Опасности по здравјето кај жените за време на летото

Летното секојдневие ни нoси многу радости. Уживаме во долгите денови, одморот на плажа, вечерните дружења и излегувања. Но, покрај убавите моменти, летото ни носи и некои опасности по здравјето за кои често не сме свесни. Затоа, пред да се искапите во базенот или да одлучите цел ден да го поминете во костим за капење, размислите за опасностите по здравјето кои ги носи летото и научете како може да ги одбегнете.

 

Мигрена и главоболка

Со мигрена и главоболка се „мачиме” преку целата година, но многу од жените тврдат дека за време на летото имаат повеќе главоболка. Лекарите тврдат дека честата главоболка за време на летото е поради јачината на УВ зраците. Исто така, може да се каже дека причина за главоболка претставува и тоа што повеќе ги напрегаме мускулите на лицето и очите за да се заштитиме од сончевите зраци. Доколку поминете подолго време на сонце, топлината ќе Ве исцрпи и ќе предизвика мигрена затоа што не се потите доволно брзо за да предизвикате намалување на температурата на телото. Освен тоа, може да почувствувате и мачнина и замор, а предолгото изложување на сонце може да предизвика и повраќање. За да избегнете главоболка и мигрена задолжително на себе носете очила за сонце и одбегнувајте да се изложувате на сонце кога истото е прејако. За да спречите дехидратација на телото, повремено консумирајте вода.

Габична инфекција

Ваквата инфекција со сигурност ќе Ви го расипе одморот. Габичните инфекции за време на летото се почести бидејќи многу од жените поголемиот дел од денот го поминуваат во мокар костим за капење. Габичните инфекции се развиваат во влажна и ладна средина. За да ја спречите оваа непријатна и понекогаш болна инфекција, задолжително пресоблечете се штом ќе завршите со пливањето. Освен тоа, се препорачува да се носи памучен веш, а не свилен или мрежаст кој ја задржува влагата.

Атлетско стапало

Оваа габична инфекција се појавува кај многу жени за време на летните месеци, особено доколку се спортски активни или често одат на базен. За да се заразите доволно е само да стапнете боси во туш кабина на плажа или базен, или да прошетате боси околу базенот. Габичната инфекција се развива брзо во топла и влажна средина какви што се јавните тоалети. За да се одбегне ваквата инфекција, немојте да одите боси во туш кабините, на базен или сауна. Освен тоа, после спортските активности задолжително измијте ги нозете и облечете чисти чорапи и патики. Препорачливо е за време на летото да носите обувки направени од природен материјал за да можат Вашите стапала подолго време да останат суви.

Труење со храна

Бројните истражувања потврдуваат дека труењето со храна е многу почесто во лето заради топлото време. Храната доколку подолго време не се стави во ладилник може да предизвика труење кај оној кој ја консумира заради бројните бактерии кои ќе се развијат во неа. Таква храна најчесто е црвеното месо, салатите со млечни производи, мајонезот и сл. За да одбегнете труење со храна, внимателно одберете што ќе јадите во рестораните и сендвичарите, а дома сите ризични намирници задолжително чувајте ги во фрижидер. Немојте да консумирате храна која подолго време не била во фрижидер.

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Кристина И. Стојаноска - Алоска
Д-р Кристина И. Стојаноска Алоска е родена 1984 год. во Охрид. Средно образование завршува во гимназијата “Св. Климент Охридски” , природно - математичка насока, во 2003 год. Дипломира на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје во 2008 год. Учествувала на повеќе конгреси, семинари и работни курсеви од областа на стоматологијата. Професионален ангажман: Работи во Стоматолошката ординација „Д-р Каланоска“ - Охрид Доктори.мк е портал кој на популацијата и овозможува да согледа многу проблематики од областа на здравството и да научи многу совети и факти за животот , исхраната и здравјето. Мапата претставува одличен и најбрз начин преку кој може да се лоцира доктор или некоја медицинска установа. Особена чест и огромно задоволство ми претставува што сум дел од тимот на Доктори.мк и искрено се надевам дека преку моите статии читателите на Доктори.мк ќе научат многу проблеми од областа на стоматологијата. Доктори.мк според мене е par excellence портал од областа на здравството во Македонија. Големо БРАВО за основачите!!!