Тахикардија – диференцијално – дијагностички осврт

0

Генерално за тахикардија станува збор тогаш кога фреквенцијата на срцето изнесува повеќе од 100 удари во минута. Од дијагностички аспект е важно времето колку таа трае. Според тоа таа може да биде краткотрајна или долготрајна (денови, недели, месеци, години), а понекогаш се јавува и во напади. Друг важен податок за тахикардијата покрај времето е и тоа дали станува збор за синусна или ектопична тахикардија. За да имаме точна информација, би требало прво да ги разграничиме овие два ентитета, а потоа истите ќе бидат подетално разгледани во долунаведениот текст.

  •  При синусна тахикардија, фреквенцијата на срцето е под влијание на регулациските механизми (физичка активност, симпатикус и вагус), додека при ектопична тахикардија срцето работи самостојно како да е независно од организмот;
  •  При синусна тахикардија, постои еуритмичност со фреквенција 100-140 удари во минута, ретко повеќе (екстремна синусна тахикардија или ундулација на атриум), додека при ектопична тахикардија срцевата фреквенција изнесува 170 или повеќе удари во минута (пароксизмална суправентрикуларна или вентрикуларна тахикардија) при што и тогаш во глобала постои еуритмичност.

Синусна тахикардија

Како симптом таа е доста честа и во повеќето од случаите лесно може да се октрие која е причината за нејзиното појавување. При постоење на ваков тип на тахикардија, секогаш треба да се размислува и за евентуално постоење на скриена хипертиреоза. Затоа прво ќе стане збор за појава на тахикардијата при хипертиреоза.

Тахикардија при хипертиреоза

Доколку етиологијата за тахикардија не е јасна, секогаш од диференцијално-дијагностички аспект треба да се помисли на постоење на хипертиреоза. Во повеќето од случаите, тахикардијата е главен симптом на хипертиреозата! При тоа пациентите често се жалат на палпитации. Важно е да се каже дека оваа тахикардија е трајна, се јавува дури и во сон. Диференцијално, тахикардијата кај невротичарите отсуствува во сон. Тахикардијата при хипертиреоза најчесто е со фреквенција до 150 удари во минута. Според тоа на хипертироза треба да се помисли кога постои трајна синусна тахикардија, но и во случај на трајна или повремена аритмија (постари пациенти кој најчесто имаат атријална фибрилација).

Тахикардија при невроза

Овој тип на тахикардија (со фреквенција до 120 удари во минута), најчесто може да се помеша со тахикардијата при хипертиреоза затоа што и тука пациентите се жалат на палпитации, имаат зголемен базален метаболизам и имаат тремор на прстите и рацете. Разликата е во тоа што кај невротичарите таа исчезнува во периодот на сон, а пациентите имаат ладни и испотени раце. Сигурен доказ дали тахикардијата е од невротична или од хипертиреотична природа ни дава тестирањето со радиоактивен јод преку кое се одредува органски врзаниот јод во крвта.


Тахикардија при шок

Дека се работи за тахикардија при шокова состојба ни говори фактот дека таа е еден од низата компензаторни механизми кои се јавуваат при шок. Дијагнозата е релативно лесна за поставување бидејќи шоковата состојба има типична клиничка слика. Со други зборови пациентот е летаргичен и облиен со ладна пот, има бледило и има намален крвен притисок! Покрај хипотензијата како причина за појава на тахикардија може да биде и внатрешното крварење (улкус, ектопична бременост) кое ќе доведе до тахикардија пред да дојде до хипотензија која истата уште толку ќе ја потенцира.

Тахикардија при срцеви болести

Тахикардијата е чест симптом и при болестите на срцето. Особено е присутна при ендокардитис и миокардитис, но се јавува и при ревматска треска, cor pulmonale и при почетна срцева декомпензација каде како симптом се јавува долго време пред типичните симптоми за декомпензација (диспнеја, набрекнатост на вратните вени, хепатомегалија, едеми на нозете и белодробна конгестија).

Тахикардија при анемија

Поради адаптацијата на организмот на пониска концентрација Hb, постои тахикардија која посебно е изразена при физичка активност. Долготрајната анемија може да доведе до дилатација на срцето и при тоа да доведе до појава на систолен шум кој е најизразен аускултаторно над apex cordis и над a.pulmonalis. Во голем број на случаи поради систолниот шум најчесто се помислува на примарна срцева болест при што анемијата како главна причина останува во сенка.

