Знаеме дека хормоните влијаат врз нашето расположение, но дали мислите дека тие влијаат врз вашето орално здравје? Да, тие влијаат врз нашето орално здравје во текот на нашиот животен век, и тоа подоминантно кај женската популација. Животните хормонални флуктуации во периодите како што се бременоста, менопаузата и пубертетот, преку различни механизми водат кон промени на вашето орално здравје.
Хормоните влијаат врз крвоснабдувањето на гингивалното ткиво, врз одговорот на организмот против токсини од денталниот плак, поради што женската популација е поподложна на пародонтални промени во одредени периоди од животот во споредба со други орални заболувања.
Пубертет
Во текот на пубертетот кај девојчињата се зголемува нивото на естроген и прогестерон што резултира со зголемено крвоснабдување на непцата. Се јавува изразена сензитивност, непцата може да имаат изразено црвена боја и при најмала иритација (четкање на забите, чистење со забен конец) да се јави крварење од непцата. Поради тоа, потребно е да ја зголемите вашата орална хигиена и задолжително е професионално чистење на забите кај вашиот стоматолог.
Бременост
Бременоста е период во кој се одвиваат значајни промени во организмот на жената. Во него жената е поподложна на расипување на забите и заболувања на непца.
Гингивитот е многу честа појава во текот на бременоста, а се смета дека е присутен кај 60-75% од трудниците. Хормоналните промени предизвикуваат промени во гингивалниот ткивен одговор кон различни иританси, меѓу кои и бактериите од денталниот плак, што води кон поголема можност за појава на гингивит. Промените се забележуваат од вториот месец од бременоста, а најизразени може да се во осмиот месец и најзастапени во фронталната регија. Непцата имаат изразено црвена боја, се јавуваат лесни крварења и при најмала иритација. Промените спонтано исчезнуваат, но е потребна исклучително голема орална хигиена и редовни посети кај вашиот стоматолог.
Во тек на бременоста може да се појават и таканаречените гингивални тумори, безболни, пропратени со спонтани или провоцирани крварења, најчесто локализирани во регии подложни на најголема иритација, меѓузабните простори и регии со најслаба орална хигиена. Тоа се бенигни израстоци со изразено црвена боја, кои спонтано исчезнуваат.
Менопауза
Менопаузата е период во кој имаме промена на хормоналниот статус, а поврзана е со различни симптоми кои се движат од физички до психолошки. Овие промени може негативно да се одразат на оралното здравје и затоа бараат посебно внимание од стоматолозите кај жените во периодот на предменопауза, менопауза и постменопауза. Промените во усната празнина најчесто се резултат на влијанието на хормоните, меѓутоа и процесот на физиолошко стареење на ткивата има значајна улога.
Burning mouth syndrome e често присутен кај жените во овој период, се карактеризира со печење во оделни делови во устата (јазик, непца, усните, или најчесто предизвикува дискомфорт при носење на мобилните протези). Овој симптом е пропратен со постојана болка, кај некои пак се јавува и исчезнува.
Сувост на устата е уште еден симптом кој често е присутен во менопаузата.
Во текот на менопаузата може да се јави и менопаузален гингивостоматитис, пропратен со сува и сјајна гингива која многу лесно крвари и намален проток на плунка.
Бидејќи статусот на оралното здравје кај жената е во постојана интеракција помеѓу биолошките, социјалните сили и однесувањето на пациентките, стоматолошките здравствени услуги мора да се насочени кон правилни дијагностички и тераписки услуги. Се разбира и превентивните стратегии се клучни за женското орално здравје.
Ние можеби не сме во состојба да го менуваме нивото и дејството на хормоните, но можеме да ги промениме нашите навики и редовно да го посетуваме нашиот стоматолог за да го заштитите здравјето на нашите заби и непца.
-aвторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-