Импактирани заби – честа појава кај современиот човек

0

Под поимот импактирани заби се подразбираат заби кои не се израснати т.е се задржани во вилицата, и нивното никнување е оневозможено поради недостаток на простор, понатаму оневозможување од страна на другите заби, промени во коската, неправилна положба на самите заби или разни заболувања во детската возраст. Појавата на импактиран заб е многу честа во денешно време и нивниот третман е еден од порутинските и повообичаените интервенции во оралната хирургија. Според некои медицински статистики, девет од десет луѓе имаат имактирани заби, посебно имактирани трети молари (умници). Најчести заби чие никнување е спречено се умниците ( трети молари), потоа канините (кучешките заби), па премолари (предкатници), и накрај сите останати заби во устата. При тоа, забите можат да имаат најразлични позиции, од блага наваленост (лево или десно) преку хоризонтална позиција па се до обратна поставеност на забот (коронката долу корењата горе). Исто така, можат да бидат целосно во коска (импактирани) или делумно (полуимпактирани).

Кои се причините за нивната појава?

Најчеста причина за имактираност на забите е недостаток на простор во самата вилица за нивно еруптирање. Самиот начин на исхрана на поголемиот дел од човековата популација, во смисла јадење на вештачка, мека или кашеста храна, особено во раното детство доведува до неразвивање на вилиците и нивна редукција. Како пример во литературата се наведува фактот што кај Ескимите, Индијанците, Автралијските племиња и др. нема појава на импактирани заби заради нивната исхрана и конзумирање на тврда храна уште во детството, додека пак кај западниот свет и тамошниот начин на исхрана, процентот на импактирани заби е многу поголем.

 

Освен неразвиеност на вилиците, други причини се: неправина положба на забот (малпозиција), притисок на соседниот заб, вклештување, компактност на околната коска, долготрајно воспаление на околното ткиво, преран губиток на млечни заби, оштетен зачетокот на сталниот заб, повреда, наследност, заболувања во детска возраст (рахитис, анемија, туберкулоза) и др.

Доколку не се третираат, импактираните заби можат да доведат до пореметување на забниот низ и збиеност на забите . Исто така, особено кај полуимпактираните умници, поради неможноста за нивно чистење, а со тоа задржување на плак и храна, покрај појавата на кариес како на самите заби така и на соседните, може да дојде и до поголемо воспаление на околната регија (перикоронитис) со болки и неможност за отварање на устата (тризмус), лош здив, отежнато жвакање и голтање. Притисокот кој го создаваат, често знае да биде болен. Затоа, многу често е потребно хируршко отстранување на импактираните заби со цел превенција на овие состојби.

 

Третман

Како што споменав погоре, третманот т.е. нивното отстранување е една од порутинските интервенции во праксата на секој орален хирург. Како и за многу стоматолошки и оралнохируршки интервенции, потребна е рентген слика, најчесто од сите заби (ортопантомографска слика). По соодветната апликација на локален анестетик, по што интервенцијата е целосно безболна, обавезно се врши дезинфекција на работното поле во и околу устата. Потоа следи рез и подигање на мукопериосталното ламбо (слузокожата и периостот) и отстранување на коската со што се пристапува до импактираниот заб. Со посебни инструменти се врши подигање и извлекување на забот, а доколку е потребно и негова сепарација (сечење). По отстранувањето се врши тоалета, се враќа мукопериосталното ламбо на соодветното место и се шие.

Постоперативен период

Оток и слаба болка на местото на интервенцијата се нормална појава и треба да се очекуваат. Болката може да се јави по престанување на анестезијата и се регулира со обични аналгетски лекови (аналгин, кафетин, вентор..), додека отокот се очекува наредното утро и постепено се намалува наредните денови. За да биде помал отокот потребно е да се аплицираат ладни облоги на местото, наредните 10-тина часа со повремени паузи. Доколку има воспаление, се ординираат антибиотици. Треба да се избегнува поголема физичка активност, првите два часа да не се јаде а потоа во текот на денот да се конзумира помека и поладна храна. Од наредниот ден да се испира со дезинфекциони водички за уста или со обичен чај од камилица, после секој оброк. Одржувањето на орална хигиена треба да е на високо ниво, со внимателност околу конците, кои пак се вадат за 7 дена од интервенцијата.

Дознајте повеќе за д-р Петар Вршковски 

-авторкси текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Петар Вршковски
Др. Петар Вршковски, роден 1985 год во Битола, средно медицинско училиште-забен техничар завршува 2004, дипломира на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот “Св.Кирил и Методиј” - Скопје во 2009 год. Од 2010 работи во ПЗУ “Максидент- Вршковски“-специјалистичка ординација по максилофацијална и орална хирургија во Битола, а од 2011 год. е на специјализација по орална хирургија при Стоматолошкиот факултет, Универзитет “Св.Кирил и Методиј “- Скопје. Учесник е на повеќе конгреси и семинари од областа на стоматологијата. Доктори.мк е одличен начин пациентите да се запознаат со медицински поими и состојби, занимливи факти, интересни и корисни совети за животот, исхраната и здравјето, како и можност да лоцираат доктор или медицинска установа. Ја поздравувам оваа идеја и секоја чест на основачите за нивната амбициозност, креативност, фокусираност и посветеност. САМО НАПРЕД СО ГАЛОПИРАЧКИ ЧЕКОРИ!