Како да се справите со повреда на трајните заби кај децата?

0

Kога децата за прв пат ќе започнат да го истражуваат светот самостојно, тие се многу често изложени на можни повреди на нивното лице и заби. Во првите години од животот, млечните заби се во бизок контакт со трајните заби, кои пак се формираат во внатрешноста на коската на вилиците.

Кога повредата се јавува кај млечните заби во овој период, истата влијае на естетиката на трајните заби кои би се појавиле со белузлави белези или деформација на коронката во зависност од обемот на повредата.

Едни од најчестите видови на повреди на забите се: интрузија (кога забот е набиен во алвеолата) и авулзија (кога забот е комплетно избиен надвор од алвеолата).

Важно е да се напомене дека млечниот заб не треба да се заменува, односно враќа назад, откако ќе биде исфрлен од алвеолата!

Како да се спречи траума кај млечните заби?

– Не користете бебешки одалки;
– Не дозволувајте децата да користат ролерки без заштита;

Научете ги вашите деца да:

– внимаваат на забите кога играат со тешки предмети;
– внимаваат на можните пречки од кои можат да се сопнат;
– останат мирни на лулашките и да не скокнаат додека истата е во движење;
– ги користат скалите кога излегуваат од базен;

Ако детето учествува во спортови како што се рагби, хокеј, карате, возење велосипед, скијање, скејтборд или каква било активност што вклучува потенцијална траума во пределот на лицето, детето секогаш треба да користи шлем или заштитник на устата.

Што да направите во случај на траума на трајните заби?

Најпрво, мора да се консултирате со стоматолог веднаш по несреќата.
Оваа постапка има многу предности бидејќи:

1) Постои поголема можност за зачувување на виталноста на забот;
2) Би се применил конзервативен третман;
3) Постои подобра прогноза на забот;
4) Би биле спречени идни можни компликации и изолжување на понатамошни трошоци.

Од витално значење е дека сите трауматски повреди, треба да бидат дијагностицирани, третирани и контролирани навремено (барем во првите пет години од повредата).

Што да направите доколку трајниот заб е скршен или исфрлен од алвеолата?

1) Пронајдете го забот или скршениот дел. Држете го забот за коронката (белиот дел), а не за коренот (жолтиот дел).
2) Доколку е можно веднаш реимплантирајте го забот.
3) Ако е забот контаминиран, исплакнете го со ладна вода и вратете го забот на своето место во алвеолата. Ова може да го направи детето или возрасно лице.
4) Држете го забот на местото во алвеолата. Прегризете шамивче или чиста салфетка и веднаш одете на стоматолог.
5) Ако не можете да го вратите забот назад во алвеолата, ставете го во чаша млеко или солена вода. Доколку млекото или солената вода не се достапни, ставете го забот во устата на детето (помеѓу образите и непцата).
6) Побарајте специјализиран стоматолошки третман, во рок од 2 часа од повредата.

Децата помеѓу 7 -та и 10 -тата година се повеќе изложени на авулзија на забите, поради еластичноста на коската на оваа возраст.
Добрата орална хигиена е апсолутно неопходна во периодот на заздравување.

Практичен совет до сите родители

Симнете ја специјализираната апликација ToothSOS на Вашиот мобилен, која ќе Ви помогне правилно и брзо да се справите со денталната траума за време на несреќата.

Д-р Бојан Ангеловски
Д-р Бојан Ангеловски е роден во Скопје на 27.11.1988 година. Основно образование има завршено во ОУ Васил Главинов во Скопје, а матурира со одличен успех во 2007 година во средното медицинско училиште “Д-р Панче Караѓозов” - Скопје на отсекот забни техничари. Истата година се запишува на Факултетот по Стоматологија “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, а дипломира во јуни 2012 година со просек од 9.3. Од својата прва година на факултет, па до завршување на студиите е добитник на државна стипендија за талентирани студенти од Министерството за образование и наука. За време на студентските денови учествува на меѓународни конгреси со теми од областа на стоматологијата. Моментално е лиценциран доктор по стоматологија и член на Стоматолошката комора на Р.С.Македонија. Во 2019 година се запишува на специјалистички студии по детска и превентивна стоматологија на Стоматолошкиот факултет во Скопје каде успешно ја обавува својата специјализација и пракса. Посетува бројни лиценцирани курсеви и обуки како во областа на стоматологијата, така и во делот за личен развој, во државата и странство. Одлично говори англиски, германски јазик и српско-хрватски. Во слободното време ужива во пријатно дружење со пријателите и семејството, возење велосипед, книга, планинарење итн. Со своите совети во областа на детската и превентивна стоматолгоија ќе допринесе читателите на овој сајт да се ги разрешат сите дилеми кои ги имаат во врска со оралното здравје на своите најмили.