Цисти на плунковите жлезди

Цистите на плунковните жлезди според нивното потекло можат да бидат конгенитални  и  стекнати. Како последица на пореметувањето во ембрионалниот развој  на  каналнот систем на плунковните жлезди настануваат конгениталните цисти. Стекнатите цисти потекнуваат од големите и малите плунковни жлезди. Цистите на големите плунковни жлезди можат да настанат како последица на трауматско одвојување на делови од паренхимот од изводниот канал  во кој доаѓа до ретенција на секретот.  Опструкцијата или облитерацијата на каналот поради траума или инфекција, можат да бидат причина за појава на ретенциона циста.

Цисти на малите субмукозни жлезди

Цистите кои се јавуваат кај малите субмукозни жлезди  се почести за разлика од оние кои се јавуваат кај големите. Од сите мали плунковни жлезди, цистите најчесто се наоѓаат во лабијалните жлезди на долната усна. Големината на цистата е околу 1 цм, но има случаи каде истата може да стане поголема.

Како да ги препознаете?

Цистата е покриена со тенка слузокожа низ која се забележува бистра цистична содржина. Содржината на цистата е згуснат секрет кој личи  на килибар и ретко може да биде заматен.

Третман

Лекувањето на цистите кај големите плунковни жлезди е хируршко, а се состои во субтотална или тотална паротидектомија кај циста во паротидна жлезда. Цистите кај субмандибуларната жлезда се екстирпираат заедно со жлездата. Цистите кај малите плунковни жлезди се отстрануваат со ексцизија заедно со преостанатото ткиво од жлездата.

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Др. Кристина И. Стојаноска Алоска е родена во Охрид, 1984 година. Средно образование завршува во родниот крај, во гимназијата „Св. Климент Охридски“, природно- математичка насока, во 2003година. Дипломира на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во 2008 година. Со работна лиценца за доктор по стоматологија се стекнува по положување на државниот испит во 2009 година. Во соработка со ОО Црвен крст - Охрид издава две брошури поврзани со оралното здравје. По повод Неделата на забоздравствена заштита, во 2014 ја издава Брошурата „ГРИЖА ЗА ЗАБИТЕ“ наменета за најмладите во која се опишани правилата за здрави заби што треба секое дете да ги знае. Следната, 2015 година, за истата цел ја издава брошурата „НАСМЕВКА БЕЗ КАРИЕС“, на малку повисоко ниво, наменета за сите родители и деца, во која се опишани сите нешта поврзани со кариесот и тоа како да се спречи. Во 2017 година издавачката куќа ЕДУКА МАК ја издава нејзината книга со 10 раскази на тема орално здравје, напишани како поезија во проза, со наслов „НАСМЕВКА ЗА ПЕТКА“. Работна пракса како доктор на стоматологија извршува во Стоматолошката ординација "ЕТАДЕНТ" во Охрид, чиј сопственик е од 2019 година. Доктори.мк е портал кој на популацијата и овозможува да согледа многу проблематики од областа на здравството и да научи многу совети и факти за животот , исхраната и здравјето. Мапата претставува одличен и најбрз начин преку кој може да се лоцира доктор или некоја медицинска установа. Особена чест и огромно задоволство ми претставува што сум дел од тимот на Доктори.мк и искрено се надевам дека преку моите статии читателите на Доктори.мк ќе научат многу проблеми од областа на стоматологијата. Доктори.мк според мене е par excellence портал од областа на здравството во Македонија. Големо БРАВО за основачите!!!