Често поставувани прашања за мозочниот удар

Пред да започнеме, да се потсетиме на претходно обработените теми од серијалот мозочен удар – прашања и одговори:

Често поставувани прашања

Кои се шансите за преживување по мозочен удар?

Околу 85% од пациентите со исхемичен мозочен удар и околу 50% од тие со хеморагичен мозочен удар преживуваат.

Колкав е ризикот за повторен мозочен удар?

Ризикот за повторен мозочен удар е најголем во првата година поточно првите недели, месеци по мозочниот удар или ТИА. Ризикот е поголем кај постарите пациенти кои имале скорешни ТИА и кои боледуваат од болести на срцето и крвните садови (пр.исхемична коронарна болест или периферна артериска болест)

Каква е шансата за опоравување по мозочен удар?

Околу половина од преживеаните имаат шанса за добро функционално опоравување а кај другата половина останува резидуален инвалидитет. Закрепнувањето по мозочен удар бара време. Максимално подобрување настапува во првите неколку месеци а достигнува плато помеѓу 3-6 месеци, но сепак дискретно подобрување може да се следи и во следните 1-2 години. Опоравувањето пред се зависи од видот, големината и регијата која ја зафатил мозочниот удар, како и од општата состојба на пациентот и неговата лична мотивација.

Што да направиме ако некој доживее мозочен удар?

Што е можно побрзо да се повика итна медицинска помош и пациентот да се пренесе до најблиската болница, некои тераписки процедури се ефикасни само во првите три часа од настанувањето на мозочниот удар. На почетокот на ударот не е можно да се предпостави дали ќе напредува или пак симптомите ќе се повлечат.

 

Каде се лекуваат пациентите со мозочен удар?

Пациентите со мозочен удар треба да се лекуват во специјализирани оддели за третман на цереброваскуларни заболувања, каде за пациентите се грижи мулидисциплинарен тим на доктори кои се едуцирани за третман на вакви болни. Во нашата земја ваквите оддели се во склоп на одделите за неврологија. Потоа лекувањето продолжува со матичниот невролог. По завршено лекување на одделот за цереброваскуларни болести, третманот продолжува во специјализирни установи за физикална терапија и рехабилитација. Физикалната терапија и рехабилтацијата треба да започне уште во одделот за цереброваскуларни болести. Истата им помага на пациентите да ги повратат функционалните способности и да се адаптираат на новонастанатата состојба. Рехабилитациониот процес треба да трае се додека постои бенефит од истиот.

Што е тПА?

тПА или ткивен плазминоген активатор е лек кој ги разградува крвните згрутчувања кои го блокирале крвиот проток. Докажано е ефикасен кај одредена група на пациенти кај кои мозочниот удар настанал како последица на блокирање на крвниот проток во одреден мозочен регион доколку го примиле во првите три часа по настанување на мозочниот удар. тПА може да биде контраиндициран за некои пациенти. При разградување на крвното згрутчување повторно се воспоставува протокот на крвта во одредениот дел на мозочото ткиво и ако истото останало живо брзо се опоравува. Но, доколку настанало оштетување на мозочното ткиво и крвните садови во истото изумираат така што при воспоставувањето на крвотокот настапува крварење. Крварењето се јавува кај околу 6% од пациентите третирани со тПА. Поради истото постојат строги критериуми кои докторите ги пратат при третман на пациентите.