Бизарни ментални нарушувања

0

Човековиот мозок е комплексен орган, способен за секакви возвишености. Но, исто така може и да се “расипе” и да создаде ментални проблеми од типот на делузија, депресија и параноја. Менталните нарушувања афектираат милиони луѓе секоја година во светот и водат кон години поминати на психотерапија. Кога функционирањето на мозокот не е нормално, може да се појават извесни чудни психолошки нарушувања. Честопати е екстремно тешко, дури и невозможно, овие бизарни ментални нарушувања да се контролираат или да се надминат. Замислете само како би било да добиете неконтролиран импулс да си ја пресечете сопствената нога. Или пак, да работите со часови и часови секој ден се додека мускулите не ви се распаднат од болка. Ова се само некои од чудните нарушувања на кои се подложни луѓето со ментални проблеми. Прочитајте ја листата на 10-те најбизарни ментални нарушувања, одејќи од десеттото место кон врвот.

 

10. Синдромот Стокхолм

Овој синдром е психолошки одговор кој понекогаш се гледа кај заложниците во некој криминален акт. Всушност, заложникот покажува симптоми на емпатија, лојалност, дури и волево соучество со киднаперот, без оглед на ризикот на кој е подложен самиот тој. Овој синдром се спомнува и во други случаи, како на пример: семејно насилство, силување и злоставување на деца.

Синдромот го носи името по еден грабеж на банка во Стокхолм, Шведска, при кој што ограбувачите ги држеле во заложништво вработените во банката од 23-ти до 28-ми август 1973 година. Во овој случај жртвите станале емоционално приврзани за ограбувачите и дури ги бранеле, одбивајќи да сведочат против нив. Подоцна, кога бандата била осудена и затворена, еден од нив се оженил со жена која била нивен заложник.

Познат пример на синдромот Стокхолм е приказната за Пети Хирст, ќерка на милионер која беше киднапирана во 1974 година. Таа развила симпатии кон нејзините грабнувачи, а подоцна учествувала и во грабеж кој што тие го организирале.

9. Синдромот Лима

Целосна спротивност на синдромот Стокхолм – ова е случај кога грабнувачите покажуваат емпатија кон заложниците.

Го добива името по заложничката драма во Јапонската амбасада во Лима, Перу, кога 14 членови на револуционерното движење Тупак Амару (MRTA) на забавата во амбасадата зедоа стотици луѓе како заложници. Заложниците беа дипломати, владини и воени претставници, бизнисмени од многу националности, кои присуствуваа на забавата. Заложничката драма почна на 17-ти Декември 1996 година, а заврши на 22-ри Април 1997 година. Неколку дена по почетокот на заложничката драма, ослободија повеќе заложници, вклучувајќи ги идниот Претседател на Перу, и мајката на тогашниот Претседател.

По месеци на неуспешни преговори, сите преостанати заложници беа ослободени преку акцијата на перуанските командоси, со исклучок на еден заложник кој беше убиен.

8. Синдромот Диоген

Диоген е антички филозоф, кој живеел во буре за вино и ги промовирал идеите на нихилизам и анимализам. Добро познат е одговорот што Диоген му го дал на Александар Велики кога го прашал што сака најмногу на свет, а овој одговорил, “Да ми се тргнеш ти од светлината!”.

Синдромот на Диоген е состојба која се карактеризира со екстремно запуштање на сопствената личност, асоцијалност и диспософобија (ексцесивно поседување на многу предмети, кои не се употребливи, немаат никаква вредност, можат да бидат опасни и штетни). Најчесто се среќава кај стари луѓе и се поврзува со сенилната деменција. Луѓето кои го имаат синдромот на Диоген живееат екстремно запуштено, со што го нарушуваат сопственото здравје. На пример, сосетката која чува многу мачки, која никогаш не го напушта домот и постојано шири непријатен мирис, најверојатно страда од овој синдром.

Всушност овој синдром е погрешно именуван, бидејќи Диоген живеел аскетски живот и нема податоци кои индицираат дека ја запуштал сопствената хигиена.

7. Синдромот Париз

Синдромот Париз е состојба ексклузивно поврзана со јапонските туристи, кои доживуваат ментален слом (breakdown) кога се во овој познат град. Од милионите јапонски туристи кои секоја година го посетуваат Париз, дузина од нив ја добиваат оваа болест и мора да се вратат во сопствената држава.

