Заболувања на гингивата

Доколку не се изврши редовно отстранување на наслагите на забите, вклучувајќи ги и подрачјата под гингивалната линија, може да дојде до иритација на гингивата и следствено до заболувања на гингивата.

Ако на забите останат наслаги кои се таложат, бактериите во устата произведуваат отровни материи кои можат да ја изиритираат гингивата и да ги оштетат забите. Најраниот  стадиум на заболување кај гингивата се нарекува ГИНГИВИТИС.

Тоа претставува воспаление на гингивата, кое може да предизвика отекување, чувствителност и крварење за време на миењето на забите и при чистење со забен конец.

Заболувањата на гингивата може да се спречат со правилна секојдневна нега на усната шуплина и со редовна посета на стоматологот. Најдобро се спречува, а во најмногу случаи и лечи, со секојдневното рутинско отстранување на забните наслаги. Тоа значи секојдневно миење на забите со мека четка за заби и чистење на интерденталните простори. Овие две постапки спречуваат таложење на забни наслаги на површините на забите и под гингивалната линија.

 

Доколку не се излечи гингивитисот, може да се развие и тежок облик на заболување на гингивата – пародонтопатија. Пародонтопатијата ја оштетува коската – гингивата. Кога ќе се развие пародонтопатија, неможе лесно да се излечи. Не се лекува само со професионален третман туку – со повеќекратна дневна нега на усната шуплина во домашни услови. Стоматологот ќе Ви овозмож- индивидуална програма за тоа како да се одржува оралната хигиена на забите И гингивата со што би се спречило понатамошен развој на болеста.

Пародонтопатијата може да се појави без видливи симптоми, но затоа потребни се редовни контроли кај стоматолог.  Најчести симптоми кај пародонтопатијата се црвена, отечена гингива која почнува да се одвојува од забот и при тоа да се создаде пародонтален џеб. Тоа најчесто се доведува со чувствителност на забите, чувство на силен притисок помеѓу забите или крварење при миење на забите или чисатење со забен конец.

Во напреднатите стадиуми може да дојде до повлекување на гингивата, расипување на коренот на забот, појава на гној помеѓу забот и гингивата, па дури и ослабување или конечна загуба на забот.

Како да се спречи развојот на пародонтопатијата?

  • Темелно чистење на забите два пати на ден (наутро и навечер) со мека четка за заби  користење на паста за заби со флуор
  • Секојдневно чистење на интерденталните простори со интердентален конец  кои неможат да се исчистат со четката
  • Редовни посети на стоматолог на секои 6 месеци
  • Да се избегнува пушење цигари
  • Стоматолозите препорачуваат замена на четката за заби на секои 3 месеци и доколку четката изгледа истрошено затоа што истражувањата покажуваат дека новата четка за заби може да отстрани повеќе од забните наслаги.

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

 

Др. Кристина И. Стојаноска Алоска е родена во Охрид, 1984 година. Средно образование завршува во родниот крај, во гимназијата „Св. Климент Охридски“, природно- математичка насока, во 2003година. Дипломира на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во 2008 година. Со работна лиценца за доктор по стоматологија се стекнува по положување на државниот испит во 2009 година. Во соработка со ОО Црвен крст - Охрид издава две брошури поврзани со оралното здравје. По повод Неделата на забоздравствена заштита, во 2014 ја издава Брошурата „ГРИЖА ЗА ЗАБИТЕ“ наменета за најмладите во која се опишани правилата за здрави заби што треба секое дете да ги знае. Следната, 2015 година, за истата цел ја издава брошурата „НАСМЕВКА БЕЗ КАРИЕС“, на малку повисоко ниво, наменета за сите родители и деца, во која се опишани сите нешта поврзани со кариесот и тоа како да се спречи. Во 2017 година издавачката куќа ЕДУКА МАК ја издава нејзината книга со 10 раскази на тема орално здравје, напишани како поезија во проза, со наслов „НАСМЕВКА ЗА ПЕТКА“. Работна пракса како доктор на стоматологија извршува во Стоматолошката ординација "ЕТАДЕНТ" во Охрид, чиј сопственик е од 2019 година. Доктори.мк е портал кој на популацијата и овозможува да согледа многу проблематики од областа на здравството и да научи многу совети и факти за животот , исхраната и здравјето. Мапата претставува одличен и најбрз начин преку кој може да се лоцира доктор или некоја медицинска установа. Особена чест и огромно задоволство ми претставува што сум дел од тимот на Доктори.мк и искрено се надевам дека преку моите статии читателите на Доктори.мк ќе научат многу проблеми од областа на стоматологијата. Доктори.мк според мене е par excellence портал од областа на здравството во Македонија. Големо БРАВО за основачите!!!