Орални промени кај женскиот пол

0

Пореметувањето на функцијата на полните жлезди прати низа орални промени. Тоа е посебно изразено кај женскиот пол, затоа што кај нив е докажана директна корелација измеѓу функцијата на овариумот и оралната слузокожа. Промените во усната празнина се појавуваат во сите фази на гениталниот живот на жената.


Орални промени за време на пубертетот

Во текот на пубертетот ( кој трае од 2 до 3 години ) зголемена е продукцијата на полни хормони, која ја зголемува ексудацијата на гингивата. Покрај тоа, во устата настануваат низа промени. Гингивата е инфламирана. Интерденталните папили можат да бидат зголемени, и тоа во пределот на фронталните заби, лабијално. Сепак инфламацијата на гингивата е правопропорционална со нивото на одржување на оралната хигиена.

Ако оралната хигиена е лоша и се присутни наслаги на дентален плак, сето тоа ќе биде се повеќе изразено. После пубертетот доаѓа до извесно подобрување на гингивата, но до целосна и спонтана регресија, без отклонување на денталниот плак и зголемување на оралната хигиена, не доаѓа.Орални промени за време на менструацијата

Во текот или непосредно пред биолошкиот циклус настануваат орални промени како што се: инфламирана гингива, склоност на крварење, пореметување во лачењето на плунката, одонталгија ( забоболка ), непријатен здив од устата… Кај некои жени често во текот на менструалниот циклус се појавува херпес лабијалис па и афтозни лезии.


Промени во устата при употреба на орални контрацептивни средства

Употребата на орални контрацептивни средства може да предизвика некои непосакувани дејства, затоа што содржат комбинација прогестерон и естроген. Тие непосакувани ефекти можат да се манифестираат на различни органи и системи, па и во устата. Кај жените кои користат орална контрацептивна средства можат да се појават промени на гингивата во различен облик и степен.

Сето тоа може да биде прогресивно и да се зголемува доколку не се прави пауза на користењето на овие лекови. Внесувањето на големи дози, а посебно ако овие средства се користат неконтролирано, се влошува состојбата на пародонциумот и следи убрзан развој на пародонтопатија, доколку е присутна и предизвикува појава на пигментација во усната празнина.

Орални промени за време на бременоста

Во текот на бременоста доаѓа до зголемување на продукциата на полни хормони ( естроген и прогестерон ), при што настануваат промени во устата. Најизразени орални промени се појавуваат од 2 до 8 месец на бременоста. Присутни се инфламирана гингива, хиперплазии, некогаш се појавуваат и ограничени хиперплазии, познати како ,,тумори на бременоста,, кои се последица на зголемената васкуларизација. Обично се појавуваат во 2от или 3от месец на бременоста. Овие туморни творевини се безболни, само што можат при јадењето да сметаат. Релативно се ретки. После породувањето се смалуваат, а некогаш и потполно исчезнуваат. За време на бременоста може да дојде и до побрз напредок на пародонтопатијата која може да се манифестира и со олабавување на забите. Со зголеменото дејство на естроген на нервниот систем, се јавува зголемено лачење на плунката. Промените присутни со саливацијата се пролазни. Уште во текот на бреноста се воспоставува нормална саливација.


Орални промени во текот на менопаузата и постменопаузата

Менопаузата е физиолошка појава која се манифестира со завршување на овуларните функции и завршување на продукцијата на естроген. Оралните промени кај жената за време на менопаузата најизразени се на јазикот. Јазикот е блед, често равен ( атрофија на епителот е присутна ) и атоничен. Изразени се жарење и печење на јазикот или целата уста. Некогаш се појавуваат и болки. Сите овие тегоби се најизразени во вечерните часови или со конзумирање на зачинета храна и газирани пијалоци. Овие тегоби можат да се појават и без присуство на оралните промени. Многу жени во овај период се жалат на сува уста, чести се пореметувањата на вкусот – доминира солен и метален вкус.

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Елена Јевтиќ е родена во 1988г во Битола. Средното образование го завршува во гимназијата „Јосип Броз - Тито" - Битола, природно-математичка насока во 2007г. Дипломира на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот Нови Сад, Панчево во Јули 2013г. -Доктори.мк претставува место каде што можете да дознаете многу повеќе за Вашето здравје, неговата првенцијата и тераписките модалитети од стручен тим на соработници. Особено задоволство е да бидете дел од еден таков тим на успешни и докажани здравствени лица.