Гингивална рецесија – соголување на забите

0

Во соработка со:

асс. д-р сци. Емилија Левеска – Стефановска – Клиника за болести на устата и пародонтот, Стоматолошки клинички центар „Св. Пантелејмон“ – Скопје

Гингивална рецесија претставува повлекување на гингивата (мекото ткиво кое се наоѓа околу забите) од нејзиното нормално место. Со тоа, делот од забот кој таа го прекрива станува соголен и изложен на надворешните влијанија.

Рецесијата на гингивата е вообичаена појава кај пародонтопатијата, која обично станува клинички манифестна кај повозрасната популација и таа може да биде изразена во различен степен. Исто така, се смета дека одредено повлекување на гингивата се случува со текот на годините, и таа се нарекува физиолошка (нормална), но само ако истата е во не многу изразен степен. Сепак, повлекување на гингивата доста често се забележува и кај младата популација и статијава го посветува вниманието на оваа појава кај младите особи.

Гингивалната рецесија може да биде ограничена на еден или на повеќе заби и може да биде изразена во различен степен, со што се одредува и класата на состојбата. Многу често оваа појава самиот пациент не може да ја забележи, особено ако таа е ограничена на некој заб од задната регија. Затоа, стоматологот е тој кој треба да укаже на постоењето на рецесијата и заедно со пациентот да го спречи нејзиното прогредирање, бидејќи на долги патеки, како што забот се соголува се повеќе, може да дојде до негово губење.

 

Зошто кај младите лица се јавува гингивална рецесија?

Во една клиничка студија спроведена на Клиниката за болести на устата и пародонтот при Стоматолошкиот клинички центар во Скопје, резултатите покажуваат дека кај 86% од испитаниците на возраст од 18-39 години постои рецесија на гингивата. Според честотата, главни причини биле агресивното четкање на забите (38%), фиксните ортодонтски апарати (28%), трауматската оклузија (22%) и високо инсертираниот усен френулум (12%). Кај испитаниците на возраст од 40- 65 години, главна причина била пародонтопатијата и лошите протетски и конзервативни надоместоци.

Како најчеста причина за повлекување на гингивата се посочува агресивното, претераното и неправилното четкање на забите. Соголувањето на забот ќе биде поизразено ако четкањето се прави со четка која има тврди влакна. Литературните податоци покажуваат дека гингивалната рецесија најмногу се појавува на предната страна на забите и почесто на кучешките заби. Тоа оди во прилог и на навиките за четкање. Обично најмногу и најсилно се четкаат предните заби, што само по себе води и до поголеми оштетувања на гингивата. Исто така, популацијата најчесто ги четка забите само во хоризонтален или само во вертикален правец, со што се зголемува површината на дејство на силата, а и бактериите кои се наоѓаат на забите не се отстрануваат целосно. Спротивно на ова, рецесија може да настане и при недоволно четкање, при што во делот меѓу забот и гингивата останува голема количина на наслаги (дентален плак), со многу бактерии кои го уништуваат мекото ткиво.

Совет: Основен услов кој треба да се задоволи за да се спречи соголување на забите, а и воопшто да се сочува оралното здравје, е правилното одржување на хигиената на устата и забите. Четката треба да биде изработена од средно тврди или меки влакна, а при четкањето не треба да се употребува преголема сила. Постојат неколку техники за четкање, но за најприфатлива се смета онаа која кај индивидуата дава најдобри резултати. Побарајте од вашиот стоматолог да ве обучи како правилно се четкаат забите, како и за можностите за користење на дополнителни средства за одржување на хигиената.

Друга честа причина за појава на гингивална рецесија е таканаречената трауматска оклузија, а спротивно на неа и афункцијата. Тоа значи дека секој заб на кој дејствува поголем притисок од оној кој може да го издржи, порано или подоцна ќе биде соголен, т.е. гингивата ќе почне да се повлекува. Тоа се случува кај оние пациенти кои имаат неправилно наредени заби (ортодонтски аномалии), при што одредени заби повеќе се допираат со спротивните заби од останатите, а и при џвакањето на нив делуваат поголеми сили. Исто така, ова се случува и кај забите кои воопшто не се во функција, т.е. не се допираат со друг заб од спротивната вилица. Основно биолошко правило е дека секое ткиво кое е преоптеретено или пак воопшто не се става во функција, е подложно на дегенерирање и пропаѓање.

Совет: Навремено преземање на ортодонтски третман, особено кај децата и тинејџерите, со цел подредување на забите во правилна положба, при што секој заб ќе се стави во функција и ќе трпи онолку притисок за кој тој заб е предодреден.

Повлекување на гингивата може да настане и при носењето на фиксни ортодонтски апарати. Причината тука се гледа во наглото поместување на забите. Имено, гингивата која непосредно налегнува на забот е тенка, исто како и коската која се наоѓа во тој дел. Со наглото и неправилно придвижување на забот се прават анатомски и структурни промени во гингивата, при што може да настане нејзино повлекување. Дополнително, тука се наметнува и намалената можност за одржување на хигиената, со што се зголемуваат условите за настанување на воспаление (гингивитис), кое ако прогредира може да доведе до гингивална рецесија.

Високата инсерција на усниот френулум е уште една причина за повлекување на гингивата. Френулумот претставува тенка (скоро и проѕирна) структура која ги поврзува усните од внатрешната страна со гингивата непосредно под забите. Ако френулумот е поставен блиску до забите, тогаш со секое отворање на устата и ставање во функција, тој врши надолен притисок кој дејствува во спротивен правец од забот.

