Оралното здравје и бременоста

0

Бременоста е состојба која е највозбудлива, која повеќеструко ја зголемува среќата на Вашиот живот и носи радосни спомени гледајќи го пред себе она што е дел од Вас.

 

Зошто тогаш да не се погрижите сета таа целина од 9 месеци да помине во најдобар ред, и за Вас и за Вашето потомство? Додека тоа чувство изнудува насмевки на Вашето лице погрижете се Вашата насмевка секогаш да остане блескава, а воедно погрижете се Вашето дете да се закити со здрави заби и среќна насмевка.

Имуниот систем јакне за време на бременоста

Бременоста претставува физиолошка состојба при која во самиот организам на мајката се зголемуваат одбрамбените сили и сето тоа влијае врз функцијата на одделни органи и системи. Ако се лоцираме од оваа појдовна точка на зголемен имунитет на мајката во тек на бременоста, а од друга страна ако ја поставиме тезата дека забниот кариес е инфективно заболување, а воспалението на гингивата е неминовно поврзано со присуство на плак бактерии, тогаш се сведуваме на една контрадикторност – имаме поголема одбрана на организмот во тек на бременост, но сепак индицирана појава на заболувања во оралната празнина?!

Бременоста носи промени во организмот

Бременоста претставува период на низа промени што се случуваат во организмот. Сите тие промени атакуваат кон нарушување на животниот еквилибриум постигнат пред оваа состојба.

Честите нагони за повраќање во првите месеци, хроничниот замор и непреспиените часови се причина жената да ги занемари постапките за одржување на орално здравје кои не се од пресудно и витално значање за плодот. Hyperemesis gravidarum, честото повраќање кисела содржина иницира локална ацидоза во оралниот медиум, односно намалување на рН вредноста на плунката. Доколку се надоврзе ова на недоволното и нередовното четкање заби, а со тоа и поголемата плак акумулација на забните површини, неминовно е да се нагласи зголемениот ризик за делување на бактериите (во бременоста зголемен е бројот на ацидофилни бактерии), деминерализацијата на забната суспстанца и појавата на кариозна лезија.

Хормонските промени (зголемување на нивото на естроген и прогестерон) во тек на бременоста имаат свое влијание врз пародонтот, односно гингивата. Клиничките знаци на оток, црвенило и крварење на гингивата не упатуваат кон дијагноза на воспаление на гингивата – гингивитис, најизразен во осмиот месец од бременоста со појава кај 40-70% од бремените жени. Отечената гингива навидум ни сугерира на лажен пародонтален џеб, овозможувајќи насобирање храна во гингивалниот сулкус и дополнително дејствување на бактериите. Ако сето ова навремено не се третира, не се намали инфламацијата на ткивото, тогаш шансите гингивитот да прогредира во пародонтална болест (со знаци на оголување на забите, нишање и губење – кај народот сугерирано дека при секоја бременост мајката губи по еден заб) се големи. Последиците од оваа појава не само што ќе ги сноси мајката – губење на забите, туку со навлегувањето на бактериите од инфламираното пародонтално ткиво во циркулацијата, истите можат да го атакуваат фетусот. Тое ќе се рефлектира врз плодот преку можноста за предвремено породување и раѓање на детето со мала родилна тежина што дополнително ќе влијае врз развојот на самото дете.

Гингивитис:

 

Дополнителен проблем, најчесто во вториот или третиот месец од бременоста е можната појава на granuloma pyogenicum, гранулом карактеристичен за периодот на бременост, односно мек, црвен израсток на непцето, кој е со големина од 2 cm, не е болна појава, често крвари при четкање заби, а се повлекува сам од себе по бременоста.

За сето ова да би се превенирало препорачлива е посета на стоматолог пред планираната бременост, или во почетниот стадиум се со цел да се постигне високо ниво на орално здравје, а со понатамошните постапки (редовна и правилна орална хигиена, правилен режим на исхрана) би се зачувало оралното здравје на завидно оптимално ниво.

Внес на хранливи материи, витамини и минерали за време на бременост

Генетиката не може да ја смениме, не може да влијаеме врз обликот и големината на забите, но на структурата на забите на детето сепак може да се влијае. Периодот на формирање зачетоци на млечните заби е во првото тромесечие од бременоста, додека пак трајните се следното тромесечие. Квалитетот на исхрана претставува предуслов за правилно развивање на забните зачетоци, односно самиот заб. Белковините и јаглехидратите се потребни за органскиот дел на забот, додека неорганската компонента е условена од присуството на мастите односно од нивната функција за разградување на витамин А и Д (недостатокот на витамин Д е поврзан со оштетување на забната глеѓ, а со тоа и поголема инциденца на кариес кај млечните заби). Важна улога има и внесот на витамин Ц (го зајакнува ткивото и спречува крварење), витамин Б комплекс, како и неизбежните олигоминерали калциум и фосфор.

