Шум на срце во детска возраст – има ли причина за загриженост?

0

Шум на срце кај децата е наод со кој педијатарот често се среќава во секојдневната пракса и е најчеста причина за упатување на детето кај педијатриски кардиолог. Сознанието за шум кај нивното дете, најчесто побудува нелагодност и страв кај родителите. Ова произлегува од погрешното сфаќање и поистоветување на шумот на срце исклучиво со постоење на одерена срцева маана.

Токму поради ова, добро е да се знаат можните причини за шум кај децата и состојбите поврзани со негова појава. Дијапазонот на наодите е широк и се движи од здраво дете, па до постоење на различни срцеви аномалии.

Што е шум на срце и како се открива?

Шумот на срце представува звучен феномен кој се создава при движење на крвта низ нормалните или патолошки изменети срцеви структури. Местото каде се слуша шумот, карактеристиките, јачината и типот на шумот, зависат токму од тоа дали потекнува од здраво срце или е резултат на постоење на срцева маана.

Кои се причини за појава на срцеви шумови кај децата ?

Невин или функционален шум на срце е шум на здраво срце. Се среќава кај околу 80 проценти од здравите деца. Се создава како резултат од вибрации на нормалните срцеви структури, при течење на крвта. Грацилната градба на градниот кош кај децата, овозможува пренесување на овој звук кој ние го слушаме и дефинираме како шум.

Невиниот шум може да се јави уште во раната доенечка возраст, веднаш по затварање на феталните комуникации и може да се одржува до крај на пубертетот, но секако спонтано се губи. Има свои особености, по кои се разликува од патолошките шумови. Тој е непостојан по интензитет, а со оглед дека потекнува од здраво срце, не е поврзан со никакви тегоби и симптоми. Децата со невин шум не треба да се ограничуваат во физичката активност.

Пролапс на митралниот залисток е релативно честа појава. Се работи за издолжени, полабави ливчиња на митралниот залисток што е залистокот помеѓу левата предкомора и комора. Кај децата најчесто се среќава како идиопатски, конституционален и тоа кај слаби, високи деца, со тесен граден кош. Особено е чест наод во периодот на нагло извишување.

Понекогаш може да се јави срцебиење или прескокнување- аритмија, како и неспецифично “боцкање “ во градите, што не треба да се поистоветува со градната болка од коронарно потекло, кај возрасните. Доколку Функцијата на залистокот е сочувана што се прави со ехографска проценка, нема тегоби и промени на електрокардиограмот, не треба да се ограничува физичката активност.

Постои и појава на пролапс и оштетување на митралниот залисток како резултат од предходни воспалителни промени на срцето ендо- миокардит, што генерално се откриваат во адултната возраст и бараат редовна проценка и следење. За жал , шумот на срцето кај децата може да биде показатал и на сериозни заболувања како што се вродените срцеви аномалии, воспалителни болести на срцето, срцева слабост и др. Во детската возраст , како најчеста патолошка причина за појава на срцев шум, се вродените кардиопатии.

Се работи за голема група аномалии, со различни пореметувања на нормална анатомија на срцето, кои настануваат во текот на ембрионалниот период, кога се оформува срцето. Тежината на аномалиите се движи од многу лесни аномалии, кои не влијаат на работата на срцето и не даваат клинички манифестации, освен постоење на шумот, па се до сериозни и коплексни пореметувања на градбата и функцијата на срцето, кои витално го загрозуваат детето. Кај потешките срцеви мани, зависно од видот на аномалијата, освен шум на срце, постојат и други знаци и симптоми, како замор, здишување, помодрување, ненапредување на детето, губитоци на свест и друго.

За да не се направи превид и погрешна проценка, се преопрачува ехокардографски преглед кај децата со шум на срце. Според проценката на лекарот кој го следи детето, ултразвучниот преглед треба да се реализира веднаш или може да се почека извесно време , во зависност од карактерот на шумот и состојбата на детето. Ехо преглед на срцето е неинвазивна и нештетна метода, која е најдобар и најсигурен начин да се утрди причината за шумот на срце кај детето.