Оваа состојба всушност е тешка форма на т.н. “културен шок”. Љубезните јапонски туристи кои доаѓаат во градот не можат да ја спојат идиличната перцепција која тие ја имаат за градот добиена од некои филмови, со реалноста на модерна и брза метропола.

Јапонските туристи кои доаѓаат во конфликт со некој неучтив француски келнер, нема да можат да се караат и приморани се да го прикријат сопствениот бес што на крајот може да доведе до комплетен ментален слом.

Јапонската амбасада има 24-часовен hotline сервис за туристите кои страдаат од тежок културен шок, и овозможува итна медицинска помош доколку е неопходно.

6. Синдромот Стендал

Синдромот Стендал е психосоматска болест која доведува до тахикардија, вртоглавица, збунетост па дури и халуцинации, кога поединецот е во контакт со некое уметничко дело, особено кога уметничкото дело е особено “убаво” или кога огромна количина на уметност е собрана на едно место. Терминот се употребува и кога поединецот е соочен со монументална природна убавина. Името го добива по познатиот француски автор Стендал кој го искусил овој феномен за време на неговата посета на Фиренца, Италија во 1817 година, а го опишал во својата книга “Naples and Florence: A Journey from Milan to Reggio”.

5. Синдромот Ерусалим

Синдромот Ерусалим е назив кој се дава на група ментални феномени кои вклучуваат присуство на опсесивни идеи во однос на религијата, делузии или други психози кои се предизвикани од посета на градот Ерусалим. Овој синдром не е ендемски ентитет за една единствена религија, туку ги афектира и Евреите и Христијаните.

Состојбата избувнува при посета на Ерусалим и предизвикува психички делузии кои исчезнуваат за неколку недели. Сите луѓе кои ја имале оваа спонтана психоза, претходно имале и други ментални нарушувања.

4. Делузијата Капграс

Делузијата Капграс е ретко нарушување кога поединецот има делузија дека некој познаник, вообичаено сопружникот или друг член на фамилијата, е заменет со некој идентичен измамник.

Најчесто е присутна кај пациентите со шизофренија, иако постои и кај пациентите со деменција или по трауматска повреда на мозокот.

Еден приказ на случај вели: “Г-ѓа Д., 74-годишна домаќинка, неодамна отпуштена од локалната болница после нејзиниот прв прием поради психијатриски проблем, доаѓа во нашата болница за второ мислење. При нејзиниот прв прием и била поставена дијагнозата атипична психоза поради верувањето дека нејзиниот сопруг бил заменет со друг непознат маж. Таа одбивала да спие со измамникот, ја заклучувала спалната и вратата навечер, барала пушка од нејзиниот син, и на крајот се противела на полицијата кога била побарана помош за нејзина хоспитализација. На моменти мислела дека нејзиниот маж бил нејзиниот татко кој починал одамна. Таа немала проблем со препознавање на другите членови од семејството.”

Паранојата која ја предизвикува овој синдром, е често присутна во книгите и филмовите со научна фантастика.

3. Делузијата Фреголи

Претставува целосна спротивност на делузијата Капграс. Се работи за ретко нарушување кога поединецот верува дека различни луѓе се всушност една личност која го менува сопствениот изглед или има маска.

Состојбата го добила своето име по италијанскиот актер Леополдо Фреголи, кој бил познат по способноста за правење брзи промени во изгледот за време на драмските сцени.

За овој случај прв пат станува збор во 1927 година која двајца психијатри дискутирале за случајот на 27-годишна жена која верувала дека била прогонувана од двајца актери кои честопати одела да ги гледа на театар. Таа верувала дека овие личности ја прогонувале, заземајќи ликови на лица кои ги познавала или среќавала.

2. Делузијата Котард

Претставува ретко психијатриско нарушување кога личноста верува дека таа е мртва, дека не постои, e распадната или ги изгубила крвта и внатрешните органи. Ретко, може да бидат присутни и делузии на бесмртност.