Потребата за калциум е најголема во петтиот месец на бременоста, со што треба и да се зголемат залихите на внесување како би се вградил калциумот во коскеното и забното ткиво на фетусот, а воедно со зголемениот внес на калциум би се спречило и слабеење на коскеното ткиво на мајката (од каде инаку би се ослободил калциум за да се вгради во коскено и забно ткиво на фетус). Депо на калциум претставуваат коските и забите на мајката, но ослободувањето на овие јони е можно само од коскеното ткиво, со што на удар е градбата на коските на мајката.

Внесувањето флуор во организмот на мајката е од особено значење за зголемувањето на отпорноста на забната глеѓ што би ја добиле забите во тек на формирањето. Внесот на флуор може да биде преку водата, млекото, готварската сол или преку таблети. Внесувањето количини флуор преку таблети 1 mg/дневно треба да е строго контролирано и започнува од четвртиот месец на бременост се до породувањето, а потоа дозата изнесува 0,25 mg/дневно па постепено се зголемува. Се внесува се до 12-тата година кога завршува процесот на минерализација на забното ткиво.

 

Бременоста и лековите

Прашањето за внесување медикаменти во тек на бременоста отсекогаш било дискутабилно. Употребата на антибиотска терапија, како би се спречиле инфекции е оправдана доколку матичниот стоматолог или специјалистот препишат пеницилин, клиндамицин, амоксициклин, додека употребата на тетрациклини е строго забранета заради можното тетрациклинско пребојување на млечната и трајна дентиција на детето. Користењето нестероидни лекови против болки во тек на третиот месец од бременоста е контраиндицирано. Долготрајната употреба на аспирин во раната бременост може да предизвика појава на анемија, додека употребата во доцната бременост може да предизвика компликации во тек на породувањето и постпородилно крварење. Иако е факт дека лидокаинот и новокаинот, анестетици што се користат во стоматологијата, можат да ја преминат плацентата на фетусот, сепак истите не се контраиндицирани заради фактот што дозата што се употребува при денталните процедури е сигурна и минимална.

Да се избегнува РТГ-снимање во првото тромесечие!

Иако количината на РТГ-зрачењето во стоматологијата е минимална, сепак потребно е да се избегнува снимање во првите 3 месеци од бременоста, период на органогенеза кај фетусот. Доколку потребата за РТГ е неизбежна потребно е да се преземат сите мерки за заштита со поставување оловни наметки и слично. Сите други случаи (РТГ или третман) кои не спаѓаат во графата на итност се преземаат по породувањето.

 

Спроведувањето на овие мерки, постапки и активности ќе ја зачува насмевката на мајката, а воедно ќе и овозможи да се радува на здравата и среќна насмевка на своето дете.

Д-р Славица Доковска е родена на 12.03.1987 година во Струга. Средно образование завршува при ДСУ "Нико Нестор" во Струга, природно-математичка насока. Уште во гимназиското образование покажува интерес кон научно-истражувачката дејност и при учеството на Државниот натпревар за Млади истражувачи на Р.Македонија освои прва награда во областа Аналитичка хемија. По завршувањето на средното образование се запишува на Стоматолошкиот факултет во Скопје. Во тек на студиите покажува понатамошен интерес во истражувачката област и учествува со научни теми на конгреси на студентите по стоматологија во област на конзервативно-естетската стоматологија и оралната патологија и пародонтологија. Дипломира на Стоматолошкиот факултет во Скопје, во јуни 2010 година и се здобива со називот Доктор по стоматологија. Во истата учебна година, веднаш по дипломирањето се запишува на постдипломски студии при Стоматолошкиот факултет - Скопје, каде продолжува со научно-истражувачката дејност во областа на стоматологијата. -Доктори.мк овозможува примарна информираност и подигање на здравствената култура на целокупното население. Воедно, со сеопфатната интерклиничка проблематика дава можност за проширување на медицинските видици на сите доктори и надоградување на своето знаење, се во знак на рано откривање, дијагностицирање, спречување и сузбивање на понатамошната прогресија на заболувањата, неминовно нивна терапија и понатамошна рехабилитација. Доктори.мк е водич во секојдневието на секој човек кој се грижи за своето здравје и подобро утре.