Invisalign® систем – невидлив начин на ортодонтска терапија и алтернатива за класичните фиксни протези

0

Сведоци сме на еден брз развој на науката и технологијата во сите области. Во овој модерен свет во којшто живееме, секој ден на пазарот излегуваат нови пронајдоци кои се сè подобри, поедноставни, поефикасни и покомфорни за самиот пациент. Еден таков производ е Invisalign – револуционерен систем на ортодонтско поместување на забите, кој претставува алтернатива за сите оние што не сакаат да ја жртвуваат својата насмевка за време на третманот, носејќи метални брикети и жици.

 

Што е Invisalign?

Invisalign системот опфаќа серија на „невидливи” позиционери, кои се изработуваат за секој пациент посебно, комфорно налегнуваат на забите и се дизајнирани постепено да ги поместуваат истите во саканата позиција. За нивна изработка се користи компјутеризирана технологија и 3D моделација (CAD/CAM технологија). Идеата за употреба на серија од отпечатоци и позиционери со цел поместување на забите во одредена позиција потекнува уште од 1945 год. и била предложена од Dr.H.D.Kesling. Денешниот Invisalign метод бара само еден пар на отпечатоци и фотографии, направени при првата консултативна сеанса, од страна на соодветно обучен стоматолог или ортодонт.

 

Што опфаќа целата процедура?

Откако докторот ќе се одлучи за употреба на Invisalign методот, и по земањето на отпечаток и фотографирањето на забите, во Invisalign лабораториите се прави 3D дигитален модел со помош на СТ скенер. Врз основа на тој модел се прави симулација на саканите движења од сегашната до посакуваната состојба на забите. Таа симулација служи како база врз која се дизајнираат позиционерите, кои се индивидуални за секој пациент посебно и се менуваат на секои 2 недели при што ги движат забите малку по малку. Потоа, тие позиционери му се испраќаат на докторот, заедно со 3D симулацијата при што пациентот сам може да го види движењето на забите. Позиционерите мораат да се носат минимум 20 часа на ден, освен при јадење и миење на забите, така што успехот на третманот во голема мера зависи и од соработката со пациентот. Исто така, позиционерите мораат да се носат по соодветниот редослед, обично се носи 2 недели секој од нив, а контролните прегледи се вршат на секои 4 до 6 недели. За време од тие 2 недели, забите полека се движат, во просек по 25-33 мм.

Најчесто при третманот се користат 20 до 30 позиционери за секоја вилица и поголемиот број од возрасните пациенти го завршуваат третманот во период помал од една година, меѓутоа се зависи од специфичниот дентален проблем кој се лекува.

Кои се предности и недостатоци во однос на класичните фиксни (метални) протези?

Предности на Invisalign методот во однос на класичниот метод има повеќе. Најпрво естетскиот момент е поголем, бидејќи при самиот третман скоро и да не се гледаат во устата, потоа подвижноста на самите позиционери и нивното вадење во секој момент, можноста за нивно чистење и подобра орална хигиена за време на третманот. Исто така, пациентите ги опишуваат како многу удобни, практични и дискретни.

Секако, како и се друго, и оваа метода си има свои недостатоци, а тоа се ограничениот број на состојби при кои оваа метода би имала добри ефекти, како и високата цена на самиот третман.

Каде сè може да се употребува?

Со Invisalign системот можат да се постигнат одлични резултати при следниве дентални состојби:

  • Збиеност на забите – тескоба. Кога нема доволно простор во вилиците за сите заби да се сместат нормално (1-5 мм);
  • Дијастеми (простори) помеѓу забите (1-5 мм);
  • При длабок загриз;
  • При вкрстен загриз;
  • При благо рецидивирање на малоклузијата, доколку се вратат одредени заби во првобитната положба по отстранување на класичните фиксни протези;
  • При третман на други лесни малоклузии.

 

За следниве малформации, сепак, подобри резултати даваат традиционалните, метални, фиксни протези:

  • Збиеност и дијастеми меѓу забите поголеми од 5 мм;
  • Скелетни малоклузии;
  • Дискрепанци, вклучувајќи ја централната оклузија;
  • Премногу изротирани заби;
  • Отворен загриз во фронтот и бочно;
  • При состојба на недостиг на повеќе заби во вилиците.

Заклучок

Сé на сé, можеме да заклучиме дека Invisalign системот е една одлична можност за ортодонтска терапија без „уста полна со жици”, можност за поголема самодоверба на пациентот за време на терапијата, како и одржување на одлична орална хигиена. Секако, за употреба на овој систем, потребна е соодветна обука на стоматологот, односно ортодонтот.

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Др. Петар Вршковски, роден 1985 год во Битола, средно медицинско училиште-забен техничар завршува 2004, дипломира на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот “Св.Кирил и Методиј” - Скопје во 2009 год. Од 2010 работи во ПЗУ “Максидент- Вршковски“-специјалистичка ординација по максилофацијална и орална хирургија во Битола, а од 2011 год. е на специјализација по орална хирургија при Стоматолошкиот факултет, Универзитет “Св.Кирил и Методиј “- Скопје. Учесник е на повеќе конгреси и семинари од областа на стоматологијата. Доктори.мк е одличен начин пациентите да се запознаат со медицински поими и состојби, занимливи факти, интересни и корисни совети за животот, исхраната и здравјето, како и можност да лоцираат доктор или медицинска установа. Ја поздравувам оваа идеја и секоја чест на основачите за нивната амбициозност, креативност, фокусираност и посветеност. САМО НАПРЕД СО ГАЛОПИРАЧКИ ЧЕКОРИ!