Зошто децата треба да користат паста за заби со флуор?

0

Како најчеста орална болест, кариесот се јавува како резултат на нарушување на рамнотежата помеѓу деминерализацијата и реминерализацијата на тврдото забно ткиво поради влијанието на денталниот плак и други локални фактори. Пастата и четката за заби, заедно се неизоставен дел за одржување на добрата орална хигиена. Флуорираната паста за заби претставува идеален метод за подобрување на оралното јавно здравје за воведување на флуор на ефтин, културно прифатлив и распространет начин.

Состав на пастата за заби

Целата на користење на пастата за заби се однесува на контролата на забниот плак. Забниот плак е тенок слој што се формира на забите по јадење. Бактериите во плакот ја разградуваат забната глеѓ, предизвикуваат нејзино расипување и доведуваат до појава на кариес. Сите пасти за заби се составени од одредени заеднички компоненти:

– Абразиви како калциум карбонат или калциум фосфат кои отстрануваат се што е залепено на површината на забите без да ги изгребат истите.
– Врзувачи како натриум алгинат. Тие обезбедуваат еластичност и форма на пастата за заби и помагаат да се спречи нејзиното сушење.
– Навлажнувачи како што се глицерол или пропилен гликол. Тие задржуваат вода за да спречат стврднување на пастата за заби.
– Средства за пенење како натриум лаурил сулфат или натриум алкилсулфо сукцинат.
– Конзерванси, за да спречат раст на микроорганизмите.

Одредени пасти за заби содржат други состојки, во зависност од нивната формулација и индикација:

– Флуор, кој ја зајакнува глеѓта и го спречува кариесот
– Ароми како нане, мента или ментол
– Засладувачи, вклучувајќи сорбитол, глицерол и ксилитол
– Средства за намалување на чувствителност на забите, вклучувајќи стронциум хлорид или калиум нитрат

Избор на флуорирана паста за заби

Со оглед на големиот избор на пасти за заби на пазарот, одлуката да се одбере вистинската може понекогаш да биде тешка. Несомнено најпрво треба да одбереме паста за заби што содржи флуор. Изборот на препорачана концентрација на флуор во паста за заби кај деца до 3 години треба да биде со ниво нa флуор од 1.000 ppm. Децата на возраст од 3 години и постари треба да користат паста за заби со ниво на флуор од 1.350 до 1.500 ppm.

Придобивки од користење на флуорирана паста

Флуорот е природен минерал кој се наоѓа во почвата, карпите, водата, храната. Тој е најелектронегативниот елемент во периодниот систем кој ретко се наоѓа во елементарна состојба со исклучок во време на ерупција на вулканите кога се ослободуваат големи количини на флуоридни јони.
Количеството на флуор може да се изрази во проценти (%) и во parts per milion (ppm) што е еднакво со милиграм на флуор на литар течност (mg/F/L) или на милиграм на флуор на килограм (mg/F/kg).

Флуорот ги штити забите од расипување помагајќи да се зајакне развојот на глеѓта и да се забави производството на киселина на бактерии предизвикани од денталниот плак. Флуорот ги штити забите од процес наречен деминерализација. Ова се случува кога бактериите создадаваат киселина која го еродира забот. Понатаму, флуорот промовира реминерализација со депонирање на калциум и фосфатни јони на забот за да создаде нова површина отпорна на киселина.

Според спроведени мета-анализи на повеќе од 70 рандомизирани или квази-рандомизирани контролирани клинички испитувања покажуваат дека пастата за заби со флуор е ефикасна во намалувањето на преваленцата на забен кариес кај трајните заби, со зголемен ефект кај деца со повисоко ниво на кариес, со поголема концентрација на флуор во паста за заби, поголема фреквенција на употреба и надзор на четкање.

Според мета-анализа на осум клинички испитувања за зголемување на кариесот кај децата од предучилишна возраст, исто така, покажуваат дека четкањето на забите со флуорирана паста за заби значително ја намалува преваленцата на забен кариес кај млечните заби.

Количеството на флуорирана паста за заби кај деца до три години при едно миење треба да биде со големина на ориз, додека користење на флуорирана паста за заби со големина на грашок е соодветно за деца на возраст од три до шест години. Со цел максимизирање на ефектот на флуорот во пастата за заби, четкањето на забите треба да биде нагледувано од родител и да се прави двапати дневно, а плакнењето на устата по четкање треба да се сведе на минимум или целосно да се елиминира.

Д-р Бојан Ангеловски е роден во Скопје на 27.11.1988 година. Основно образование има завршено во ОУ Васил Главинов во Скопје, а матурира со одличен успех во 2007 година во средното медицинско училиште “Д-р Панче Караѓозов” - Скопје на отсекот забни техничари. Истата година се запишува на Факултетот по Стоматологија “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, а дипломира во јуни 2012 година со просек од 9.3. Од својата прва година на факултет, па до завршување на студиите е добитник на државна стипендија за талентирани студенти од Министерството за образование и наука. За време на студентските денови учествува на меѓународни конгреси со теми од областа на стоматологијата. Моментално е лиценциран доктор по стоматологија и член на Стоматолошката комора на Р.С.Македонија. Во 2019 година се запишува на специјалистички студии по детска и превентивна стоматологија на Стоматолошкиот факултет во Скопје каде успешно ја обавува својата специјализација и пракса. Посетува бројни лиценцирани курсеви и обуки како во областа на стоматологијата, така и во делот за личен развој, во државата и странство. Одлично говори англиски, германски јазик и српско-хрватски. Во слободното време ужива во пријатно дружење со пријателите и семејството, возење велосипед, книга, планинарење итн. Со своите совети во областа на детската и превентивна стоматолгоија ќе допринесе читателите на овој сајт да се ги разрешат сите дилеми кои ги имаат во врска со оралното здравје на своите најмили.