Забите – чувари на срцето и крвните садови

0

Холестеролот, високиот крвен притисок и дијабетесот се поврзани со зголемен ризик од заболувања на кардиоваскуларниот систем. Истото тоа важи и за забите. Расипаните заби, воспалената гингива и околните ткива можат да го загрозат срцето и крвните садови. Здравјето на срцето и крвните садови е поврзано со оралното здравје. Клиничките испитувања покажале дека луѓето кои имаат пародонтопатија имаат поголем ризик да заболат од коронарна болест за разлика од оние со здрава гингива и здрави заби.

 

Коронарна артериска болест и орално здравје

Коронарната артериска болест е назив за група заболувања кои настануваат поради намален проток на крв низ срцевите артерии (коронарните артерии). Најчеста причина за тоа е атеросклерозата, а како предиспонирачки фактори се наведуваат: пушењето, хроничниот стрес, дебелината и зголемениот физички напор. Како последица на намалениот проток на крв има намалено снабдување на срцевиот мускул со кислород. Коронарната болест може да се манифестира како:

  • angina pectoris;
  • инфаркт на миокардот.

Angina pectoris претставува синдром кој се карактеризира со краткотрајна ретростернална болка, која се шири кон левото рамо, врат и аголот на долната вилица. Нападот трае неколку минути и при ваков случај треба да се примени коронарен вазодилататор – нитроглицерин сублингвално, заради побрза апсорпција и состојбата се смирува.

Ангинозниот напад подолг од 30 минути може да заврши со акутен инфаркт на миокардот како најтешка фаза на коронарната болест која се карактеризира со исхемија и некроза на срцевиот мускул.

Oваа состојба може да настане и во стоматолошката ординација, при самата интервенција или пак додека пациентот чека во чекалната. Доколку се случи тоа, треба да се постави пациентот во соодветна положба за да му биде удобно, а да може да дише и да се повика брза помош.

Ако пак се прави интервенција на пациенти кои веќе имале инфаркт, кај нив се очекува продолжено крварење бидејќи овие пациенти примаат антикоагулантна и антиагрегациска трапија за да се спречи интраваскуларното создавање на тромб. Затоа треба да се применува соодветна хемостаза.

Валвулопатии и орално здравје

Оваа група на срцеви болести ги опфаќа пациентите кои имаат вештачки валвули, дефект на вентрикуларниот септум, стекната валвуларна дисфункција, пролапс на митрални залистоци (со или без митрална регургитација) и пациентите кои прележале реуматска треска со оштетувања на срцевите залистоци.

Ваквите пациенти мора редовно да посетуваат стоматолог и да одржуваат орална хигиена на многу високо ниво. Во спротивно бактериите од усната празнина може да продрат во крвотокот, а со тоа и до срцето. Тоа се случува најчесто при некоја стоматолошка интервенција. Доколку срцето е ослабено и осетливо заради кардиомиопатија или валвулопатија се зголемува ризикот за развој на воспаление на срцевото ткиво, како: myocarditis или endocarditis.

Доколку некој заб е кариозен, тој треба на време да се санира затоа што подоцна може да се создаде апсцес, па бактериите и нивните токсини да продрат во крвотокот дури и до срцето. Но, денес благодарение на антибиотиците до ваква состојба ретко доаѓа. Затоа пациентите со потврдена анамнеза за кардиомиопатија и валвулопатија мора пред секоја интервенција да бидат под антибиотска заштита како превентивна мерка.

Висок крвен притисок и орално здравје

Хипертензијата е состојба на зголемен крвен притисок заради зголемен периферен васкуларен отпор. При оваа состојба е зголемен систолниот, дијастолниот притисок, а некогаш и двата. За покачен крвен притисок се смета ако вредноста на систолниот притисок изнесува над 140 mmHg, a вредноста на дијастолниот над 90 mmHg.

Директна врска помеѓу крвниот притисок и оралното здравје речиси и да не постои, но индиректна врска постои и пациентите би требало да го знаат тоа. Индиректното влијание се остварува преку лековите кои се земаат за намалување на притисокот:

  • кај пациентите кои земаат антихипертензиви од групата на бета-блокатори може да дојде до сува уста и непријатен вкус;
  • диуретиците, кои дејствуваат така што се зголемува излачувањето на јони на натриум (furosemid) можат да доведат до намалено лачење на плунка и сува уста;
  • лековите кои делуваат така што го инхибираат ензимот на конверзија на ангиотензинот I во ангиотензин II (enalapril, kaptopril) можат да предизвикаат пореметување на осетот за вкус и афтозна улцерација на оралната лигавица;
  • блокаторите на калциумовиот канал (diltiazem, nifedipin, verapamil) доведуваат до хиперплазија на гингивата.

Сите овие нус-појави на антихипертензивните лекови од своја страна може да доведат до појава на кариес и пародонтопатија. Затоа кај овие пациенти оралната хигиена е многу важна.

Стоматологот, исто така, треба да се потруди да има таков пристап кон ваквите пациенти така да неговата работа предизвикува што помал стрес и напнатост за да се избегне пораст на крвниот притисок. При стоматолошките интервенции изборот на анестетик треба да биде прилагоден на соодветната состојба – анестетик без вазоконстриктор (адреналин) со соодветна антибиотска или друга медикаментозна припрема доколку општата здравствена состојба на пациентот има потреба од тоа.

Во современата стоматологија улогата на стоматологот не е само во грижата за оралното здравје, туку стоматологот има активна улога во мотивација на пациентите при спроведување на превентивни мерки и промена на штетните животни навики; од намалување на телесната тежина до намалено внесување на сол, одрекување од пушењето и алкохолот. Советите од стоматологот, како оние кои се однесуваат на забите, така и оние кои се однесуваат на општото здравје, треба да се послушаат и применуваат.

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Марина Прентовска е родена на 12.08.1982 година во Охрид. Средно образование завршува во ДСМУ "Д-р Јован Калаузи" - Битола. Дипломира на Стоматолошкиот факултет при универзитетот "Св.Кирил и Методиј" - Скопје во 2009 година, каде се стекнува со титулата доктор по општа стоматологија. -Доктори.мк е одлично место каде што може да се изнесат знаењата и искуствата од областа на медицината, стоматологијата и фармацијата, давајќи интересни, информативни и корисни совети за читателите. Драго ми е што сум дел од тимот на Доктори.мк.