Ласерската технологија од неодамна е воведена во медицината со цел побрзо и поефикасно задоволување на дијагностичките и терапевтските потреби на пациентите. Теоријата за стимулирана емисија од Ајнштајн во 1916 година резултирала со развој на првиот работен ласер конструиран од Мајнман.
Набргу по неговото појавување, истражувачите се обиделе да го користат во стоматолошки цели поради неговите уникатни карактеристики. Бидејќи современата стоматологија се заснова на употребата на минимално инвазивни процедури, ласерот може да послужи како поволна алтернатива на препарацијата со ротирачки инструменти поради присуството на помала болка, звук и помалку вибрации.
Присуството на сува работна средина при работа со ласер е попрегледно за клиничарот со што се добива подобар и поквалитетен резултат. Сепак, ласерската терапија има и некои недостатоци, како што се високата цена на чинење на апаратот, тешката пристапност, нејзината опасна природа доколку не се почитуваат безбедносните мерки, неприменливоста во сите области од стоматологијата, неможност за отстранување на метални реставрации и потенцијално термичко оштетување на меките ткива.
Прв пат ласерот се користел за инцизија на меките ткива. Но, новата генерација на ласери со својата посебна функција на молекулите на водата може да се користи и за аблација на тврдото забно ткиво. Поради неодамнешниот напредок на ласерската апликација во стоматологијата, тој сега ефикасно се користи за превенција, дијагноза и третман на кариес.
Детските стоматолози се обидуваат да создадат пријатно атмосфера при првата посета на децата со користење на нови, минимално инвазивни технологии со цел да му помогнат на детето да воспостави добри дентални навики. Имајќи помалку болно прво дентално искуство преку употребата на ласерот претставува ефикасна превентивна и терапевтска стратегија. Ласерот може успешно да се користи за дијагноза на орални и дентални состојби, третман на тврди и меки ткива и спречување на брзо прогресивни орални и забни состојби кај децата.
Употреба на ласери во детска стоматологија
Ласерската технологија обезбедува можност за поефикасна дијагностика и третман на оралните и денталните состојби на меките и тврдите ткива кај децата. Ласерската терапијата е добро прифатена од страна на децата и родителите поради неговата минимална инвазивност. Се чини дека ласерот наскоро ќе стане златен стандард во детската стоматологија .
I. Примена на ласери кај тврдите забни ткива
1) Детекција на кариес
Одредени студии докажале дека ласерската флуоресценција (LF) може да влијае на подобрувањето на точноста и брзината на клиничкото откривање на кариесот. DIAGNOdent е комерцијален производ кој користи LF технологија. Аргон ласерот со бранова должина од 488 nm (сино-зелена боја) е уште еден дијагностички ласер кој овозможува откривање на кариесот особено на апроксималните и оклузалните површини со помош на флуоресценција.
2) Превенција на кариес
Ербиум и CO2 ласерите може успешно да се користат за зголемување на отпорноста на младиот траен заб кај деца и адолесценти. Студиите покажале дека CO2 ласерот на 9600, 9300 и 10 600 nm бранова должина, ербиум ласерот на бранова должина од 2780 и 2940 nm и аргон ласерот можат да придонесат до отпорност на емајлот и превенција на кариес. Неколку студии покажале дека дополнително зголемување на отпорноста на забите може да се постигне со истовремена примена на ласерска и флуоридна терапија.
3) Реставрација, залевање на јамички и фисури
Ласерот може да се користи за претходна подготовка на површината на забите за употреба на залевање на јамички и фисури. Ласерот исто така, може да се примени за чистење и дезинфекција на јамичките и фисурите.
4) Ендодонција
Ласерската технологија може да се користи за пулпотомија, пулпектомија и коагулација на пулпата како алтернатива на формокрезолот, кој се користи за пулпотомија на млечните заби. Научниците имаат пријавени супериорни клинички резултати во пулпотомија на млечни заби со употреба на CO2 ласер во споредба со формокрезол и покажале дека воспалението на пулпата се намалило по употребата на ласерската терапија. Користењето на ласерската технологија во чистење и обликување на коренските канали исто така е клинички ефективно докажано.
Er,Cr:YSGG ласерот има доста голема ефикасност во чистење и обликување на коренските канали, слична на онаа на ротационите инструменти и е супериорна од онаа на рачните инструменти. Покрај тоа, овој ласер делува побрзо во споредба со горенаведените две техники. Примената на Er:YAG, Er,Cr:YSGG и CO2 ласерите докажале поповолни резултати во коагулација на пулпата по две години, во споредба со употребата на калциум хидроксидот.