Еве уште еден приказ на случај кој вели: “Симптомите на пациентот биле во смисла на погенерализирани чувства на нереалност и смрт. Во Јануари, 1990 година, после неговото отпуштање од болница од Единбург, неговата мајка го однела во Јужна Африка. Тој бил убеден дека го однеле во пеколот (што било потврдено со жешкото време) и дека умрел од сепса, или можеби од СИДА (имал прочитано статија за човек со СИДА кој умрел од сепса), или од прекумерна доза на вакцина за жолта треска. Тој мислел дека го позајмил духот на мајка му за да прошета низ пеколот, а дека всушност во моментот спиел во Шкотска.”

Името го добила по Жил Котард, француски невролог, кој прв ја опишал оваа состојба и ја нарекол “le délire de négation” (негациски делириум), при едно негово предавање во Париз во 1880 година. А во прилог, можете и да ја погледнете телевизиската серија “The walking dead” на FOX Crime.

1. Редупликативна парамнезија

Редупликативната парамнезија е делузија при која одредено место е дуплицирано, симултано постои во две или повеќе локации, или е преместено на некоја друга локација. На пример, поединецот може да верува дека тој всушност не е во болницата во која го примиле, туку во идентична болница во друг дел од земјата, како во следниот приказ на случај:

“Неколку дена по приемот во Неуробихејвиоралниот центар, кај пациентот ориентацијата во време беше интактна, можеше да даде детали за несреќата, се сеќаваше на имињата на докторите и можеше да учи нови информации. Но, беше присутна извесна невообичаена абнормалност во ориентацијата во простор. Иако брзо научи и запамети дека беше во Jamaica Plain Veterans Hospital (уште наречена и Boston Veterans Administration Hospital), тој инсистираше дека болницата е сместена во Таунтон, Масачусетс, неговиот роден град. По одредено испрашување, тој сфати дека Jamaica Plain е дел од Бостон и призна дека е чудно да постојат две такви болници. Меѓутоа, инсистираше дека е хоспитализиран во гранка на Jamaica Plain Veterans Hospital лоцирана во Таунтон. Еднаш дури изјави дека болницата е сместена во празната соба во неговата куќа.”

Изразот “редупликативна парамнезија” за прв пат бил употребен во 1903 година од страна на чехословачкиот невролог Арнолд Пик, кој со овој израз ја опишал состојбата кај пациентка за која се сомневал дека боледува од Алцхајмерова болест. Пациентката инсистира дека била преместана од градската клиника на докторот во една клиника во познато предградие која изгледала идентично како неговата. За да ја објасни оваа дискрепанца, таа понатаму тврдела дека д-р Пик и медицинскиот персонал работеле во двете болници.

 

Д-р Памела Илиоска е родена на 13.11.1985 год. Основното и средното образование го завршува во Македонски Брод. Дипломира на Медицинскиот Факултет во Скопје во 2010 година со среден просек 9.97. За време на средното образование учествува во бројни проекти, дебатни кампови и натпреварувања во организација на Младинскиот Образовен форум, School Connectivity Project и E-School Project. Меѓу нив посебно се издвојуваат: учеството на Интернационалниот конгрес на Southeast Europe School Connectivity Project во организација на Catholic Relief Services и едномесечниот престој на Towson University, Балтимор, Мериленд (јули, 2003), како дел од SEEYLI (The South East Europe Youth Leadership Institute)/ програма на американскиот Стејт департмент во соработка со Институтот Отворено Општество и IDEA. За време на студиите учествува на неколку семинари и конгреси, меѓу кои е и освоеното 3-то место на 31-от Интернационален Медицински Научен Конгрес за усна презентација на темата " The onset and prognosis of the hepatorenal syndrome". Во јули-август 2009 година остварува едномесечен престој на одделот за кардиологија на Првиот Карлов Универзитет во Прага, Р.Чешка. Во јануари 2011 год., во Белград, учествува на тренинг модулот за " Scientific writing and publishing" во рамките на проектот Focus-Balkans. -Овој интернет портал е пријатно освежување за интернет страниците потпишани од македонски креатори, кој несомнено изгледа како светските сајтови за e-health или е-medicine. Убаво е чувството кога гледате млади колеги кои се залагаат за промоција на здравствената култура во Македонија, зашто една од основните работи во животот е да се биде добро и навремено информиран. Уметноста на живеењето е во секој од нас, a секојдневна потреба е да се има образование со широки погледи. Затоа, читајте доктори.мк и не заборавајте да примените некој од многуте корисни совети ! :)