Туморот е болест на современото време. Како што знаеме тој може да биде бениген (безопасен) или малиген (карцином, рак). Научниците мака мачат да најдат било каков лек против малигните тумори, некои резултати досега има, но сепак далеку сме од победата врз оваа опасна болест. Туморозните појави можат да се појават на било кој орган во телото, ниту едно ткиво, ниту еден вид на клетки не е поштеден. Па така, туморите може да се појават и на очните капаци. Можеби не се толку чести како врз останатите ткива, но во последните години е забележан нивен пораст, па затоа не би било лошо да обратиме малку внимание на нив.
Туморите на очните капаци, како и сите други, можат да се поделат на бенигни и малигни. Бенигни творби кои се појавуваат на очните капаци најчесто се: бенки, папиломи, брадавици, molluscum contagiosum, xanthelasma и некои видови на цисти. Додека, малигни тумори кои се појавуваат на очните капаци најчесто се: базоцелуларен карцином, сквамозен карцином, малиген меланом и други.
Во оваа кратка статија ние ќе обрнеме внимание на оние најчестите палпебрални тумори, кои се малигни и најопасни.
Базоцелуларен карцином (Carcinoma basocellulare)
Овој карцином ги зафаќа базалните клетки на очниот капак и воедно е најчестиот тумор на очните капаци. Тој расте споро во должина и длабочина на окото, не е забележано негово метастазирање, но доколку не се лекува – може да го загрози окото, а во ретки случаи и животот. Тој може да направи улцерација на очниот капак, при што може да направи компликации од типот на инфекции, оштетувања на окото, па дури и негова загуба. Навременото откривање и отстранување на овој карцином резултира со 100% излекување.
Сквамозен карцином (Carcinoma planocellulare)
Овој карцином е уште наречен карцином на плочестите клетки. Поредок е, но истовремено и многу поопасен. Овој карцином се појавува во вид на топче на очниот капак. Улцерира, односно го пробива окото и прави разорување на околното ткиво. Може да даде и метастази во околните лимфни јазли, што го става во редот на опасни карциноми. Неговото лекување може да биде потполно доколку навремено се открие, бидејќи подоцна нелекуваниот сквамозен карцином може да делува како животозагрозувачки палпебрален карцином.
Малиген меланом на очниот капак (Melanoma palpebrarum)
Малигниот меланом на очниот капак не се разликува од малигниот меланом на другите делови од телото. Важно е да се напомене дека малигниот меланом кој е помал од 0,80 мм ретко дава метастази. Бенките кои се појавуваат на очните капаци најчесто се отстрануваат поради специфичноста на местото. Доколку се работи за меланом, тој метастазира и неговиот атак не се разликува од атакот на меланомите кои можат да се јават на другите делови од телото.
Карцином на лојни жлезди (Carcinoma sebaceum)
Најопасни палпебрални карциноми се карциномите на лојните жлезди на палпебрата (Carcinoma sebaceum). Многу тешко се разликуваат и се мешаат со други видови на неопасни тумори. Се манифестираат како воспалителни чворови кои се ограничени. Овие тумори се најопасни, најбрзо напредуваат и се животозагрозувачки.
Како да ги препознаеме туморите?
Внимавајте, не секоја промена на очниот капак е карцином. Веќе нагласив дека карциномите на очните капаци се ретки, додека појавите на разни творби на очните капаци се многу чести, што значи дека промените на очните капаци се најчесто бенигни. Сепак ова не смее потполно да не ослободи од сомнежот па секоја промена која ќе се јави треба да ја забележите и да ја следите.
Доколку забележите појава на топчест, односно чворест израсток, над или во очниот капак, се препорачува да се консултирате со лекар. Потоа да го следите и доколку забележите негово зголемување, болка при допир, крвавење во окото, или какви било други специфични промени, треба веднаш да побарате лекарска помош.
Како што рековме, карциномите се болести кои се стремат да го завземат првото место по смртност во светот, а најдобрата борба против нив е нашата информираност.
-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-