Витамините А, Б, Ц и Д подеднакво како и минералите калциум, фосфор и флуор имаат голема улога врз здравјето на вашите заби. Во продолжение Ви го претставуваме нивното дејство врз здравјето и изгледот на забите.
Витамини и здрави заби
Недостатокот на Витаминот А особено во текот на развојот на забите е показател дека неговата улога е многу значајна бидејќи овој витамин е важен за обликување на сите забни ткива. Доколку го нема доволно во организмот, доаѓа до оштетување на забните ткива.
Улогата на Витаминот Б се однесува за усната шуплина. Доколку го нема доволно, доаѓа до најразлични промени и заболувања во усната шуплина.
Витаминот Ц подеднакво е важен за убавиот изглед и здравјето на нашите заби. Доколку го нема доволно во организмот, доаѓа до промена на самиот заб исто како и на вилицата после што доаѓа до луксација и паѓање на забот. За да се избегне ваквата несакана ситуација, треба да се води грижа за внесот на овој витамин преку адекватната исхрана која е извор на истиот. Недостатокот на овој витамин може да биде причина и за крварење на непцата.
Витаминот Д има одговорност за калциумот и фосфорот во организмот и е значаен за минерализацијата на коските и забите. Во случај кога го нема доволно во организмот, доаѓа до пореметување и разградување на коските и забите. За да се избегне сето тоа, потребно е повеќе да се консумираат следниве намирници:јајца, лосос, млеко, путер и рибино масло.
Минерали и здрави заби
Калциумот е посебно важен минерал за квалитетни заби. Поради неговиот недостаток забите може да бидат лесно кршливи. За да се спречи сето тоа, потребно е да се внесува храна која содржи повеќе калциум, а тоа се:млечни производи, жолчка, кељ и темно чоколадо ( во одредени количини).
Флуорот е природен елемент кој ги јакне забите и го спречува нивното расипување. Тој ги зајакнува забите на тој начин што ја забрзува нивната реминерализација, а со тоа спречува бактериите да произведат киселина.
-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-