Постојат неколку основни правила и методи кои морате да ги научите и да ги применувате во животот, за подобрување на вашето здравје и здравјето на вашите блиски. Скоро сите се едноставни и лесни, единствено што треба е само да навикнете да ги практикувате, а еве за што станува збор:
Научете да ги изведувате основните техники за укажување на прва помош
„Јас ова го завршив уште кога полагав за возачка дозвола” – ова е сигурно фразата која прва ќе ја изговорите откако ќе го прочитате поднасловот. Сепак мора да знаете дека тоа ни од далеку не е доволно. Да, точно, можеби не сте лекар и нема да можете баш професионално да се научите, но доколку се потрудите со доволно цврста желба, ве уверуваме дека сигурно ќе успеете да ги совладате основните техники за укажување на прва помош. Можеби повеќето од вас ќе кажат „Никогаш да не затреба” – да секако, сепак факт е дека често затребува и во моментот кога ќе му стане лошо на патникот до вас во автобусот или ќе ја изгуби свеста, целата енергија ќе ја потрошите обидувајќи се да се досетите на она нешто што некогаш сте го сметале за банално. Масажа на срце, вештачко дишење, постапување при изгореници, страно тело во душник, повреда на очи или сериозни рани и скршеници, секој треба да знае примарно да третира, се до моментот кога повредениот ќе биде предаден на стручни лица. Само да потсетиме дека укажувањето на прва помош е и законска обврска на секој возач, но и пред се личен плус, за самите вас како единка, бидејќи никогаш нема да знаете кога ќе ви затреба. Доколку пак сте вешти во оваа област, не заборавајте да ги подучите и вашите блиски, особено вашите деца.
Стекнете навика за редовна контрола на крвната слика на вас и вашите деца
Дали сте од оние кои секогаш се обраќаат на лекар само тогаш кога немаат друг излез? Бидејќи не можете да ги вршите секојдневните обврски, баба ви ги потрошила сите рецепти и лекови од нејзината аптека, а вие пак сте болни? Време е оваа навика да стане минато. Ќе кажеме, важно е редовното правење на систематски преглед, да, но сепак вие нема да одите во амбуланта да чекате за доброволен систематски преглед, па затоа ќе го упростиме и ќе кажеме: важно е редовното правење на крвна слика. Лекарите би рекле еднаш во 6-8 месеци, јас сепак ќе кажам дека е сосема доволно ако тоа го правите еднаш годишно. Со детално испитување на крвта и урината може навремено да се откријат многу патолошки состојби во организмот и да се спречат, без поголеми последици. Затоа не се прифаќа за оправдување дека барем еден ден годишно не можете да издвоите за оваа важна превентивна метода. Освен ова, доколку сте родител, и имате мали деца, навикнете ги уште од најмали години превентивно да се грижат за здравјето. Испитувањето на крвна слика еднаш годишно кај децата нека ви биде традиција, која тие ќе ја продолжат и откако ќе станат возрасни.
Проветрувајте ја спалната соба секогаш и истата користете ја само за спиење
Не дозволувајте да помине ден, а спалната соба да не виде проветрена барем 20-тина минути. Ова е важно за секоја спална соба без разлика кој спие во неа, но особено треба да внимавате на собата на вашите деца. Никогаш не дозволувајте прозорот да остане замрачен во текот на денот. Сончевата светлина и топлина се особено важни, најголем дел на вируси не можат да ја издржат сончевата светлина. Затоа секогаш проветрувајте ги собите каде што спиете. Никогаш не користете ги за други секојдневни активноти, за да ја зачувате хигиената и здравиот и чист воздух. Секако веќе знаете дека никакви зелени растенија не треба да бидат дел од декорацијата на вашата спална соба, без разлика колкави се и колку се цветни или миризливи.
Не грижете се, вашето дете ги прима доволно сите витамини
Доколку вашето дете е здраво, се храни редовно, на него не се забележува состојба на болест или опаднатост, не грижете се и заборавете ги вашите луди идеи како таа дека на детето му недостасуваат витамини. Не предозирајте го со разни синтетички суплементи во кои има 10 наводно многу важни витамини, ова е сосема непотребно, банално па дури и штетно. Вашиот организам и организмот на вашето дете доколку се здрави и здраво се исхрануваат, нема да имаат никаков проблем на природен начин да си ги обезбедат есенцијалните супстанци како што се витамините. Најбанално е давањето на витамини во енормни дози на деца од страна на родителите кои се убедени дека што повеќе тоа подобро. На пример, најбаналната работа, а истовремено многу честа навика е давањето на Витамин Ц од 500 мг. на дете од 10 години. Ова е отприлика 10-кратно зголемена доза на здраво дете. Оваа таблета витамин Ц е преголема доза дури и за вас, со вакви таблети се третира скорбут и други посериозни заболувања, а не се дава како превентива. Затоа мој совет е никогаш не земајте суплементи на своја рака без разлика што не одат на рецепт и за нив се пишува дека се безбедни. Користете ги само тогаш кога вашиот матичен или специјалист ќе смета дека е потребно.
Научете да се самопрегледувате
Не е потребно да сте специјалист за да сфатите дека некои работи не се нормални на вашето тело или телото на вашето дете. Секогаш после туширање застанете голи пред големо огледало. Погледнете го добро целото тело, кожата, нозете, рацете, стомакот, градите и половите органи. Секое отстапување од нормалното не мора да значи дека е алармантно, но може да биде, затоа доколку не сте сигурни за било што веднаш консултирајте се со матичниот лекар. Жените особено треба да знаат да вршат самопрегледи на дојката, обилноста и редовноста на менструалните циклуси, промените на кожата, бемките и слично. Додека, мажите особено треба да обрнат внимание во самопрегледот на тестисите, кожата, пигментацијата и сл. Запомнете дека вие сте најдобриот дијагностичар за самите себе си, први вие треба да го препознаете проблемот, за понатаму некој да може да го третира доколку е потребно.
Mens sana in corpore sano – секако за да биде така потребно е самите ние да имаме здрави навики, за да му овозможиме на нашето тело да го одржува здрав и духот во него.
Прво oбјавување: 24.04.2012
-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-