Тахикардија при фебрилна состојба

Важен податок е дека секој степен на покачена телесна температура ја зголемува срцевата фреквенција за 8-10 пати. Во почетокот, единствен исклучок прават абдоминалниот тифус, менингитисот и инфлуенцата каде пулсот не е во корелација со покачената телесна температура.


Тахикардија при фармакотерапија

Таа најчесто е причинета од парсимпатиколитиците (атропин), симпатикомиметиците (адреналин), алкохолот, кафето и никотинот.

Тахикардија при реконвалесценција

Опоравувањето од тешки болести носи со себе и појава на тахикардија, поради лабилната невровегетативна рамнотежа. Таквите пациенти при тоа чувствуваат замор, палтипации и диспнеја.

Емоционална тахикардија

Доста е честа појавата на тахикардија кај луѓето кој штотуку дошле на лекар, поради страв, возбуденост или срам, па фреквенцијата при такви состојби неретко изнесува и до 120 удари во минута. Покрај тоа постојат и други знаци на возбуденост како руменило на лицето, вратот, градниот кош, испотеност и тремор. Треба да се биде внимателен таквата тахикардија да не биде сфатена како тахикардија при хипертиреоза. Откако пациентот ќе се смири, срцевата фреквенција се враќа во нормала и тоа ни говори дека се работи за тахикардија од чисто емоционална природа.

Ектопична тахикардија

Кај ектопичната тахикардија дразбата за контракција на срцевиот мускул не потекнува од синусниот чвор, туку таа може да потекнува од другите места на атриумот, од атриовентрикуларниот чвор или од клетките. Овие други центри на дразба не се толку под влијание на регулациските механизми, колку што е под влијание синусниот чвор.

Во суштина ектопичната тахикардија може да биде трајна(атријална фибрилација) или да се јавува во напади-пароксизми кои нагло почнуваат и нагло завршуваат (пароксизмална суправентрикуларна или вентрикуларна тахикардија; пароксизмална фибрилација или ундулација на атриумите). Според тоа нападот на тахикардија проследен со правилен или неправилен ритам кој нагло почнува и нагло завршува, секогаш е сомнителен за ектопична тахикардија.

Атријална фибрилација

При оваа состојба обично постои тахикардија со срцева фреквенција од 120-160 удари во минута. Срцевата акција е аритмична и според тоа е лесна за препознавање, при што најчесто се работи за трајна појава која трае со години. Понекогаш на трајната атријална фибрилација и претходат пароксизми на кои можеме да се посомневаме ако пациентот чувствува нагли палпитации со брз и неправилен ритам кои нагло завршуваат. Вакви напади често може да имаат пациентите со хипертиреоза, па секогаш треба да се бараат симптомите на таа болест. Важно е да се потенцира дека атријалната фибрилација покрај тоа што се јавува кај хипертиреозата, може да се јави и при митрална стеноза и при атеросклеротична миокардиопатија.

Ундулација на атриумите

На оваа состојба треба да се помисли тогаш кога срцето работи правилно со фреквенција од 140-160 удари во минута, при што фреквенцијата нагло се менува при незначителен напор (станување од кревет) или при притисок на sinus caroticus. Пулсот може нагло да падне од 150 на 100 (блок 1:3) или на 75 удари во минута (блок 1:4), а при тоа може нагло да се забрза. При оваа состојба постои аритмија и затоа е лесно да се препознае таа на ЕКГ. Најчести причини за нејзина појава се истите како кај атријалната фибрилација: хипертиреоза, митрална стеноза и атеросклеротична миокардиопатија. Прогностички се работи за посериозна состојба од атријалната фибрилација.

Пароксизмална тахикардија

Од самиот наслов може да се каже дека се работи за тахикардија во напади со срцева фреквенција од 160-200 удари во минута при што нападите нагло почнуваат и завршуваат. Разликуваме два типа на пароксизмална тахикардија и тоа: суправентрикуларна и вентрикуларна. Треба остро да се разграничат овие два ентитета затоа што прогнозата и терапијата им се сосема различни. Од особена важност е да се знае дека суправентрикуларната пароксизмална тахикардија е честа појава и во здравото срце и има добра прогноза, додека вентрикуларната обично се јавува при сериозни срцеви заболувања и според тоа има лоша прогноза.