II. Примена на ласери кај меките ткива
Ласерот обезбедува можност за безбеден третман на пародопатија кај деца без да предизвика алергиски реакции или бактериска резистентност. Сите бранови должини на ласерот овозможуваат гингивектомија, гингивопластика и оперкулектомија без потреба од локална анестезија и без крварење.
Меѓу другите употреби на ласерите се и зајакнување на ерупција на забите, елиминација на абнормални гингивални лезии поради неправилно движење на забите, третман на гингивална хиперплазија индуцирана од лекови, ресекција на фибром, афтозни лезии, херпес лабијалис, мукоцела и пиоген гранулом, како и естетските процедури.
Er:YAG ласерот може да се користи за френектомија кај доенчиња кај ниско поставени максиларни или високо поставени мандибуларни френулуми , како и тешка анкилоглозија кај доенчиња. CO2 ласерот може да се користи за хируршка ресекција на васкуларни тумори во усната шуплина и хипертрофија на гингивата поради употреба на циклоспорини. Овој ласер ги има подобри предности во однос на дезинфекција и коагулација во споредба со хируршкиот скалпел.
Исто така одредени студии докажале дека ласерската терапија со ниско ниво (LLLT) го забрзува ортодонтското движење на забите. Исто така може да се користи и диоден ласер кој емитува LED светлина со цел да се скрати текот на болеста, и да го стимулира заздравувањето херпетичните лезии и примарениот херпетичен стоматитис кај децата.
1) Трауматологија и тестирање на виталност
Траумата на забите може да има неповолни краткорочни и долгорочни последици и може да ја загрози виталноста на пулпата. Ласерската доплер-флоуметрија (LDF) го индицира протокот на крв (PBF) во пулпата и може да се користи за да се процени виталноста на истата. Овој метод е точен, неинвазивен, репродуктивен, сигурен и безболен и добро го поднесуваат децата. Се смета дека LDF може да биде корисен и за следење на реваскуларизацијата и мобилни заби. Покрај тоа, може да се користат Er:YAG и Er,Cr:YSGG ласерите за да се обезбеди фузија и запечатување на дентинските тубули при фрактурирани заби или отворени дентински тубули.
Со тоа, пропустливоста на тубулите и последователната хиперсензитивност на забите ќе се намали. Доколку постои траума на меките ткива, рани на лицето или оток, со примена на LED ласер терапија може да се ублажат симпотомите и забрзување на заздравувањето. Овој метод може да се користи и кај тешко трауматизирани области за да се намали посттрауматската непријатност.
2) Дезинфекција и деконтаминација
Ласерската технологија обезбедува добри антимикробни ефекти врз ткивата. Сепак, чистењето и дезинфекцијата на коренските канали бара најголема прецизност поради сложената анатомија на апексот на забот. Посебно внимание мора да се посвети на длабочината на пенетрација на ласерот, која обезбедува фотостимулирачка бактериска дезинфекција од 99%. Исто така, е докажан антимикробниот ефект на ербиум ласерот на коренскиот канален систем.
3) Експозиција на импактирани заби во ортодонтски цели
За отстранување на меките ткива и изложување на импактирани заби во ортодонтски цели, се користат Er,Cr:YSGG, Er,YAG, диодни и Nd:YAG ласери. Ербиум ласерот е ефикасен и за аблација на меките и тврдите ткива. Меѓутоа, постои секогаш ризик од оштетување на емајлот на забот на местото на експозиција. Сепак, овој ризикот не постои доколку се користат диодни или Nd:YAG ласери поради нивните специфично сетирани бранови должини .
Со оглед на сето горенаведено, ласерот може да биде соодветена алтернатива на многу конвенционални традиционални процедури во детската стоматологијата. Дијагноза и отстранување на кариес, терапија на пулпата, намалување на ризикот од инфекција, оток и воспаление, намалување на крварење, подобрување на заздравувањето на меките ткива, ублажување на болката и намалување на рефлексот за гадење се само дел од апликациите на ласерот во детската стоматологија.
Децата повеќе соработуваат кога во стоматолошките третмани се користи ласерот поради неговата минимална инвазивност. Ова резултира со поголемо задоволство кај децата и нивните родители и го зголемува квалитетот на услугата.