Зошто е значаен флуорот за забите?

Флуорот е природен елемент кој ги јакне забите и го спречува нивното расипување. Стоматолозите сметаат дека најдобар начин да се превенира кариесот на забите е да се употребува флуор од различни извори.

Флуорот во мали количини природно се јавува во изворите на вода. Го има и во месото, рибата, јајцата и чајот. Во некои краеви во светот, флуорот се додава во водата. Многу од пастите за заби, течностите за испирање на устата и професионалните стоматолошки третмани содржат флуор. Таблети флуор се препишуваат на децата кои не пијат флуорирана вода.

Зошто се употребува флуорот?

Забната глеѓ е надворешна обвивка на коронката на забот ( видливиот дел на забот) и е составена од тесно збиени кристали од минерали. Забната глеѓ секојдневно губи и добива минерали. Губењето на минералите или деминерализација и добивањето на минералите или реминерализација се два меѓусебно избалансирани процеси. ДЕМИНЕРАЛИЗАЦИЈАТА  започнува со бактериите кои предизвикуваат создавање забни наслаги. Овие бактерии се хранат со шеќери во устата и произведуваат киселини кои ги раствараат кристалите на забите. Со РЕМИНЕРАЛИЗАЦИЈАТА забната глеѓ повторно се изградува. Во текот на овој процес минералите покрај флуорот, калциумот, фосфатот се таложат на забната глеѓ. Преголемата загуба на минерали без истовремено обновување доведува до расипување на забите.

Флуорот ги зајакнува забите на тој начин што ја забрзува реминерализацијата и спречува бактериите да произведат киселина. Забите можат да абсорбираат флуор на два начини: преку крвотокот и преку дирекниот контакт со флуорот во устата. Децата секојдневно внесуваат во организмот мали количини флуор преку исхраната, употребата на суплементи и пиењето на флуорирана вода. На ваков начин внесениот флуор влегува во крвотокот и станува составен дел на трајните заби во моментите кога тие се формираат. Забите стануваат јаки, па со самото тоа киселината тешко може да ја разложи забната глеѓ.

Флуорот може да продре во забите и дирекно во устата. Тоа се случува на повеќе начини:

  • преку третманот со флуор кој го врши стоматологот
  • преку употребата на пасти за заби или течности за испирање со флуор
  • испирање со флуорирана вода за пиење

Флуорот им се дава на бебињата во периодот кога им растат забите. Доколку детето е подложно на кариес или има повеќе расипани заби, се препорачува дополнителен внес на флуор со што ќе се поттикне реминерализацијата на забите. Многу деца третман со флуор добиваат 2 пати годишно и покрај тоа што пијат флуорирана вода, бидејќи со тоа се смалува ризикот од кариес.

Течностите за испирање на устата со флуор исто така се препорачуваат на децата кои се подложни на крварење на гингивата. Овие течности се даваат на децата постари од 6 години. Суплементите со флуор се даваат на деца на возраст помеѓу 6 месеци и 16 години кои не пијат флуорирана вода. Се продаваат како сируп за млади и таблети за постари деца. Може да ги препише педијатар или стоматолог. Третманите со флуор благотворно дејствуваат на сите заби и спречуваат појава на кариес кај децата и возрасните.

Во фактори кои го зголемуваат ризикот од појава на кариес спаѓаат:

  • нередовна посета на стоматолог
  • неправилно одржување орална хигиена
  • неадекватна исхрана
  • многу лекови, како што се антихистаминици, лекови за хипертензија, анксиозност и депресија предизвикуваат сува уста. Без доволно плунка забите брзо се расипуваат

Третман со флуор

Пред стоматолошкиот третман со флуор, стоматологот мора да ги исчисти забите и по потреба од нивната површина треба да ги исчисти дамките. Во домашни услови, пред употребата на гелот и течноста за уста со флуор, забите најпрво мора да се исчистат со четка и конец за заби. Најдобро е производите со флуор да се користат пред спиење, затоа што во текот на ноќта подолго време ќе се задржат во устата.

