Секој од нас, без разлика дали е медицинско лице или не, во секојдневието може да биде затекнат од несакана ситуација во која може да е загрозен и животот на наш пријател или случаен минувач. Навременото, би рекол, реагирање, може да спаси понекогаш и човечки живот. Токму од таа причина, следат неколку медицински совети за укажување на итна помош. Прочитајте подолу како можете да помогнете при голем епилептичен напад.
Доколку воочите дека некој/а има епилептичен напад, важно е да ги следите следните постапки:
- Останете покрај лицето – останете прибрани.
- Забележете го времето/должината на нападот.
- Заштитете го лицето од повреда – отстранете ги сите околни тврди предмети. Ставете му нешто меко под главата. Олабавете ги сите алишта што го стегаат.
- Нежно свртете го лицето настрана – веднаш кога тоа ќе биде возможно, помогнете му да дише.
- Воспоставете комуникација за да знаете дека и кога навистина лицето се вратило при свест.
- Успокојте го лицето.
- Отстранете ги страничните посматрачи.
- Немојте да ги ограничувате движењата на лицето.
- Немојте ништо на сила да му ставате во устата.
- Немојте на лицето да му давате вода, апчиња или храна пред тоа сосем да се врати при свест.
По нападот, лицето треба да го положите да лежи на левиот колк. Не заборавајте дека постои мала опасност од повраќање после нападот, пред да се врати сосем лицето при свест. Затоа главата на лицето треба да му биде свртена на страна за да може од устата да му истече се што ќе поврати, а да не го вдише повратеното. Останете покрај лицето додека тоа закрепне (5 до 20 минути).
Повикајте Брза помош на 194 ако:
- Нападот трае повеќе од 5 минути или ако набрзо дојде до втор напад.
- Лицето не се освести во рок од 5 минути откако престанал нападот.
- Нападот се случи во вода.
- Лицето е повредено.
- Лицето е бремено или има шеќерна болест.
- Знаете, или верувате, дека тоа на лицето му е прв таков напад.
- Не сте сигурни што треба да сторите.
-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-