Совет: Ако имате високо поставен (прикрепен) френулум, добро е да се направи негово засекување (френулектомија) со што ќе се спречи неговото негативно дејство. Процедурата е кратка, самата интервенција е сосема малку болна и не постојат големи шанси за некакви компликации.

Кои се последиците од гингивалната рецесија?

Ако факторите кои довеле до оваа појава навреме не се отстранат, повлекувањето на гингивата обично продолжува. Тоа може да остане локализирано на еден заб, или да се прошири и на други заби. Со тоа, настанува соголување на коренот на забот. Во оваа фаза може да се јави зголемена чувствителност (болка) при консумирањето на ладна храна и пијалоци или при дишење ладен воздух. Бидејќи коренот е покриен со цемент, кој и не е така отпорен и тврд, многу често на тој дел се појавува кариес. Со напредување на процесот, забот се повеќе ја губи потпората, па може да дојде до негово разнишување, придвижување, испливување и на крај испаѓање од устата. Конечно, при секое повлекување на гингивата настануваат и промени во естетиката, особено ако тоа е на предните заби и е многу изразено.

Дали рецесијата на гингивата може да се лекува?

За жал, во оние случаи каде повлекувањето на гингивата е во голем степен, со неинвазивни процедури може да се направи малку. Еднаш повлечена гинвива е многу тешко да се врати на своето место. Основно што треба да се направи е да се отстрани факторот кој довел до оваа состојба. Со неговото отстранување, обично процесот запира. Единствен начин за враќање на гингивата на своето место е хируршкиот. Тука спаѓаат гингивопластиката, при која се прави моделирање на гингивата и аугментацијата (вградување) на гингива на местото каде таа недостасува. Кога рецесијата е придружена и со губиток на коска (при пародонтопатија), се прави и аугментација на коскено ткиво.

Бидејќи гингивалната рецесија е доста честа појава кај младите луѓе, тие треба навреме да ја спречат. Советите кои се дел од овој текст се основните начини за постигнување на оваа цел, но секој човек првенствено треба да биде мотивиран за зачувување на сопственото орално здравје и секако редовно да посетува стоматолог. Авторите на оваа статија се надеваат дека со овој текст свеста за одржување на редовна и правилна орална хигиена кај младата популација ќе се подигне и ви посакуваат помалку гингивална рецесија, а повеќе безгрижни и убави насмевки.

Филип Конески е роден на 7.1.1991 год. во Белград. Основно училиште завршил во Прилеп, а средно медицинско училиште во Битола, насока забен техничар. Во 2009 год. се запишува на Стоматолошкиот факултет при УКИМ во Скопје. Дипломира во 2014 год. со среден успех 9,62 и се стекнува со титулата д-р по стоматологија. На предлог на Деканот на Стоматолошкиот факултет и поддржан и препорачан од бројни професори и претставници од релевантни стоматолошки здруженија во Македонија, во 2013 год. ја добива престижната Награда на Град Скопје „13 Ноември“ за континуирани успешни достигнувања во наставните и воннаставните активности, кои се од особено значење за афирмацијата на градот и Р. Македонија. На 19. Меѓународен научен конгрес на студентите по стоматологија во Охрид 2012 год. освојува втора награда за усна презентација. На 21. и 22. Меѓународен научен конгрес на студентите по стоматологија во Охрид во 2013 и 2014 год. ги освојува првите награди за најдобри усни презентации. Организатор е на работилници во рамките на студентските конгреси. Секоја година е дел од акцијата на Македонското стоматолошко друштво за одбележување на Светскиот ден на оралното здравје, преку одржување предавања и едукација на учениците во основните училишта за важноста на оралното здравје и начинот на неговото зачувување и унапредување.Дел е и на бројни хуманитарни акции за помош на социјално загрозени семејства и деца со пречки во развојот. Дел е од организациониот тим на бројните стручни настани и симпозиуми на Македонското стоматолошко друштво и специјалистичките здруженија кои се во склоп на друштвото. Свој придонес дава и во организирањето на 18. Конгрес на Балканското стоматолошко здружение во 2013 год. Од 2012 год. Филип Конески е амбасадор на Р. Македонија во меѓународното списание International Dental Journal of Students’ Research (ISSN 2278-3784). Во 2011 год. станува дел од тимот на македонскиот веб портал за медицина и здравје доктори.мк, на кој објавува авторски текстови од областа на стоматологијата. Во 2012 год. е добитник на Признание за особен придонес во развојот на здравствените веб содржини и подобрување на здравствената едукација во Р. Македонија. Од особен интерес на Филип е максилофацијалната хирургија и денталната патологија, во чии полиња работи на неколку проекти и истражувања со реномирани професори од тие области. Контактирајте го Филип на koneski_filip@hotmail.com -Здравствената едукација на населението и пациентите има непроценлива важност за нивното здравје, особено за превенцијата, на која треба да се обрнува поголемо внимание. Доктори.мк е место каде се интегрира и на достапен начин се презентира знаењето на професионалци од многу медицински области, со што се постигнува целта за подигнување на свеста и здравствената култура на секој поединец. Доктори.мк е наш бренд со кој треба да се гордееме. Да се биде дел од тимот автори и соработници претставува голема чест и задоволство.