Третманите со флуор кои ги прави стоматологот, во себе содржат повеќе флуор од пастите за заби и течностите за испирање на устата кои ги има во слободна продажба. Се разликуваат и по составот, подолго остануваат на забите и се користат како за деца така и за возрасни. Стоматолозите употребуваат два типа на третмани со флуор, закиселен фосфатен флуорид и неутрален натриумов флуорид. Неутралниот натриумов флуорид се дава на луѓе со пломби со боја на забот, коронки и мостови. Закиселениот флуорид може да предизвика сува уста  и да предизвика пукнатини во композитните пломби.

Флуорот на претходно исушени заби се нанесува во вид на гел, пена или глазура. Флуорот може да се намачка директно на забите или да се стави на калап како штитник за заби. На флуорот можат да се додадат различни вкусови за третманот да биде попријатен, но не смее да се проголта. Суплементите со флуор претежно се даваат на децата и тоа во помали количини. Дневната доза се движи од 0.25 до 1 милиграм и зависи од возраста на детето и од тоа дали пие флуорирана вода.

Пасти со флуор се препорачува да користи секој, но треба да се внимава кога ги користат деца, затоа што тие можат да ја проголтаат пастата наместо да ја исплукаат. Затоа не треба да им се даваат пасти за заби со овошни вкусови бидејќи ќе ги проголтуваат. На четката за заби треба да се стави паста колку зрно грашок и постојано да се потсетува детето дека додека ги мие забите, пената треба да ја плука.

Што треба да правиме после третман со флуор?

Цигарите, храната и пијалоците се забранети 30 минути после стоматолошкиот третман со флуор со што би се зголемил ефектот на флуорот врз забите.

Ризици

Доколку правилно се употребува, флуорот е безопасен и корисен, меѓутоа во големи дози може да биде штетен. Системите за флуорирање на водата секојдневно се проверуваат со што нивото на флуор во водата постојано е под контрола. Родителите мора постојано да ја контролираат употребата на сите производи со флуор вклучувајќи ја и пастата за заби, а таблетите со флуор мора да ги чуваат вон дофат на деца. Токсичните дози на флуорот зависат од телесната тежина на човекот. Преголем внес на флуор кај дете може да предизвика мачнина и може да се појават точки на забите кои стануваат видливи откако ќе им пораснат забите.

Пред употреба на препаратите со флуор, секогаш треба да се побара совет од стоматолог со што би се одбегнале несакани ефекти.

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

 

 

Др. Кристина И. Стојаноска Алоска е родена во Охрид, 1984 година. Средно образование завршува во родниот крај, во гимназијата „Св. Климент Охридски“, природно- математичка насока, во 2003година. Дипломира на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во 2008 година. Со работна лиценца за доктор по стоматологија се стекнува по положување на државниот испит во 2009 година. Во соработка со ОО Црвен крст - Охрид издава две брошури поврзани со оралното здравје. По повод Неделата на забоздравствена заштита, во 2014 ја издава Брошурата „ГРИЖА ЗА ЗАБИТЕ“ наменета за најмладите во која се опишани правилата за здрави заби што треба секое дете да ги знае. Следната, 2015 година, за истата цел ја издава брошурата „НАСМЕВКА БЕЗ КАРИЕС“, на малку повисоко ниво, наменета за сите родители и деца, во која се опишани сите нешта поврзани со кариесот и тоа како да се спречи. Во 2017 година издавачката куќа ЕДУКА МАК ја издава нејзината книга со 10 раскази на тема орално здравје, напишани како поезија во проза, со наслов „НАСМЕВКА ЗА ПЕТКА“. Работна пракса како доктор на стоматологија извршува во Стоматолошката ординација "ЕТАДЕНТ" во Охрид, чиј сопственик е од 2019 година. Доктори.мк е портал кој на популацијата и овозможува да согледа многу проблематики од областа на здравството и да научи многу совети и факти за животот , исхраната и здравјето. Мапата претставува одличен и најбрз начин преку кој може да се лоцира доктор или некоја медицинска установа. Особена чест и огромно задоволство ми претставува што сум дел од тимот на Доктори.мк и искрено се надевам дека преку моите статии читателите на Доктори.мк ќе научат многу проблеми од областа на стоматологијата. Доктори.мк според мене е par excellence портал од областа на здравството во Македонија. Големо БРАВО за основачите!!!