„КУЧИЊАТА ЛААТ, КАРВАНОТ СИ ВРВИ“!?

0

Продолжува серијата умирања. Веќе одамна станаа само ладни бројки во дневните извештаи… Продолжува индиферентноста и безгрижноста на сите нивоа.

Продолжува молкот по повикот на Лекарската комора на Македонија (ЛКМ) од 25 август до стручните здруженија! (1)

И повторно прашувам: Зошто ЛКМ само констатираше дека не постојат „национални протоколи“ и повикува „надлежните институции, стручните комисии и лекарските здруженија“ да споделат само „стручни ставови за сите отворени прашања и дилеми“, а не инсистира да се изготват национални протоколи?

Или попрецизно, зошто не повика на почитување на законот? Од кај па сега закон!? Да, закон – зашто, член 27, став (1) од Законот за здравствена заштита (ЗЗЗ) (2) е дециден:

„Здравствената дејност во здравствените установи од страна на здравствените работници и здравствените соработници задолжително се врши согласно со стручни упатства за медицина заснована на докази кои согласно со современата светска медицинска практика, ги утврдува министерот за здравство.“

Значи, законска обврска е здравствената заштита ЗАДОЛЖИТЕЛНО да се врши „согласно со стручни упатства за медицина заснована на докази“! А во одделни случаи, ако докторот смета дека треба да отстапи од Упатството, тоа треба писмено да го образложи и образложението да го приложи во медицинското досие на пациентот.

На сајтот на Министерството за здравство достапни се „Упатства за практикување на медицина заснована на докази за сите гранки на медицината“ (3). Во делот „Инфектологија“ понудени се 58 упатства за разни заразни заболувања (4), но, за КОВИД-19 упатство нема!

Тие упатства се подзаконски акти и непридржувањето кон нив повлекува кривична одговорност. Но, ако нема таков акт, нема ни одговорност! Дали, можеби, токму затоа огромното мнозинство доктори на сите нивоа на здравствена заштита – од примарна до терцијарна – ординираат антибиотици според свое лично наоѓање, мислејќи дека се амнестирани од одговорност?

Но, дали е тоа баш така? Дали се навистина амнестирани? Дали ако не постои подзаконски акт (Упатство за медицинско згрижување на КОВИД-19, во случајов), членот 27 од Законот за здравствена заштита, како повисок законски акт, не важи? Или сепак важи? Ете прашање за правни експерти!

Уште нешто. Некои колеги тврдат јавно дека протоколи за лекување на ковид имаме. Какви се тие протоколи (или упатства, сеедно)? Ако постојат, зошто не се објавени јавно? Дали во нив – покрај другото – пишува дека антибиотиците се столб на анти-ковид терапијата? Ако пишува, искинете ги веднаш! Зошто? Затоа што во ниту едно-единствено упатство во било која држава во светот, како и она на Светската здравствена организација и Националните институти за здравје во САД, антибиотиците не се спомнуваат – освен во случај на појава на бактериска пневмонија!

Ако тие протоколи/упатства не се донесени врз основа на член 27, став (1) од ЗЗЗ – а не се – тоа се само интерни, стручни упатства – чиешто неприменување не повлекува законска одговорност (дали е така?).

Но, што е со одговорноста од етичка, деонтолошка и професионална гледна точка? Во овој дел, ингеренции има ЛКМ!

Според Статутот на ЛКМ (5), една од нејзините задачи е да „врши надзор над стручната работа на здравствените установи и другите установи кои вршат здравствена дејност и на здравствените работници и соработници“ (член 8 од Статутот). Врши ли?

ЛКМ во својата организациона структура има и Суд на честа, кој има задача да „расправа и одлучува за одговорноста на членовите на Комората за сторена повреда од етичка, деонтолошка и професионална гледна точка“ (член 34 од Статутот) и да изрекува соодветни мерки: „опомена, јавна опомена, парична казна, забрана за учество во работата на органите на Комората, времено или трајно одземање на лиценца“. Не мисли ли Судот на честа дека постојат елементи за негово стапување на сцена?

Во ЛКМ постојат и комисии, меѓу кои и Комисија за стручно-медицински прашања, која меѓу другото има обврска „за одредени стручни прашања да утврдува стручни ставови и ги усогласува со надлежните институции и органи“ (член 49 од Статутот). Има ли оваа комисија утврдено такви ставови за КОВИД-19 (во консултација со стручните здруженија, се разбира)? Па да ги поднесе до Министерот за донесување на Упатства согласно медицина заснована на докази…

Ако ЛКМ ги има горните ингеренции, зошто тогаш, воопшто ги прозва стручните здруженија?

Ќе преземе ли некој нешто?

Или – „кучињата лаат, карванот си врви“…

Референции:

1. http://www.lkm.org.mk/

2. http://zdravstvo.gov.mk/

3. http://zdravstvo.gov.mk/

4. http://zdravstvo.gov.mk/

5. http://www.lkm.org.mk/