Секој од нас, без разлика дали е медицинско лице или не, во секојдневието може да биде затекнат од несакана ситуација во која може да е загрозен и животот на наш пријател или случаен минувач. Навременото, би рекол, реагирање, може да спаси понекогаш и човечки живот. Токму од таа причина, следат неколку медицински совети за укажување на итна помош. Прочитајте како да пружите прва помош на пациент во шок.
Шокот може да биде резултат на траума, топлотен удар, губиток на крв, алергиска реакција, тешка инфекција, труење, тешки изгореници и други причини. Кога една личност се наоѓа во шок, органите не добиваат доволно крв или кислород и ако не се лекува состојбата – може да доведе до трајно оштетување на органите или смрт.
Како најкарактеристични знаци и симптоми на шокот се:
- Ладна кожа: може да биде и бледа или сиво пребоена.
- Слабо исполнет и брз пулс. Дишењето може да е плитко и бавно, или да се јави хипервентилација (брзо и длабоко дишење). Крвниот притисок е под нормалниот.
- Може да се јави наузеа (лошење). Може и да поврати пациентот.
- Недостаток на сјај во очите и вкочанет вид. Понекогаш зениците се дилатирани.
- Личноста може да биде при свест или да ја има изгубено свеста. Ако е свесна, личноста најчесто е слаба или збунета за ситуацијата. Шокот понекогаш може да направи личноста да биде премногу ексцитирана и анксиозна.
Ако се сомневате во шок, дури и да ви изгледа личноста нормално после повредата:
- Викнете Брза помош.
- Легнете ја личноста со нозете елевирани над нивото на телото. Ако поткревањето на нозете предизвикува болка или понатамошно оштетување, нека останат во легната положба.
- Проверете ги знаците на циркулација (дишење, кашлање или движење). Ако се отсутни, веднаш почнете со реанимација.
- Направете на личноста да и биде топло и комфорно. Отпуштете го каишот и тесната облека и покријте ја личноста со ќебе. Дури и личноста да се жали дека е жедна не и давајте ништо за пиење.
- Поставете ја личноста на страна за да превенирате давење ако има повраќање или крварење од устата.
- Побарајте помош за повредите, како крварењето или скршената коска.
-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-