Со гуми за џвакање во борба против кариес

Кариесот на забите претставува најраспространетото орално заболување на денешницата. Најважните фактори од кои зависи дали ќе настане кариес се бактериите во устата, исхраната и забите и нивната околна средина. За настанувањето на кариесот е пишувано повеќе пати, но еве накратко да се потсетиме.

 

 Бактерии

Бактериите доведуваат до настанување на кариес на тој начин што како исхрана ги користат јаглехидратите кои ги внесуваме преку исхраната. Во тој процес на разложување на јаглехидратите доаѓа до создавање на разни киселини. Тие киселини го разложуваат минералот од површината на емајлот. Вака разложениот емајл се губи и зад себе остава неминерализирана основа на забот која бактериите многу лесно ја уништуваат. На тој начин бактериите доаѓаат до се подлабоки слоеви од минералот со што доаѓа до ширење на кариесот односно прогредирање кон внатрешноста на забот.

Исхрана

Исхраната претставува една од најважните алки во брзината на настанувањето и ширењето на кариесот. Храната е кариогена т.е. сите хранливи намирници имаат потенцијал да предизвикаат кариес. Од трите основни видови (јаглехидрати или шеќери, протеини или белковини и липиди или масти) најкариогени се шеќерите. Поради тоа правилната и здрава храна не треба да се базира на шеќери (торти, чоколади, густи сокови) туку исхраната да биде комбинација од сите три видови на основни хранливи материи.

Забите и нивното опкружување во устата

Освен бактериите и исхраната, на настанувањето на кариесот најмногу влијае и околната средина на забите. Под околна средина најмногу се мисли на плунката т.е. на нејзината количина и состав. После секој оброк доаѓа до зголемено лачење на плунка. Тоа од една страна го олеснува голтањето, додека од друга страна има многу важна заштитна улога во чувањето на забите од настанувањето на кариесот. Плунката по својот состав е со базен карактер и токму таа нејзина особина и овозможува да се бори против киселата средина која ја создаваат бактериите на површината на забите и која го поттикнува развојот на кариесот.

На кој принцип се заснова заштитната улога на гумите за џвакање (без шеќер)?

Самото џвакање стимулира лачење на плунка која со својата базна реакција оневозможува разложување на минералите од површината на забите. Освен овој начин на дејствување против кариес, гумите за џвакање имаат уште едно тајно оружје. Тие во својот состав наместо шеќер содржат вештачки засладувачи (сорбитол, манитол и сл). Бактериите не се во можност да ги разложат овие шеќери на киселини и на тој начин остануваат “без муниција”.

Важно е да се знае дека употребата на гумите за џвакање НИКАКО не може да го замени миењето на забите со четка и паста, кое и понатаму останува единствен начин во борбата против кариесот. Само со редовно и правилно миење на забите можат да се отстранат бактериите од површината на забите кои предизвикуваат кариес.

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Кристина И. Стојаноска - Алоска
Д-р Кристина И. Стојаноска Алоска е родена 1984 год. во Охрид. Средно образование завршува во гимназијата “Св. Климент Охридски” , природно - математичка насока, во 2003 год. Дипломира на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје во 2008 год. Учествувала на повеќе конгреси, семинари и работни курсеви од областа на стоматологијата. Професионален ангажман: Работи во Стоматолошката ординација „Д-р Каланоска“ - Охрид Доктори.мк е портал кој на популацијата и овозможува да согледа многу проблематики од областа на здравството и да научи многу совети и факти за животот , исхраната и здравјето. Мапата претставува одличен и најбрз начин преку кој може да се лоцира доктор или некоја медицинска установа. Особена чест и огромно задоволство ми претставува што сум дел од тимот на Доктори.мк и искрено се надевам дека преку моите статии читателите на Доктори.мк ќе научат многу проблеми од областа на стоматологијата. Доктори.мк според мене е par excellence портал од областа на здравството во Македонија. Големо БРАВО за основачите!!!