Суправентрикуларна пароксизмална тахикардија

Нападите на овој вид тахикардија најчесто почнуваат уште во младоста и може да траат цел живот при што овие напади се јавуваат повеќето кај здрави индивидуи. Тие може да бидат изпровоцирани со промена на положбата на телото. Срцевата фреквенција при овие напади е најчесто од 180-200, а поретко таа може да биде и до 220 удари во минута, при што постои правилен ритам. За време на нападите кај постарите лица може да се појави диспнеја, градна болка, несвестица па дури и срцева декомпензација. Во моментот на пароксизмите и по нив, пациентите може да излачат голема количина на светла урина (urina spastica).
Нападите често престануваат по притисок врз десниот sinus caroticus, по спонтано или провоцирано повраќање или по притисок врз двете очни јаболка (дразба на n.vagus). Физикалниот, рентгенскиот и ЕКГ прегледот, надвор од нападите е уреден, а во периодот по надапот на ЕКГ може да се заебележи транзиторна миокардна исхемија. За време на нападот на ЕКГ се забележува нормален QRS комплекс, додека P бранот е најчесто скриен во Т бранот. Дијгнозата најчесто се поставува преку добро земена анамнеза. Резимирано дека станува збор за овој вид на тахикардија потребно е да имаме податок дека нападите почнале пред 40-тата година, дека тие често се повторуваат, дека срцевата акција е нормална надвор од нападите и дека нападите престануваат со притисок врз sinus caroticus.

Вентрикуларна пароксизмална тахикардија

За разлика од суправентрикуларната пароксизмална тахикардија, оваа е многу поретка и истовремено е многу посериозна затоа што се јавува при тешки болести на срцето како на пример кај инфарктот. Овие напади траат неколку секудни, минути или часови, ретко кога траат со денови. Пред самиот напад, пациентот најчесто има појава на вентрикуларна екстрасистоли. Пароксизмот почнува нагло со срцева фреквенција од 180-220, а понекогаш и до 250 удари во минута, при што постои нормален ритам на срцето. Типично за оваа состојба е што во вратните вени постои венска стаза, а тоа е така затоа што атриумите се контрахираат со свој посебен ритам. На аускултација се слуша посилен прв тон.


Нападите кај овој вид на тахикардија диференцијално од оние кај суправентрикуларната тахикардија, се јавуваат почесто кај луге над 40-тата година од животот и кај оние кои имаат јасни знаци на срцева болест: свеж или стар срцев инфаркт, хипертензија и срцева декомпензација. При постоење на атриовентрикуларен блок (Adams-Stokes ов напад), вентрикуларната тахикардија може да биде причина за смртен исход. При вентрикуларна тахикардија, на ЕКГ, QRS комплексот е широк, дедека P бранот обично не се гледа. Важно е да се знае дека при вентрикуларната тахикардија не престанува со притисок врз sinus caroticus, а престанува по аплицирање инјекција лидокаин или по примена на електрошок.

Атријална тахикардија со блок

Овој вид на тахикардија е најчеста последица на прекумерно ордирнирање дигиталис. На неа треба да се помисли кај пациенти кои примаат дигиталис, кои претходно имале нормален ритам на срцето кој нагло станал аритмичен и не е екстрасистоличен.

Феохромоцитом

Уште една причина за појава на ектопична тахикардија, а во некои случаи и на синусна тахикардија, претставува присуството на феохромоцитом (тумор на mеdulla suprarenalis). При оваа состојба постојат напади на палпитација со тахикардија. Пароксизмите се последица на ослободување на високи концентрации на адреналин и нодрадреналин во крвта. За време на нападот пациентите се чувствуваат лошо, имаат силни палпитации, тремор на рацете, а бледило на прстите и лицето. Главен симптом кој често не ориентира дека се работи за оваа состојба е присуството на хипертензија за време на нападот со вредности од 300/175-150 mmHg, при што таа не реагира на терапија. Висок притисок придружен со тахикардија покрај тоа што се сретнува кај оваа состојб, може да се сретне и при есенциална хипертензија.

Резимирано може да се каже дека со помош на анамнезата и физикалниот преглед најчесто може да се заклучи дали станува збор за тахикардија. Откако ќе се одреди фреквенцијата, потребно е да се дознае дали таа се менува со помала физичка активност или при промена на положбата на телото, а со анамнезата да се дознае дали тахикардијата е трајна состојба или се јавува повремено во напади.

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-