Брадикардија – ниска срцева фреквенција

0

Генерално за брадикардија станува збор тогаш кога срцевата фрекфенција е пониска од 60 удари во минута. Таа може да биде физиолошка појава на пример кај повозрасните, кај спортистите или кај работниците со тешка физичка активност поради зголемениот тонус на десеттиот капитален нерв – n.vagus. Брадикардијата може да биде резултат на: регуларен синусен ритам или атриовентрикуларен блок (АV-блок).

При синусна брадикардија срцевата работа е еуритмична со фрекфенција од 45-60 удари во минута. “Типично за синусната брадикардија е дека кај неа срцевата фрекфенција се зголемува при напор или при блокирање на n.vagus со атропин што не е слуај при АV-блок – срцевата фрекфенција останува константна.”  Покрај тоа што таа може да има физиолошка експресија, при третман, сите препарати на дигиталис предизвикуваат брадикардија која вусшност и до одреден степен е пожелна во дадена ситуација.

Но неговата прекумерна употреба може да доведе до интоксикација и последователно да се појават екстрасистоли, делумен и тотален AV-блок. Имено со употреба на дигиталис пулсот може да се намали и до 35 удари во минута. Иктерусот (механички/паренхиматозен), дополнително доведува до појава на синусна брадикардија поради ретенција на жолчните киселини, додека хемолитичниот нема таква манифестација. Други состојби кој доведуваат до синусна брадикардија се:

  • Микседем (хипотиреоза)
  • Медијастинални тумори
  • Зголемен интракранијален притисок (менигитис, тумори на мозок, субарахноидално крварење – централно дразнење на n.vagus)
  • При реконвалесценција по прележана инфективна болест – пневмонија на пример
  • При абдоминален тифус и инфлуенца – со покачување на температурата
  • Синкопа
  • Хипоксија
  • Шок – прва фаза (рефлекторна брадикардија)

Брадикардија при АV-блок

Карактеристика на брадикардијата при срцев блок е нејзината варијабилност. Со други зборови срцевата фрекфенција кај истата изнесува најчесто под 40 удари во минута, но може да се спушти и до 25 удари во минута, а понекогаш да биде со фрекфенција од 60 удари во минута. Во секој случај дилемите се решаваат со правење на ЕКГ. Дека се работи за брадикардија поради АV-блок, говорат следните феномени :

  • Постојат пулсации на вратните вени како резултат на контракцијата на преткоморите која е независна од контракцијата на коморите.
  • Со аускултација на срцето се слушаат посилни срцеви тонови “bruit de cannon” кои настануваат како резултат на истовремена контракција на преткоморите и коморите.
  • Cрцето е проширено, систолниот притисок е зголемен, амплитудата помеѓу систолниот и дијастолниот притисок е исто така зголемена, а сето тоа поради долгата дијастола и големата количина на крв која при систола влегува во аортата.
  • Болните може да имаат краткотрајна несвестица или може да паднат во длабока кома со цијаноза и грчеви на мускулатурата (Адамс-Штоксов напад). Таквите напади обично настануваат тогаш кога синусниот ритам преминува во делумен срцев блок или делумниот срцев блок прминува во комплетен.

Без разлика на тоа дали се работи за комплетен или инкомплетен блок, блок на левата или на десната гранка или се работи само за продолжување на P-R интервалот, треба да се пронајде причината поради која тој блок настанал. Според тоа најчести причини за настанување на срцевиот блок се:

  • Интоксикација со дигиталис
  • Миокарден инфакрт
  • Миокардитис (блокот може да биде и доживотен поради лузни во миокардот – дифтеричен и ревматоиден миокардитис
  • Атеросклероза
Д-р Александар Милосављевиќ е роден на 09.10.1989 во Скопје. 1996-2004 ОУ “Љубен Лапе” – Скопје. 2004-2008 ДСУ “Марија Кири Склодовска” – Скопје. 2008-2014 Медицински Факултет – Скопје. 2011 Волонтер во Хируршката Клиника “Св.Наум Охридски” во Скопје на одделот за Урологија. 2012 Волонтер на КАРИЛ во клинички центар “Мајка Тереза” – Скопје. 2014 Волонтер на Институтот по Клиничка Фармакологија и Токсикологија во Скопје. 2013-2014 Стажирање во клинички центар “Мајка Тереза” и Хируршката клиника “Св.Наум Охридски” – Скопје. 2009 Учество на симпозиумот “Новости во Педијатрија” во Скопје. 2012 Учество на 36-от Интернационален медицински научен конгрес на студенти по медицина и млади лекари во Охрид. 2011-12 Добива државна стипендија. 2012-14 Добива приватна стипендија од фондацијата “Трајче Мукаетов” – Алкалоид. ЈАЗИЦИ Српско-хрватски, англиски и моментално изучување на германски. СТРУЧНИ ИНТЕРЕСИ Кардиологија, Неврологија, Неврохирургија, Психијатрија и Клиничка Фармакологија. Александар за Доктори: Мило ми е што ја имам честа да бидам дел од Доктори.мк, еден прекрасен портал кој овозможува да се едуцираме, доучуваме и осознаваме различни видови информации од областа на медицината, стоматологијата, фармакологијата и психологијата. Порталот го има тој потенцијал да ја подигне свеста кај народот за осознавање и спречување на разни видови болести, а со тоа да има подобрување на здравјето и унапредување на животот. Се надевам дека и моите статии ќе придонесат во остварувањето на тој потенцијал.