Иако бременоста е најчестата причина за отсутен менструален циклус, многу пати кога им доцни менструацијата жените се сигурни дека не се бремени. Па, кои други состојби можат да предизвикаат доцнење или отсутно менструално крварење (аменореа)?
1. Дали доите?
Мајките кои дојат, често пати ќе имаат аменореа, иако овулацијата се уште е присутна и можно е забременување и покрај тоа што немаат менструација.
2. Дали чувствувате дека сте под голем стрес?
Емоционалниот стрес е уште една причина за отсутна менструација. Вообичаено, елиминирањето на стресот ќе го регулира менструалниот циклус.
3. Каков вид на лек употребувате во моментот?
Одредени лекови како контрацептивите, оралните кортикостероиди, антидепресиви, антипсихотици, лековите за регулирање на тироидната функција и некои хемотерапевтици можат да доведат до аменореа.
4. Дали сте ја провериле функцијата на Вашата тироидна жлезда?
Многу жени страдаат од недијагностицирана болест на тироидната жлезда.
5. Дали се храните здраво?
Жените кои се потхранети или се екстремно под нормалниот индекс на телесна маса можно е да имаат доцнење на менструацијата. Ова често се случува кај болните од анорексија или булимија.
6. Колку многу практикувате физичка активност? Дали танцувате или спортувате?
Енергичните вежби или атлетските тренинзи можат да предизвикаат аменореа.
7. Дали боледувате од хронична болест?
Ако имате некоја хронична болест или сте болни веќе подолг период, менструалниот циклус може привремено да задоцни. Тогаш кога ќе оздравите, циклусот ќе се врати во нормала.
8. Можеби имате хормонален дисбаланс?
Полицистичниот оваријален синдром е честа форма на хормонален дисбаланс која што може да предизвика аменореа.
9. Тумор на хипофиза
Иако ретко, туморот на хипофизата (вообичаено бениген тумор – пролактином) може да предизвика прекумерна продукција на пролактин со што се попречува нормалната регулација на менструалниот циклус.
*Ако менструалните циклуси се отсутни повеќе од 3 пати, а се уште не сте побарале професионален медицински совет, време е да побарате соодветна медицинска грижа за да се одреди причината која довела до тоа. Само квалификуван здравствен работник може да ја одреди причината за аменореата.
Во оваа смисла треба да обрнете внимание и на други симптоми и знаци, како што се:
- Главоболки;
- Губење на влакнетоста;
- Промени во видот;
- Исцедок од градите или продукција на млеко.
Докторот може да употреби разни тестови и техники за поставување на дијагнозата на аменореа.
Третман на аменореата
Начинот на кој аменореата се третира зависи од причината. Третманот може да биде едноставен, од типот на промени во животниот стил (исхрана, вежбање, намалување на стресот), до употребување на хормонска супституциона терапија, како и други соодветни лекови.
објавено на 2011-06-01