Природата лекува сè – Невен

Дали знаете како правилно да ја користите моќта на природата? Невенот е скапоцена билка со голем број лековити својства.

Невен (Calendula officinalis)

Невенот е едногодишна медитеранска билка која достигнува висина до 50цм. Нејзиното стебло е многу разгрането во горниот дел. Лисјата може да имаат овална или издолжена форма и се малку назабени. Гранчињата на стеблото завршуваат со голема цветна глава која има жолто-портокалова боја. Целата билка е влакнеста.

Оваа билка цвета во април или мај. Цветовите имаат специфичен мирис, а вкусот им е горки. Невенот расте по дворовите, ливадите и на диви места.  Расцветаните цветови од невенот се берат кога е сончево, а истите се сушат на топло место но под сенка со што би се зачувала природната боја на цветовите. Сушењето мора да е брзо, на температура до 35 степени. Од сувите цветови се делат ливчињата и се оставаат да се досушат. Од свежите цветови може да се направи тинктура и маст.

Лековит состав на невенот

Содржи календулин, каротиноиди, албумин, ликопен, флавоноиди, од органските киселини има јаболкова, салицилна, палмитинска, волоксантин, цитроксантин, рубиксантин, етерични масла, смола, жолто мастило, шеќер, белковини, ензими, гума, фитостерол, калциум, сулфур, витамин А – каротеноид.

Контраиндицирано е да го користат луѓе кои се алергични на амброзија.

Лековито дејство на невенот

За невенот со право може да се каже дека е билка за кожата бидејќи нема кожна болест во која невенот не помага, без разлика за надворешна или внатрешна примена и тоа во лекување на акните, брадавици, цисти, улкуси, егземи, хемороиди, херпес зостер, фистули, импетиго, воспаленија на кожата, кај масна кожа на лицето, за чистење на кожата на лицето, кај лишаи, крварења, маститис, изгореници, псоријаза, проширени вени, себореја, смрзнатини, убоди од инсекти, гнојни рани на кожата, разни рани и повреди на кожата бидејќи невенот го помага зараснувањето на раните и го спречува настанувањето на воспалителен процес на кожата. Помага и при заболувања на лимфните садови како што се отечени лимфни јазли.

Невенот помага така што

  • го забрзува потењето
  • го зголемува излачувањето на мокрачата
  • ги смирува грчевите на цревата, желудникот и мускулите
  • го урамнотежува месечниот циклус
  • лекува болести на матката
  • лекува болести кај внатрешните органи, желудникот, црниот дроб и жолчката
  • помага при зајакнување на имунолошкиот состав и кај хормоналните тегоби
  • се користи за разни испирања надворешни и внатрешни, при повреди, воспаленија и инфекции
  • делува антиканцерогено и тоа при карциноми на кожата, матката, желудникот и грлото
  • лековито дејство има при лекување на болести на вените.

Маслото од невен е природен козметички препарат кој ја штити и ја негува како младата така и старата кожа. Невенот може да се меша со останатите лековити билки при што се добиваат препарати кои помагаат во успешно лекување на многу болести.

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Др. Кристина И. Стојаноска Алоска е родена во Охрид, 1984 година. Средно образование завршува во родниот крај, во гимназијата „Св. Климент Охридски“, природно- математичка насока, во 2003година. Дипломира на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во 2008 година. Со работна лиценца за доктор по стоматологија се стекнува по положување на државниот испит во 2009 година. Во соработка со ОО Црвен крст - Охрид издава две брошури поврзани со оралното здравје. По повод Неделата на забоздравствена заштита, во 2014 ја издава Брошурата „ГРИЖА ЗА ЗАБИТЕ“ наменета за најмладите во која се опишани правилата за здрави заби што треба секое дете да ги знае. Следната, 2015 година, за истата цел ја издава брошурата „НАСМЕВКА БЕЗ КАРИЕС“, на малку повисоко ниво, наменета за сите родители и деца, во која се опишани сите нешта поврзани со кариесот и тоа како да се спречи. Во 2017 година издавачката куќа ЕДУКА МАК ја издава нејзината книга со 10 раскази на тема орално здравје, напишани како поезија во проза, со наслов „НАСМЕВКА ЗА ПЕТКА“. Работна пракса како доктор на стоматологија извршува во Стоматолошката ординација "ЕТАДЕНТ" во Охрид, чиј сопственик е од 2019 година. Доктори.мк е портал кој на популацијата и овозможува да согледа многу проблематики од областа на здравството и да научи многу совети и факти за животот , исхраната и здравјето. Мапата претставува одличен и најбрз начин преку кој може да се лоцира доктор или некоја медицинска установа. Особена чест и огромно задоволство ми претставува што сум дел од тимот на Доктори.мк и искрено се надевам дека преку моите статии читателите на Доктори.мк ќе научат многу проблеми од областа на стоматологијата. Доктори.мк според мене е par excellence портал од областа на здравството во Македонија. Големо БРАВО за основачите!!!