ваквата навика. Се препорачува да не се настојува да се убеди детето да престане со цицањето прсти пред 4 –та година (освен ако не се видливи сериозни проблеми) затоа што тоа може да има спротивни резултати. Обични децата како што растат, постепено престануваат со оваа навика. Доколку не престанат, во продолжение Ви предлагаме неколку едноставни начини како да го убедите своето дете да престане со оваа лоша навика.
- Давајте му на детето некоја задача со играчките со што неговите раце постојано ќе бидат “зафатени”
- Внимателно извадете го палецот од устата на детето додека спие
- Дајте му пример од неговите другарчиња кои престанале со оваа навика и пофалете ги
- Разговарајте за “лошите бактерии” кои се наоѓаат на нашите раце и истите детето ги внесува во устата доколку ги цица прстите
- Избегнувајте да го казнувате детето доколку тешко оди откажувањето од оваа навика
- Доколку подолго време детето не цица прсти наградете го и пофалете го пред другите
- Прашајте го за совет педодонтот. Тој најубаво ќе му објасни на детето што се ќе се случи со неговите заби доколку не престане со оваа навика.
-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-