Прекумерното консумирање алкохол е штетно буквално за сите човекови органи. Но, оштетувањата кои ги прави на некои големи и витални органи едноставно не смееме да ги занемариме. Денеска ќе ви ги презентирам петте големи органи во човековото тело кои алкохолот најбрзо ги уништува …
Срце
Сите ние кои се занимаваме со проучување на последните студии во врска со подобрување на работата на срцето и крвните садови како причина број еден за смртност во светот, често сакаме да пишуваме колку е здраво да се пие по една чаша вино на ден, за подобрување на циркулацијата и срцевата работа. Но, што кога чашата ќе се претвори во шише? Ефектите буквално ќе станат спротивни … Честото консумирање на големи количини алкохол ја загрозуваат циркулацијата на артериите кои што го снабдуваат срцето со крв, со тоа по одреден временски период предизвикуваат и слабеење на целиот срцев мускул. Крајната состојба која ќе се јави е добропознатата алкохолна кардиомегалија. Луѓето кои ќе ја добијат оваа состојба започнуваат бргу да развиваат симптоми на срцево затајување, како што се скратен здив, кашлање, аритмија, хепатомегалија и на крајот срцев удар. При кардиомегалиите мораме да нагласиме дека ризикот од ненадајна срцева смрт е многукратно зголемена што е и основната причина за смрт кај луѓето кои поради зголемено консумирање на алкохол ја добиле оваа компликација.
Мозок
Самата причина зошто го консумираме алкохолот е неговото дејство врз мозокот. Иако го консумираме затоа што предизвикува еуфорија, добро расположение и опуштање, честото консумирање во поголеми количини започнува да ја ремети функцијата на целиот мозок. Почнувајќи од реметењето на неуротрансмитерите во мозокот, етанолот кој се содржи во алкохолните пијалаци, ги пореметува повеќето мозочни функции, кои со текот на времето можат и неповратно да го оштетат мозокот. Трајните компликации од прекумерното консумирање на алкохол врз мозокот се: Депресија, пореметување на помнењето, пореметување на рсположените, учењето и слични состојби. Скако ризикот за мозочен удар исто така е неколкукратно зголемен.
Црн дроб
Црниот дроб е орган кој најбрзо се оштетува поради консумирање на алкохол. Црниот дроб е тој кој ја трпи казната поради вашето прекумерно опуштање со алкохол. Всушност тој е оној орган кој треба да се справи со нередот кој вие сте го направиле во организмот поради прекумерното користење алкохол. Само како показател ќе ви наведеме неколку статистички податоци од САД, со кои располагаме, а верувајте ниту Европа не се разликува многу. Според статистиката повеќе од 2 милиони луѓе само во САД патат од алкохолна цироза, а цирозата предизвикана од прекумерно консумирање на алкохол е 12-та причина за смртност во светот, што е навистина високо. Исто така алармантен статистички податок е дека во светот секоја трета транслантација на црн дроб е причинета од алкохола цироза.
Панкреас
Панкреасот не е толку познат меѓу луѓето како таргет орган на алкохолот, но алкохолот може сериозно да го “збуни” егзокриното лачење на панкреасот, па често да предизвика негово автодигестирање. Акутното пореметување на лачењето на дигестивни ензими од панкреасот може да доведе до состојба позната како “акутен панкреатит” состојба која е високо ургентна и има голем процент на смртност.
Бубрези
Веднаш по црниот дроб, бубрезите се втори по честота како таргет орган на алкохолот, особено се јавува заедно со пореметувања на црниот-дроб. Ова може да предизвика апсолутно пореметување на количината на вода и електролити во телото, да предизвика зголемување на крвниот притисок па и оштетување, а понекогаш и целосно откажување на бубрезите. Според некои статистики, прекумерното консумирање на алкохол е една од водечките причини за загуба на бубрежната функција. При ваква состојба единствено решение е дијализа или трансплантација на бубрег, што е исклучително тешка и напорна здравствена состојба.
Ова се сумирано петте органи и состојбите на истите кои се најчесто јавуваат како резултат на зголемен внес на алкохол во телото, а истите не се толку ретки и во Република Македонија се во постојан пораст како и во повеќето други држави во светот. Затоа размислете уште еднаш пред апсолутно да се препуштите на алкохолот …
-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-