Вкрстен загриз – генетски асоцирана аномалија

0

Вкрстениот загриз претставува отстапување од нормалниот однос на вилиците во трансверзала. Всушност, се манифестира кога еден или повеќе заби имаат букална или лингвална позиција во однос на забот антагонист, кој се наоѓа над тие заби (ако е во горна вилица) или под забите (ако е во долна вилица). Вкрстениот загриз или cross-bite може да се појави во фронтот и тогаш имаме негативен overjet, познат како III класа скелетна аномалија или прогенија.

Постои и заден или латерален вкрстен загриз каде најчесто имаме тесна максила или тесен алвеоларен гребен. И во двата случаи може да биде на едната или на двете страни од вилицата и доколку навремено не се превенира, коската има способност да се преобликува во абнормална позиција.

Етиологија

Вкрстените загризи обично имаат наследна етиологија и доаѓаат од нашите гени, па така доколку еден од родителите ја има ова аномалија, многу често ја имаат и нивните деца. Исто така, една од можните причини може да биде и подолготрајната перзистенција на млечни заби, како и необична ерупција на трајните заби.

Кога станува збор за генетскиот фактор, најчесто долната вилица е поширока од горната, со што се предизвикува еден или повеќе заби да се во обратен преклоп на едната или на двете страни од вилицата. Понекогаш и лошите навики, како цицање на палец или дишење на уста можат да направат одредени промени кои ќе доведат до вкрстен загриз, бидејќи ако ги практикуваме подолго време се деформира палатумот и горната вилица.

Симптоми

Вкрстениот загриз не дава драматична и богата симптоматологија. Пациентите најчесто се жалат на болка при џвакање, како и болка во вилиците или забите, каде е лоцирана аномалијата. Еден од поголемите проблеми кои го посочуваат пациентите е болната осетливост на темпоромандибуларниот зглоб и негова дисфункција, која всушност е една од најголемите причини поради која бараат помош од лекар и санирање на аномалијата.

Компликации

Едни од најчесто прикажаните компликации се гингивитот и пародонтопатијата, загуба на забите кои се во обратна положба, дегенерација на ТМЗ (темпоромандибуларен зглоб) која понатаму може да доведе до артритис. Понекогаш неизбежен е хируршки третман за подобрување на положбата на зглобот.

Превенција

Може да се превенира навиката на цицање палец или цуцла уште рано во детството, како и навремена екстракција на млечните заби пред трајниот заб да никне во неправилна положба, па со тоа да помогнеме да не дојде до појава на вкрстен загриз. Но, доколку е клучен генетскиот фактор аномалијата се санира откако ќе ја забележиме.

Терапија

Ортодонтите во терапијата на вкрстен загриз обично се скептични и секогаш напоменуваат дека тоа треба да биде долготраен и упорен процес. Дури подвлекуваат дека доколку станува збор за генетски асоцирана аномалија шансите за успех се многу мали или бараат неколку години интензивна терапија. Но, сепак науката направила голем напредок па со неколку видови терапија може да се ублажи или целосно санира вкрстениот загриз.

Најчесто се препорачува максиларна експанзија со некој од експандерите, како што е хираксот или во поново време quad helix-от, кои се поставуваат на сличен начин на палатумот и вршат ширење на максилата кое е дозирано од страна на терапевтот, најчесто еднаш во 30 дена, обично преку ноќта, па времето на негово носење зависи од тоа колку ни е потребно проширување.

Откако ќе добиеме задоволително проширување на вилицата пристапуваме кон фиксен ортодонтски третман, и тоа поставување брикети во двете вилици за корекција на загризот во период од една до две години. Токму ортодонцијата е наука која нуди многу можности, па така речиси и нема аномалија која не може да се отстрани.

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

д-р Елена Радеска е родена на 02.04.1986год. во Демир Хисар. Средно образование завршила во гимназијата Јосип Броз Тито во Битола. Веднаш по средното образование се запишала на Стоматолошки факултет во Скопје, отсек општа стоматологија. Дипломирала во 2009 година. По дипломирањето до денес работи во специјалистичката ординација по ортодонција “Д-р Радевски” во Демир Хисар како општ стоматолог. Професионален интерес: Општа стоматологија,стручен соработник во компании кои се занимаваат со истражувачко-производствена дејност од областа на медицината и стоматологијата,интерес и познавање на ортодонцијата и детската стоматологија. Социјално организациски способности: Организација на состаноци, Искуство со работа со рокови и следње на точно определена процедура, развиени способности за работа во тим здобиени со предходните работни искуства и посета на семинари од област на комуникација и меѓучовечки односи. Говори англиски, италијански и јужнословенската група на јазици. Во слободно време се занимава со проза и поезија, уметност, филм и спорт. Доктори.мк е место каде сите познавачи на медицината, стоматологијата и фармацијата можат да ги изнесат своите знаења, ставови, а воедно и да научат нови и суштински моменти од овие области. Особено ми се допаѓа што оваа страница нуди подеднакви можности на сите оние кои сакаат да ја изразат својата спремност и искуство. Драго ми е што учествувам во стручниот тим на Доктори.мк.