Здрави навики на вашето дете

Сон на секој родител е детето да го гледа здраво и среќно. Неговото залагање во остварување на ваквиот “сон” започнува уште од самото раѓање на детето, од првите денови. Доењето, секојдневната хигиена на телото и чистата облека се најважни особено во првата година од животот на детето. Навиките кои ќе му ги наложат родителите на своето дете се смета дека истите ќе ги применуваат во текот на целиот живот бидејќи децата ќе научат да го делат важното од неважното.

Во продолжение ви претставуваме неколку важни здрави навики на кои треба да ги научат своите деца сегашните и идните родители.

  •  Витамините потребни за сите телесни процеси – Намирниците кои ја сочинуваат здравата храна се многу важни за правилниот раст и развој на вашето дете. Со здрава храна се почнува од 5 месец од животот. Витамините кои се внесуваат со исхраната се многу важни за сите телесни процеси.Недоволниот внес на било кој витамин може да предизвика нарушување во растот и развојот на детето. Навиките во исхраната на детето, неговиот одбрамбен систем, здравје и развој зависат исклучиво од родителите и затоа родителот не треба да се откажува од намерата да го научи детето на правилна исхрана.

  • Заштита од инфекции – Втората важна навика на која треба да ги научите вашите деца е хигиената и тоа се мисли на хигиената на телото, забите и особено рацете. Редовното туширање помага од телото да се исчисти нечистотијата која ја има на кожата. Потребно е повеќе пати во текот на денот да се измијат рацете со сапун и вода и тоа задолжително пред јадење со што би се намалил внесот на бактерии преку устата и би се намалиле шансите за зараза. Оралната хигиена е важна алка како за оралното така и за севкупното здравје. Со миење на запчињата се започнува уште со појавата на првото запче. Важноста на здравјето на млечните заби е од големо значење за детето од повеќе аспекти за кои веќе е пишувано.

  • Сoн – Сонот е од големо значење за правилниот раст и развој. Спиењето во текот на ноќта неможе да биде заменето со спиењето дење. На детето му се потребни 8 до 10 часа сон во ноќта. Се смета дека спиењето во темно и во потполна тишина помага во регенерирањето на мозочните клетки.

 

  • Играта незаменлив дел од детството – Физичката активност односно играта е од особено значење за правилниот раст и развој на детето. Потребно е неколкучасовна физичка активност во текот на денот. Во текот на летниот период се препорачува пливање бидејќи со овој спорт во исто време се активираат сите мускули на телото.

-авторски текст , не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Др. Кристина И. Стојаноска Алоска е родена во Охрид, 1984 година. Средно образование завршува во родниот крај, во гимназијата „Св. Климент Охридски“, природно- математичка насока, во 2003година. Дипломира на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во 2008 година. Со работна лиценца за доктор по стоматологија се стекнува по положување на државниот испит во 2009 година. Во соработка со ОО Црвен крст - Охрид издава две брошури поврзани со оралното здравје. По повод Неделата на забоздравствена заштита, во 2014 ја издава Брошурата „ГРИЖА ЗА ЗАБИТЕ“ наменета за најмладите во која се опишани правилата за здрави заби што треба секое дете да ги знае. Следната, 2015 година, за истата цел ја издава брошурата „НАСМЕВКА БЕЗ КАРИЕС“, на малку повисоко ниво, наменета за сите родители и деца, во која се опишани сите нешта поврзани со кариесот и тоа како да се спречи. Во 2017 година издавачката куќа ЕДУКА МАК ја издава нејзината книга со 10 раскази на тема орално здравје, напишани како поезија во проза, со наслов „НАСМЕВКА ЗА ПЕТКА“. Работна пракса како доктор на стоматологија извршува во Стоматолошката ординација "ЕТАДЕНТ" во Охрид, чиј сопственик е од 2019 година. Доктори.мк е портал кој на популацијата и овозможува да согледа многу проблематики од областа на здравството и да научи многу совети и факти за животот , исхраната и здравјето. Мапата претставува одличен и најбрз начин преку кој може да се лоцира доктор или некоја медицинска установа. Особена чест и огромно задоволство ми претставува што сум дел од тимот на Доктори.мк и искрено се надевам дека преку моите статии читателите на Доктори.мк ќе научат многу проблеми од областа на стоматологијата. Доктори.мк според мене е par excellence портал од областа на здравството во Македонија. Големо БРАВО за основачите!!!